Свет
Трамп му постави ултиматум на Хамас: „Имате рок до недела во 18 часот или ќе се спушти пекол каков што никој не видел до сега“
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, остро го критикуваше Хамас и се потсети на масакрот од 7 октомври. Трамп тврдеше дека повеќе од 25.000 членови на Хамас се убиени, а останатите ги опиша како „опкружени и под воена опсада“. Тој изјави дека Палестинците треба да ги напуштат опасните области на Газа и му постави ултиматум на Хамас да се согласи на договор до 18:00 часот по вашингтонско време во недела, велејќи им на членовите на Хамас дека ова е нивната „последна шанса“.
„Хамас со години е немилосрдна и насилна закана на Блискиот Исток! Тие убиваат (и го прават животот неподнослив), што кулминира со масакрот на 7 октомври во Израел – бебиња, жени, деца, стари лица и многу млади мажи и жени, момчиња и девојчиња кои се подготвуваа да го прослават својот иден живот заедно. Како одмазда за нападот врз цивилизацијата на 7 октомври, над 25.000 „војници“ на Хамас веќе се убиени. Повеќето од останатите се воено опкружени, само чекајќи да дадам збор „Оди“ за брзо да им ги завршат животите.
Што се однесува до вас останатите, знаеме каде сте и кои сте, и ќе бидете прогонувани и убиени. Ги молам сите невини Палестинци веднаш да ја напуштат оваа област на потенцијално крвопролевање и да се преселат во побезбедните делови на Газа. Сите ќе бидат добро згрижени од оние кои се подготвени да помогнат. За среќа на Хамас, сепак, ќе им се даде последна шанса! Големите, моќни и многу богати држави на Блискиот Исток и околните области, заедно со Соединетите Американски Држави се имаат договорено во согласност со Израел – за Мир по 3000 години на Блискиот Исток.
Овој договор ги спасува исто така животите на сите преостанати борци на Хамас. Деталите од документот се познати на светот и тоа е одличен договор за секого! Ќе имаме Мир на Блискиот Исток, на еден или друг начин. Насилството и крвопролевањето ќе престанат. Ослободете ги сите заложници вклучително и телата на мртвите сега! Мора да се постигне договор со Хамас до недела во осумнаесет по време во Вашингтон.
Секоја земја се приклучи (на договорот, ур.)! Ако не се постигне овој договор последна шанса, врз Хамас ќе се спушти пеколот каков што никој досега не го видел. Ќе има мир на Блискиот Исток на еден или друг начин“, објави Трамп.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Португалија планира забрана за социјални мрежи за деца под 16 години
Португалија планира да воведе забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 16 години, според предлог-закон поднесен во парламентот по примерот на Австралија и Франција. Со законот се воведува таканаречена „дигитална полнолетност“ на 16 години.
За тинејџерите од 13 до 16 години, пристапот до социјалните мрежи би бил дозволен само со согласност од родителите, а платформите би морале да воведат системи за проверка на возраста и родителско одобрување, усогласени со државниот софтвер.
Предлагачите наведуваат дека научните истражувања покажуваат дека раната употреба на социјални мрежи може негативно да влијае врз социјалниот и когнитивниот развој на децата и да поттикне зависност.
Предлогот е дел од поширок европски тренд за заштита на младите на интернет, откако Австралија воведе ваква забрана, а Франција неодамна изгласа ограничување за деца под 15 години. И други европски земји се залагаат за заедничко решение на ниво на ЕУ.
Свет
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма, во време на зголемени воени тензии и засилено американско воено присуство во регионот, пишува Гардијан.
Иранскиот министер за надворешни работи Абaс Аракчи навести дека разговорите би можеле да започнат наскоро, додека американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со Иран се водат „сериозни разговори“.
Според иранската агенција Фарс, претседателот Масуд Пезешкијан дал налог да започнат нуклеарни преговори со САД. Американски и ирански изасланици би можеле да се сретнат во Истанбул, заедно со претставници од неколку арапски и муслимански земји, со цел да се разговара за можен нов нуклеарен договор.
Разговорите доаѓаат по сериозни воени судири и напади врз ирански нуклеарни постројки минатата година, како и по стотици ракетни напади на Израел. САД во меѓувреме распоредија носачи на авиони, воени бродови и борбени авиони во регионот. Трамп бара нов договор со кој би се запрела продукцијата на високо збогатен ураниум.
Истовремено, во Иран расте загриженоста дека евентуален ограничен американски напад би можел да предизвика нов бран протести и дополнителна дестабилизација, додека регионалните актери се подготвуваат за можни сценарија на ескалација.
Свет
Епстин со години се обидувал да дојде до Путин, покажуваат новите документи
Во новообјавените документи на американското Министерство за правда, поврзани со случајот на Џефри Епстин, името на рускиот претседател Владимир Путин се споменува повеќе од 1.000 пати.
Документите содржат бројни електронски пораки во кои Џефри Епстин се распрашува за можноста за средба со Путин и се повикува на лица кои ги опишува како негови блиски контакти.
Во електронска порака од октомври 2010 година, испратена до лице чија адреса е сокриена, тој прашал: „Дали го имаше Путин на својот брод?“.
Подоцна истата година, при поднесување барање за руска виза, наводно напишал: „Дали треба да извадам виза? Имам пријател на Путин, дали него да го прашам?“. Во август 2011 година, на еден бизнисмен од Обединетите Арапски Емирати му напишал дека „Путин можеби доаѓа во САД. Попрво би го видел таму, така што Сочи е малку веројатно“.
Епстин во повеќе наврати му пишувал на Торбјорн Јагланд, тогашен генерален секретар на Советот на Европа и поранешен норвешки премиер, за можноста за средба со Путин. Така, во мај 2013 година му јавил дека Бил Гејтс ќе биде во Париз и додал: „Путин е добредојден да ни се придружи на вечера“.
Во јануари 2014 година го замолил Јагланд да „му објасни на Путин дека на Русија ѝ е потребна понапредна верзија на Биткоин“, а во јули 2015 година напишал дека „сè уште сака да се сретне со Путин и да разговара за економијата“. Во јуни 2018 година напишал дека би „сакал“ да го запознае Путин и понудил средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, наведувајќи дека претходно се среќавал со рускиот амбасадор при ОН, Виталиј Чуркин.
Во еден извештај на ФБИ од 2017 година, базиран на доверлив извор, Епстин е наведен како „финансиски советник“ на Путин и на други странски лидери.
Материјалите, кои опфаќаат милиони страници документи, фотографии и видеа, се дел од долготрајната истрага за криминалните активности на Епстин.

