Свет
Трамп нема да ја напушти Републиканската партија
Претседателскиот комитет на кампањата „Доналд Трамп за претседател“ ги отфрли шпекулациите дека се занимава со заеднички активности за собирање средства со Патриотската партија, основана минатата недела во Џорџија, пренесува „Спутник“.
Комитетот рече дека контактирал со Федералната изборна комисија (ФЕЦ) од загриженост дека јавноста може да биде наведена да поверува дека активностите на Патриотската партија се одобрени од експретседателот или неговата кампања кога тоа не е точно.
На 22 јануари Мајкл Џозеф Гол објави документ до ФЕЦ во кој тврди дека кампањата на Трамп собира средства заедно со Патриотската партија.
„Ние не го поддржуваме овој напор, немаме ништо со тоа и знаеме за тоа само преку јавното известување“, рече портпаролот на Трамп, Џејсон Милер во СМС-порака.
Кампањата на Трамп исто така истакна дека тој не планира да ја напушти Републиканската партија за да формира нова организација. Милер рече дека експретседателот е посветен на реизборот на републиканците на идните избори.
По неговиот пораз на претседателските избори во 2020 година, Трамп навести дека може да се кандидира за претседател во 2024 година.
„Ние се обидуваме да добиеме уште четири години. Во спротивно, ќе се видиме за четири години”, им рече републиканецот на новинарите на прием во Белата куќа во декември 2020 година.
Само еден претседател на САД отслужи два последователни мандати, демократот Гровер Кливленд избран во 1884 и во 1892 година.
Шпекулациите за можно враќање на Трамп се интензивираа во деновите пред инаугурацијата на Џо Бајден, а медиумите објавија дека бизнисменот политичар сака да формира своја партија бидејќи се вознемири зашто некои републиканци одбија да ги поддржат неговите тврдења дека демократите ги местат изборите.
Без оглед дали е вистина или не, неговата судбина сега лежи во рацете на американскиот Сенат бидејќи се соочува со второто судење за импичмент.
Претставничкиот дом ја одобри постапката претходно овој месец со префрлување на процесот во Сенатот. Судењето е закажано на 9 февруари. За да биде осуден, потребно е двотретинско мнозинство. Сенаторите може да гласаат и за забрана Трамп повторно да добие јавна функција.
.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.