Свет
Трамп за Харвард: Се обидуваат да покажат колку се паметни а сè што добиваат е ќотек

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера го обвини Универзитетот Харвард за непочитување на Соединетите Американски Држави, тврдејќи дека единствениот резултат од нивното инсистирање на независност е тоа што тие сè повеќе ги трпат последиците.
Администрацијата на Доналд Трамп се судри со неколку универзитети што ги обвинува за промовирање левичарски идеи, прекинување на финансирањето и обиди за запирање на нивните програми, како што се оние, поврзани со различноста и инклузијата.
Владата ги наведува пропалестинските протести на универзитетските кампуси, како и наводите за толеранција на антисемитизмот, како причини за овие потези.
Сепак, критичарите тврдат дека Трамп ги користи наводите како изговор за притисок и казнување на академските институции што се спротивставуваат на неговите политики.
За разлика од многу други универзитети, Харвард одби да ги исполни барањата на администрацијата на Трамп. Како резултат на тоа, тој наводно изгуби милијарди долари федерални субвенции.
Зборувајќи со новинарите во Белата куќа, Трамп рече дека би сакал Харвард „повторно да биде одличен“, но дека мора „да се однесува добро“.
„Харвард покажува големо непочитување кон нашата земја и сè што прават е пропаѓање“, рече Трамп.
„Тие се обидуваат да покажат колку се паметни и сè што добиваат е ќотек“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израелскиот министер: Ако ајатолахот беше на нишан, ќе го елиминиравме

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац откри во интервју за „Канал 13“ дека Израел имал намера да го елиминира врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, но дека таа можност никогаш не се појавила.
„Да беше на нишан, ќе го елиминиравме. Сакавме да го елиминираме Хамнеи, но немаше оперативна можност“, рече Кац.
На прашањето дали Израел побарал американско одобрение за таква акција, Кац одговори: „Не ни треба дозвола за тие работи“.
Минатата недела, Ројтерс, повикувајќи се на двајца американски функционери, објави дека американскиот претседател Доналд Трамп ставил вето на израелскиот план за атентат врз иранскиот ајатолах.
Трамп подоцна го нарече ајатолахот „лесна цел“ во објава на неговата социјална мрежа Truth Social.
„Знаеме точно каде се крие таканаречениот „врховен лидер“. Тој е лесна цел, но таму е безбеден – сè уште нема да го отстраниме (убиеме)! Но, не сакаме ракети испукани врз цивили или американски војници. Нашето трпение е при крај. Ви благодариме за вашето внимание!“, напиша тој во таа пригода.
Свет
Шефoт на МААЕ: Центрифугите во нуклеарниот комплекс Фордо повеќе не се во функција

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, изјави дека нуклеарната програма на Иран претрпе огромна штета по неодамнешните напади од страна на САД и Израел, пренесува Анадолија.
„Нападите што започнаа на 13 јуни предизвикаа значителна физичка штета на три главни локации: Натанц, Исфахан и Фордо, каде што Иран ги концентрираше поголемиот дел од своите активности за збогатување и конверзија на ураниум“, изјави Гроси за француското радио RFI.
Тој нагласи дека има и други локации кои не биле погодени, но тврди дека штетата е исклучително значајна. „Вистина е дека, со оглед на намалените капацитети, ќе биде многу потешко за Иран да продолжи со темпото со кое работел досега“, истакна тој.
Додаде дека добро ја познава ситуацијата на одредени локации, но повтори дека е потребно инспекторите да излезат на местото на настанот, што не е лесно. Тој особено истакна дека центрифугите на локацијата Фордо повеќе не се во функција.
„Не можеме целосно да процениме, ниту некој може со сигурност да ја каже точната големина на штетата. Но, веќе знаеме дека, со оглед на моќта на тоа оружје и техничките карактеристики на центрифугите, тие повеќе не се во функција. Ова се машини кои бараат прецизно позиционирање, има ротори, делови, па штетата мора да биде целосна“, објасни тој.
Запрашан за одлуката на Иран да ја суспендира соработката со МААЕ, Гроси изрази голема загриженост и рече дека Иран не може еднострано да ја суспендира соработката.
„Присуството на агенцијата во Иран не е чин на добра волја. Тоа е меѓународна обврска. Иран е потписник на Договорот за неширење на нуклеарно оружје и како таков мора да биде предмет на инспекцискиот систем“, рече тој.
Додаде дека ако Иран одбие пристап до инспекторите, апсолутно ќе има последици. На крајот, Гроси рече дека останува разумен и реалистичен, со надеж дека е можно дијалогот да се обнови и инспекциите да продолжат.
Свет
Автобус полн со ученици падна од патот во река во Англија

Утрово околу 10:07 часот, училишен автобус на „Блустар“ што превезувал ученици од средното училиште „Бартон Певерил“ излетал од патот и паднал во реката во Истли. Во моментот на несреќата, во возилото имало 20 лица, односно 19 ученици и возач. Пет лица се хоспитализирани, од кои две со сериозни, но стабилни повреди.
„Сè уште не е познато зошто автобусот излетал од патот. Истрагата е во тек“, рече инспекторот Енди Тестер од полицијата во Хемпшир.
„Можам само да замислам какво застрашувачко искуство мора да било ова за децата и возачот“.
Според изјавите на службите за итни случаи, „бројни ресурси, две хеликоптерски единици, пет амбулантни возила и технички екипи за спасување беа веднаш испратени на терен“. Неколку лица, вклучувајќи го и возачот, беа привремено заробени во возилото, но сите беа успешно евакуирани.
Некои ученици успеаја сами да излезат од превртениот автобус, додека други чекаа помош. Околу 14 лица со полесни повреди беа прегледани и згрижени на лице место. „Беше многу хаотично, но сите служби реагираа брзо и професионално“, рече еден од присутните спасувачи.
Средното училиште Бартон Певерил веднаш отвори информативен центар за родители во The Hub во Бишопстоук и ги повика да не доаѓаат директно на местото на настанот. „Ги молиме родителите за трпение додека не се стабилизира ситуацијата“, соопшти училиштето преку социјалните мрежи.
Полицијата го затвори патот за истрага и отстранување на возилото, а се очекува сообраќајниот дел да остане затворен до пладне. Во спасувањето беа вклучени противпожарни екипи од неколку блиски градови, а граѓаните беа апелирани да ја избегнуваат областа додека трае интервенцијата.