Свет
Трамп: Лажна вест, не сум останал без пари за кампањата

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, демантира дека останал без пари за кампањата пред изборите на 3 ноември.
Тој на „Твитер“ напиша дека постојано чита лажни вести.
„Се пишуваат разни лаги за мене, дека немам пари за кампањата“, напиша Трамп наведувајќи „дури и сето тоа да беше вистина, јас би ги користел своите пари за кампањата, убеден дека ќе бидам реизбран на 3 ноември“.
„Покрај тоа, имаме толку многу пари и тоа многу поголема сума отколку на претходните избори, а сепак потрошивме значително помалку пари од расипаната Хилари (Клинтон). Згора на сè, лесно победивме“, напиша Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Келог: Не можам да гарантирам продолжување на помошта за Украина, ќе одлучи Трамп

Специјалниот пратеник на САД за Украина и Русија, Кит Келог, денеска изјави дека не може да гарантира дека Вашингтон ќе продолжи да го снабдува Киев со оружје дури и ако Украина го прифати договорот за минерали и дека оваа одлука е на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој рече дека украинската страна била запознаена дека средбата во Овалната соба меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе биде фокусирана на склучување договор за минерали, пренесува АП.
Келог оцени дека средбата „тргнала во погрешна насока“ кога Зеленски наводно се обидел да го убеди Трамп да застане на страната на Киев.
Зеленски, кој инсистираше на тоа дека на Украина и се потребни безбедносни гаранции пред прекинот на огнот со Русија, подоцна рече дека е подготвен да го потпише договорот.
Сепак, Келог рече дека не може да гарантира продолжување на испораката на оружје дури и ако Зеленски го прифати договорот и дека Трамп ќе ја донесе таа одлука.
Келог истакна дека една од причините за суспензијата на американската помош е токму влијанието што таа би го имала врз Украина, а целта, според пратеникот, била Киев да разбере дека Трамп е сериозен за постигнување мир.
Тој посочи дека Украина треба сериозно да размисли за потпишување договор за минерали со САД.
„Кога економски се поврзувате со некого, не ми е гајле дали се работи за франшиза за хамбургери од Мекдоналдс или за благородни метали, вие се инвестирате дипломатски, воено, економски во иднината на оваа земја. И тоа е она што ние се обидуваме да го објасниме“, рече Келог.
Келог рече дека безбедносните гаранции не вклучуваат само испраќање војници и дека нема да има понатамошна дискусија за ова прашање додека не се потпише договор за ова прашање, пренесува Гардијан.
Трамп и Зеленски разменија остри зборови за ситуацијата во Украина, кога Трамп го обвини украинскиот претседател дека е неблагодарен за помошта што неговата земја ја добива од САД и дека покажува „непочитување“, по што беше одложено потпишувањето на договорот за ретки минерали на Украина, што беше најавено.
По неуспешната средба, американскиот претседател изјави дека Зеленски „не бил подготвен за мир“ и дека може да се врати во Белата куќа на разговори кога ќе биде подготвен, пренесува Танјуг.
Свет
Медведев за Макрон: „Самиот Микрон не е голема закана“

Русија ги отфрли европските предлози за испраќање мировници во Украина и рече дека францускиот претседател Емануел Макрон упатил закана дека Москва е сериозна закана за Европа. Во меѓувреме се огласи и поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, кој се потсмеваше на Макрон, нарекувајќи го „Микрон“, пренесуваат светските медиуми.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави во средата, во телевизиско обраќање до нацијата, дека планира следната недела да одржи состанок на европските воени началници кои се подготвени да испратат војници во Украина по евентуалниот мировен договор со Русија. Тој порача и дека Франција мора да биде подготвена доколку САД повеќе не се покрај неа.
Како што пишува Ројтерс, американскиот претседател Доналд Трамп ја смени американската политика кон Украина и Русија, барајќи договор за прекин на војната, критикувајќи ја Украина, а истовремено размислувајќи за обновување на односите со Москва.
Макрон изјави дека Русија е „закана за Франција и Европа“, дека војната во Украина е веќе „глобален конфликт“ и дека ќе иницира дискусија за проширување на францускиот нуклеарен чадор на сојузниците во Европа.
Кремљ го опиша говорот на Макрон како крајно конфронтативен и рече дека е јасно дека сака војната во Украина да продолжи, додека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека изјавата на Макрон претставува закана за Русија.
„Ова е, се разбира, закана за Русија“, изјави Лавров на новинарите во Москва. „За разлика од неговите претходници, кои исто така сакаа да војуваат против Русија – Наполеон, Хитлер – господинот Макрон не постапува многу грациозно, бидејќи тие барем отворено рекоа: „Мора да ја освоиме Русија, мора да ја победиме Русија“.
Лавров, исто така, ги отфрли европските предлози за испраќање мировници од членките на НАТО во Украина, велејќи дека Москва ќе ја смета таквата мисија за присуство на НАТО во Украина, што Русија нема да го дозволи.
Русија и САД се убедливо најголемите нуклеарни сили во светот, со по над 5.000 нуклеарни боеви глави, додека Кина има околу 500, Франција 290 и Обединетото Кралство 225, според Федерацијата на американските научници.
Руските власти тврдат дека острата реторика на Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и другите европски лидери во последните денови не е поддржана од вистинската воена моќ и укажуваат на рускиот напредок на бојното поле во Украина.
„Самиот „Микрон“ не е голема закана. Засекогаш ќе исчезне најдоцна до 14 мај 2027. И никој нема да зажали за него“, изјави поранешниот претседател Дмитриј Медведев.
Свет
Трамп: Мексико нема да плаќа царини за стоки до 2 април

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска изјави дека Мексико нема да мора да плаќа царини за која било стока што спаѓа во трговскиот договор САД-Мексико-Канада до 2 април, пренесува Ројтерс.
„По разговорот со мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум, се согласив дека Мексико нема да мора да плаќа царини за ништо што спаѓа во договорот USMCA (САД-Мексико-Канада)“, напиша Трамп на неговата мрежа.
Како што наведе, овој договор важи до 2 април.
„Ова го направив како отстапка и од почит кон претседателката Шајнбаум. Нашите односи беа многу добри и работиме напорно на границата, како во однос на запирање на илегалните имигранти да влезат во САД, така и во однос на запирање на фентанилот“, напиша Трамп и се заблагодари на мексиканската претседателка за нејзината напорна работа и соработка.
Од друга страна, Шајнбаум рече дека денеска имала „одличен и почитуван“ разговор со нејзиниот американски колега Доналд Трамп, кој се согласил да ги паузира американските царини за мексиканскиот увоз што се во согласност со постоечкиот трговски договор USMCA.
Шајнбаум напиша на платформата X дека САД и Мексико ќе продолжат да работат заедно за да го запрат протокот на опиоидниот фентанил од Мексико во САД, како и борбата против трговијата со оружје од САД во Мексико.
Американскиот секретар за трговија Хауард Лутник претходно денеска изјави дека едномесечното одложување на високите царини за стоки увезени од Мексико и Канада, кое беше одобрено за производи од автомобили, најверојатно ќе биде продолжено на сите производи опфатени со трговскиот договор меѓу САД и Мексико и Канада.
Лутник изјави за CNBC дека се надева дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе го објави продолжувањето денес, еден ден откако ги ослободи автомобилските стоки од царините од 25 отсто што ги воведе на увозот од Канада и Мексико претходно оваа недела.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера одобри едномесечно ослободување од новите царини на увозот од Мексико и Канада за американските производители на автомобили, пренесува Танјуг