Свет
Трамп набргу ќе воведе санкции против Русија: „Конечно, почнува да разбира кој е, всушност, Путин“
Американскиот претседател Доналд Трамп размислува да воведе нови санкции врз Русија оваа недела бидејќи е сè повеќе фрустриран од континуираните напади на Русија врз Украина и бавниот напредок во мировните преговори, изјавија извори блиски до него за „Волстрит џурнал“.
Според еден извор, санкциите, веројатно, нема да вклучуваат нови мерки против банките, но се разгледуваат други опции за да се изврши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин да се согласи на отстапки, вклучително и 30-дневен прекин на огнот поддржан од Украина, што Русија досега цврсто го отфрла.
Во неделата Трамп коментира за можноста за нови мерки велејќи дека апсолутно ги разгледува. „Тој убива многу луѓе“, рече Трамп за Путин. „Не знам што му е. Што му се случи, по ѓаволите?“, додаде тој.
Според истите извори, Трамп го губи трпението со мировниот процес и размислува целосно да го напушти доколку најновиот обид не успее, што би бил ненадеен пресврт на настаните за претседател, кој ја темелеше својата кампања на ветување дека ќе ја заврши војната уште на првиот ден од мандатот. Не е јасно што би се случило ако САД се повлечат од преговорите, ниту дали Трамп ќе продолжи да ѝ обезбедува воена помош на Украина.
„Претседателот Трамп е јасен – тој сака договор за мир преку преговори“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, во изјава за „Волстрит џурнал“. „Исто така е мудро да се држат сите опции отворени“.
И покрај многуте обиди, Трамп не успеа да изнуди поголеми отстапки од Путин во преговорите, а рускиот претседател дополнително ги засили воените операции. Неколку часа по коментарите на Трамп во неделата, Русија го почна својот најголем напад со беспилотни летала и ракети врз Украина досега. Русија ги опиша нападите како одмазда за украинските напади на нејзина територија.
Во понеделникот германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека САД, Германија, Франција и Велика Британија повеќе нема да го ограничуваат опсегот на оружје што го испорачуваат на Украина, што значи дека Украина сега може да напаѓа и воени цели подлабоко во Русија. Досега, западните ракети можеа да се користат само против руски цели во одреден дострел. Администрацијата на претседателот Бајден претходно се спротивстави на укинување на овие ограничувања плашејќи се од ескалација на војната. Белата куќа не сакаше да ја коментира одлуката.
Ставовите на Трамп кон Путин се менуваа од почетокот на неговиот мандат. Иако повремено упатуваше остри критики и размислуваше за санкции, тој зборуваше и за можностите за намалување на трговските бариери и привлекување американски инвестиции во Русија. Но, во неделата тој беше необично суров: „Го познавам долго време, секогаш имавме добри односи, но сега испраќа ракети во градовите и убива луѓе, а тоа воопшто не ми се допаѓа“, рече тој. „Додека зборуваме, тој испраќа ракети кон Киев и други градови. Тоа воопшто не ми се допаѓа“.
„Се чини дека претседателот Трамп почнува да сфаќа кој е, всушност, Владимир Путин“, рече Вилијам Тејлор, поранешен американски амбасадор во Украина. „Прашањето е дали тој го мисли ова сериозно? Дали тоа ќе доведе до конкретни потези, до санкции?“ Тејлор додава: „Од неговите коментари се чини дека Трамп е блиску до заклучок – или веќе заклучил – дека Путин е пречка за мир“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

