Свет
Трамп: „Има многу лоши гени кај мигрантите во САД“

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека во Соединетите Американски Држави има „многу лоши гени“.
Тој го кажа ова на митинг, додека зборуваше за убиствата наводно извршени од мигранти кои живеат илегално во САД.
„Многу од нив убија многу повеќе од едно лице, а сега живеат среќно во САД. Тоа е во нивните гени. И ние во моментов имаме многу лоши гени во нашата земја“, рече тој.
Трамп мислеше на писмото од Службата за имиграција и царина до републиканскиот претставник Тони Гонзалес, објавено минатиот месец, во кое се покажа дека 13.099 лица осудени за убиство се на списокот на Одборот за имиграција и бегалци на САД (ICE).
Тој список вклучува различни видови имигранти кои влегле во земјата легално и нелегално, а многу луѓе од оваа категорија не се во притвор на имиграциските власти бидејќи се наоѓаат во државни или федерални затвори, пишува Ројтерс.
Во соопштението, кампањата на Трамп ги бранеше коментарите на поранешниот претседател, велејќи дека тој зборува само за убијци, а не за имигранти.
„Претседателот Трамп јасно мислеше на убијци, а не на мигранти. Сосема е одвратно што медиумите секогаш толку брзо ги бранат убијците, силувачите и нелегалните криминалци, ако тоа значи да напишат лош наслов за претседателот Трамп“, рече портпаролката на кампањата на Трамп, Каролин Левит.
Белата куќа ги осуди изјавите на Трамп.
„Таков јазик е омразен, одвратен, несоодветен и нема место во нашата земја“, изјави портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.
Иако има малку податоци за имиграцискиот статус на криминалците, академските истражувачи тврдат дека имигрантите кои живеат во земјата нелегално не вршат злосторства почесто од Американците родени во САД или натурализираните Американци, пренесува Ројтерс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русија: Го задржуваме правото да одговориме со нуклеарно оружје ако Западот не’ нападне

Русија го задржува правото да користи нуклеарно оружје во случај на агресија од западните земји, изјави денеска високиот безбедносен функционер на Москва, Сергеј Шојгу во интервју за државната новинска агенција ТАСС.
Шојгу го кажа ова откако американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс предупредија дека Вашингтон може да се откаже од обидот да преговара за мировно решение во Украина доколку наскоро нема напредок во договорот.
Откако ја презеде функцијата во јануари, Трамп ја смени американската политика кон тригодишната војна, вршејќи притисок врз Украина да се согласи на прекин на огнот, а истовремено го намали притисокот врз Русија.
Шојгу, кој беше министер за одбрана на Русија повеќе од десет години додека не стана шеф на моќниот совет за безбедност со реконструкција на владата минатата година, ги наведе амандманите на нуклеарната доктрина на Москва, одобрени од претседателот Владимир Путин во ноември минатата година.
Според новите услови, Русија би можела да размисли за нуклеарен напад како одговор на конвенционален напад врз неа или нејзиниот сојузник Белорусија што ќе создаде критична закана за нивниот суверенитет и (или) нивниот територијален интегритет.
„Во случај странските земји да извршат непријателски дејствија што претставуваат закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на Руската Федерација, нашата земја смета дека е легитимно да преземе симетрични и асиметрични мерки неопходни за да се потиснат таквите акции и да се спречи нивното повторување“, рече Шојгу.
Свет
Трамп: Русија е подготвена за мир, но Украина не е

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Русија е подготвена да потпише мировен договор, но дека убедувањето на Украина да се согласи со договорот е „потешко отколку што очекуваше“, пренесува Анадолија.
„Мислам дека имаме договор со Русија. Мораме да се договориме со Зеленски и се надевам дека ќе направиме. Мислев дека ќе биде полесно да се договориме со Зеленски. Досега беше потешко. Но, добро, тоа е во ред“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.
Тој додаде дека верува оти има „договор од двете страни“ и изрази надеж дека тој ќе се реализира.
„Сакам да спасувам животи. Трошиме многу пари, но тука се работи за хуманост“, рече Трамп.
Претходно истиот ден, Трамп го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски за изјавата на прес-конференција во вторникот на која тој ја отфрли можноста за признавање на руската окупација на Крим.
„Таа изјава е многу штетна за мировните преговори со Русија, имајќи предвид дека Крим беше изгубен пред многу години, кога претседател беше Барак Обама, и веќе не е ниту тема на разговор“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
„Никој не бара Зеленски да го признае Крим како руска територија, но ако тој го сака тоа, зошто не се бореа за него пред единаесет години кога и беше предаден на Русија без ниту еден истрел?“
На прашањето дали договорот, кој, според него, Русија го прифаќа, вклучува и признавање на рускиот суверенитет над Крим, Трамп нејасно одговори:
„Се е во ред. Видете, јас само сакам војната да заврши. Не ми е гајле. Ако двете страни се среќни и го потпишат договорот, тоа е најважно. Немам фаворити. Сакам само договор. Сакам да се спасат животи“.
Трамп најави дека постои можност за средба со Владимир Путин кон средината на мај, за време на планираната посета на Саудиска Арабија, но додаде дека средбата „најверојатно нема да се случи тогаш“.
„Мислам дека ќе се сретнеме наскоро потоа“, рече тој.
Свет
Универзитетите да примаат студенти врз основа на успехот, а не на малцинствата, нареди Трамп

Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша указ за обврска за откривање на изворите на странско финансирање на високообразовните институции во земјата.
Еден член на персоналот на Трамп покрена сомнеж дека најпрестижните американски универзитети, како што е Харвард, ги прекршуваат законите за откривање на такви донации.
Наредбата има за цел да ги принуди институциите за високо образование да пријават значајни извори на странско финансирање „за да се стави крај на тајноста околу странското финансирање на американските образовни институции… и да се заштитат американските студенти и истражувања од странска експлоатација“.
Трамп потпиша вкупно седум извршни наредби.
Целта на другите е да бараат од универзитетите да примаат студенти врз основа на нивниот успех, а не критериуми врз основа на застапеноста на малцинствата.
„Мојата администрација ќе го реформира нашиот нефункционален систем за акредитација, така што колеџите и универзитетите ќе се фокусираат на обезбедување висококвалитетни академски програми“, се вели во извршната наредба.
Трамп ги обвини Харвард и другите елитни американски универзитети дека следат левичарска идеологија и дозволуваат антисемитизам.
За разлика од другите универзитети кои беа под притисок, Харвард досега одбиваше да ги спроведе промените за вработувањат и приемот.
Претседателот, исто така, сака да ја прекине програмата Различност, еднаквост и вклучување (DEI).
Како одговор на ставот на Харвард, администрацијата на Трамп замрзна милијарди финансирање, што универзитетот го оспорува на суд.