Свет
Трамп: Да бев претседател, ќе имаше мир во целиот свет
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп вчера тврдеше дека „слабоста и предавањето“ на претседателот Џо Бајден се виновни за смртоносниот напад со беспилотно летало во Јордан, во кој загинаа тројца американски воени лица.
Во објавата на Truth Social, Трамп се осврна на, како што рече, дрскиот напад со беспилотно летало во Јордан во саботата.
„Нападот со беспилотно летало врз американска база во Јордан, во кој загинаа тројца американски воени лица и многу други беа повредени, означува ужасен ден за Америка. Моето најдлабоко сочувство до семејствата на храбрите војници што ги загубивме“, напиша Трамп.
„Ги замолувам сите Американци да ми се придружат во молитвата. Овој дрзок напад врз Соединетите Американски Држави е уште една ужасна и трагична последица на слабоста и предавањето на Џо Бајден.“, продолжи тој.
Во посебна изјава објавена од кампањата на Трамп во неделата поранешниот претседател го пофали неговото однесување со Иран додека беше во Белата куќа.
„Пред три години Иран беше слаб, банкротиран и целосно под контрола. Благодарение на мојата политика на максимален притисок, иранскиот режим едвај собра два доларa за да ги финансира своите терористички сојузници“, напиша Трамп. „Потоа дојде Џо Бајден и му даде на Иран милијарди долари, кои режимот ги искористи за да шири крвопролевање и масакр на Блискиот Исток.
„Овој напад никогаш немаше да се случи ако јас бев претседател, исто како што никогаш немаше да се случи нападот на Хамас поддржан од Иран, никогаш немаше да се случи војната во Украина и сега ќе имавме светски мир. Наместо тоа, ние сме на работ на трета светска војна“, напиша Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Словенечкиот премиер најави построги безбедносни мерки по убиството
Словенечкиот премиер Роберт Голоб најави засилување на безбедносните мерки и измени во казнената политика по смртта на 48-годишен маж во Ново Место, кој почина по напад, пренесе „Индекс“.
Во телевизиско обраќање, Голоб рече дека државата ќе направи сè за да ја заштити безбедноста на граѓаните, но предупреди дека „репресивните мерки нема да бидат популарни“.
Тој најави двојно зголемено полициско присуство во југоисточниот дел на земјата и рече дека сите институции – полицијата, обвинителството и судството – ќе добијат поголеми овластувања.
„Овој сторител не стана таков преку ноќ. Тој е производ на систем што не функционирал. За да го смениме тоа, ќе биде потребна цела генерација“, изјави Голоб.
Премиерот ги повика сите политички лидери да покажат одговорност и да не ја користат трагедијата за собирање политички поени.
Регион
Курти не успеа да формира влада
Лидерот на Движењето „Самоопределување“, Албин Курти, соопшти дека актуелната влада ќе продолжи да функционира до одржување на нови парламентарни избори, откако денеска во косовското Собрание не доби доволен број гласови за формирање нов кабинет, пренесе „Фонет“.
„Им благодарам на сите пратеници кои го поддржаа предлогот за новата влада и на граѓаните за поддршката. Бидејќи 56 гласа беа за, 52 против, а четворица воздржани, новиот мандат не може да започне. Во меѓувреме, како актуелна влада продолжуваме кон новите парламентарни избори“, напиша Курти на „Фејсбук“, пренесе „Косев“.
По гласањето, претседателот на Собранието, Димал Баџа, изјави дека одговорноста сега преминува на претседателката Вјоса Османи, која најави консултации со сите партии. Доколку не биде формирана влада, Османи ќе распише нови избори во рок од 40 дена.
Опозициските партии веќе порачаа дека нема да се обидат да формираат влада, бидејќи немаат мнозинство.
Свет
Гувернерот на Калифорнија сака да биде претседател на САД
Гувернерот на Калифорнија, демократот Гавин Њусом, изјави во интервју за „Си-Би-Ес“ дека сериозно размислува за кандидатура за претседател на САД во 2028 година, пренесе „Хина“.
Тој нагласи дека конечната одлука ќе ја донесе по изборите за Претставничкиот дом и Сенатот во 2026 година. „Да, би лажел кога би рекол поинаку“, рече Њусом на прашањето дали планира да се кандидира.
Како што потсетува агенцијата, Њусом оваа година ја зацврсти својата позиција во Демократската партија, особено поради честите судири со актуелниот претседател Доналд Трамп.
Инаку, според Уставот на САД, Трамп нема право на трет претседателски мандат.
Изборите за американскиот Конгрес ќе се одржат во ноември 2026 година.
California Gov. Gavin Newsom says he’s open to a presidential run.
The Democrat and frequent Trump critic said he’ll give serious thought to a White House bid after next year’s midterms. “I’d be lying otherwise,” Newsom said, adding that “fate will determine” his decision and a… pic.twitter.com/uD8OqNrnHE
— CBS Sunday Morning 🌞 (@CBSSunday) October 26, 2025

