Свет
Трамп: Откако реков дека ја мразам Тејлор Свифт, таа веќе не е толку популарна
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и британскиот премиер, Кир Стармер, потврдија дека разговарале со американскиот претседател, Доналд Трамп, но се чини дека вниманието на Трамп не беше окупирано од денешниот мировен самит за Украина, туку од американските музички ѕвезди.
На неговата платформа „Truth Social“, Трамп објави две пораки во кои ги нападна Тејлор Свифт и Брус Спрингстин.
Во првата објава, Трамп напиша дека Свифт „веќе не е толку популарна“ затоа што, како што вели, „рекол дека ја мрази“.

Во друга објава, неколку минути подоцна, Трамп го нарече Спрингстин „страшно преценет“ и рече дека „треба да си молчи“.

Негодувањето дојде откако Спрингстин, за време на отворањето на неговата турнеја во Велика Британија, го нарече Трамп „неспособен за функцијата“.
„Во мојата Америка, онаа што ја сакам и за која пишував, која е симбол на надежта и слободата, моќта моментално е во рацете на корумпирана, некомпетентна и предавничка администрација“, рече Спрингстин на сцената.
Пејачот на „Dancing In The Dark“ е долгогодишен поддржувач на Демократската партија и познат по своите остра критика кон републиканците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лавров: Европа се подготвува за војна
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја оцени состојбата на безбедносната архитектура во Евроазија на Меѓународната конференција за евроазиска безбедност во Минск, зборувајќи за „агресивните планови на Западот“, проширувањето на НАТО, перспективата за решение на конфликтот во Украина и односите со Вашингтон.
Лавров предупреди дека Русија нема да дозволи Евроазија да стане „феуд на НАТО“, обвинувајќи ги западните земји дека „се подготвуваат за нова голема војна“, објави РИА Новости.
Тој оцени дека Алијансата „ги проширува своите активности кон Арктикот и Тихиот Океан“ со цел да ја ограничи Кина и да ја изолира Русија.
„Многу пати сме рекле дека никогаш немавме, ниту имаме намера да нападнеме која било моментална членка на НАТО или ЕУ. Подготвени сме да ја вклучиме оваа позиција во идните безбедносни гаранции за овој дел од Евроазија, но лидерите на ЕУ избегнуваат да ги разгледуваат овие идни гаранции на вистински колективна основа“, рече Лавров, наведувајќи ги договорите меѓу Франција и Велика Британија за координација на нуклеарните сили и договорот меѓу Лондон и Берлин за воена соработка како доказ за милитаризацијата на Европа.
Зборувајќи за новата безбедносна архитектура на Евроазија, Лавров повика на создавање „панконтинентална структура отворена за сите земји од регионот“, заснована на принципите на суверена еднаквост и неделивост на безбедноста.
„За разлика од Западот, Русија и нашите партнери – Кина, Индија, Иран, земјите од ЗНД – се убедени дека стабилноста и просперитетот бараат еднакви права за сите земји, а не доминација на привилегираните“, рече Лавров.
Осврнувајќи се на конфликтот во Украина, рускиот министер ги обвини европските членки на НАТО за продолжување на војната со „пумпање оружје и пари за режимот во Киев“.
„Европските лидери прават сè за да го убедат Вашингтон да се откаже од решавањето на конфликтот на преговарачка маса“, рече Лавров.
Тој додаде дека Москва ги полага своите надежи на договорите постигнати меѓу претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп на самитот во Алјаска, велејќи дека Русија очекува САД да останат посветени на тие принципи.
Зборувајќи за билатералните односи со Вашингтон, Лавров рече дека Русија предложила враќање на директниот воздушен сообраќај, но дека „американската страна не му дава приоритет“.
Тој исто така истакна дека Москва очекува одговор од САД на нејзиниот предлог за нов договор за намалување на стратешкото оружје, како и на тестирањето на руските крстосувачки ракети „Буревестник“.
„Не слушнав никаков одговор преку дипломатски канали. Сите молчеа“, заклучи Лавров, пренесува Танјуг.
Фотот: принтскрин
Свет
Пожар на крузер на Нил, евакуирани 60 италијански туристи
Денес избувна пожар на туристичкиот крузер „Емпрес“ што плови по Нил во близина на Луксор во Египет. На бродот имало околу 60 италијански државјани, но никој не е повреден и сите патници се безбедни, потврди италијанското Министерство за надворешни работи Фарнезина, објавува „Ил Месаџеро“.
Фарнезина соопшти дека внимателно ја следат ситуацијата заедно со амбасадата во Каиро и дека министерот Антонио Тајани е информиран за сè. За какви било итни случаи, италијанските граѓани ги имаат на располагање броевите на амбасадата во Каиро и на Кризната единица.
Сите патници се згрижени
Евакуираните туристи веднаш беа згрижени од туристичките оператори Corsini Viaggi и Travco Tours.
Пожар предизвикан од краток спој
Според првичната истрага, пожарот избувнал во кујната на бродот додека бил закотвен во пристаништето на селото Асфун. Причината бил електричен краток спој во еден од кујнските апарати. Пожарникарите брзо го изгаснале пламенот пред да се прошири на остатокот од крузерот, а во инцидентот нема повредени туристи или членови на екипажот.
Истрагата е во тек
Сите патници се префрлени на други бродови од безбедносни причини, додека властите започнаа со инспекција на бродот за да ја утврдат точната причина за пожарот. За инцидентот е известено и државното обвинителство, кое ќе спроведе официјална истрага.
Фото: принтскрин
Свет
Белорусија ќе распореди руски ракетни системи „Орешник“ на своја територија
Белорусија ќе распореди руски ракетни системи „Орешник“ на своја територија во декември, објави денес кабинетот на белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Се вели дека подготовките за распоредување на ракетите се при крај, објавува Ројтерс.
Лукашенко изјави дека распоредувањето на хиперсоничните балистички ракети „Орешник“ е одговор на ескалацијата од Западот.
Ракетите „Орешник“ беа вклучени во заеднички маневри меѓу Русија и Белорусија минатиот месец.
Фото: принтскрин

