Свет
Трамп планира да почне со масовна депортација на мигранти во Чикаго, пишува „Волстрит журнал“
Претседателската администрација на САД на Доналд Трамп планира да почне голема имиграциска депортација во Чикаго ден по неговото преземање на функцијата, објави „Волстрит журнал“, цитирајќи четири лица запознаени со планот.
Депортацијата која се очекува да започне во вторник, ќе трае цела недела, пишува американскиот весник, додавајќи дека американската служба за имиграција и царина ќе испрати меѓу 100 и 200 службеници за да ја спроведат операцијата, пренесе Ројтерс.
Највисокиот граничен функционер на претстојната администрација, Том Хоман, на настан во градот рече дека акцијата ќе започне во Чикаго, Илиноис, објави американскиот весник.
„Ако градоначалникот на Чикаго не сака да помогне, може да си замине. Но, ако нè попречува, ако свесно крие илегални мигранти, ќе го гониме“, рече Хоман, според овие извори.
Имиграцијата беше во центарот на кампањата на Трамп пред претседателските избори на 5 ноември.
„Од моментот на мојата инаугурација, ќе ја започнеме најголемата операција за домашна депортација во американската историја“, рече Трамп минатата година.
Тимот на Трамп се уште не одговорил на барањето на Ројтерс за коментар.
Како што пренесуваат локалните медиуми од Чикаго, многу семејства и луѓе се исплашени и не знаат што да очекуваат.
Трамп вети дека ќе ја изврши најголемата депортација на илегални имигранти во американската историја. Во интервју за магазинот „Тајм“ во декември, кое го прогласи за личност на годината, тој рече дека планира да ја искористи американската војска во ова, максимално законски можно. Неговото ветување покрена прашања за тоа колку е изводлива и легална таква операција.
За време на неговата претседателска кампања, Доналд Трамп рече дека илегалната имиграција е најлошиот од сите американски проблеми:
„Ќе ја имаме најголемата депортација во историјата. Не сум горд на тоа, но тоа е многу тешко да се направи“, рече тој.
По победата на изборите, Трамп сподели објава на своите социјални мрежи во која наведува дека ќе прогласи национална вонредна состојба и ќе распореди американски војници да учествуваат во депортации.
Сè уште не е јасно како американската војска би можела да се искористи за да го исполни ветувањето за масовни депортации, вели Џозеф Нун, професор по право на Универзитетот во Њујорк.
„Се зависи од тоа што точно размислува претседателот кога вели дека сака да ја користи војската – дали сака војската директно да учествува во депортации или да обезбеди поиндиректна поддршка за федералните операции“, изјави тој претходно за Гласот на Америка.
Новиот граничен службеник, Хоман, планира поагресивен пристап, ставајќи акцент на операциите за депортација и поголемо воено учество.
Хоман цитира извештај од Одделот за домашна безбедност кој покажува дека повеќе од 32.000 малолетници без придружба ги пропуштиле судските состаноци, додека повеќе од 290.000 не ги ни добиле судските датуми. Експертите за имиграција тврдат дека тоа не мора да значи дека тие исчезнале. Некои сè уште може да се лоцираат на адресите што им ги дале на властите.
– Масовната депортација не е единствената опција. Наместо тоа, Конгресот би можел да создаде нов пат до постојан правен статус, дозволувајќи им на многу луѓе кои веќе живеат овде да аплицираат, да поминат низ проверка, да платат такси и да ги средат своите документи, објасни Арон Рајхлин-Мелник од Советот за имиграција за Гласот на Америка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во лизгањето на земјиштето во Индонезија 25 луѓе го загубија животот
Спасувачите денеска ги прекинаа операциите за пребарување на жртвите во лизгањето на земјиштето во индонезиската покраина Западна Јава, откако беа пронајдени 14 тела на вториот ден од операциите, со што вкупниот број потврдени жртви достигна 25, пренесе ДПА, повикувајќи се на официјален претставник.
Обилните дождови што почнаа еден ден претходно предизвикаа лизгање на земјиштето вчера изутрината во близина на село во округот Западен Бандунг.
Официјални претставници изјавија дека до 80 лица се уште се водат како исчезнати.
„Сите тела беа евакуирани до 16 часот во центарот за идентификација на жртвите од катастрофата. Подоцна во текот на денот, спасувачките операции беа прекинати поради безбедносни причини, бидејќи условите на теренот во погодената област останаа нестабилни и постоеше ризик од понатамошно лизгање на земјиштето“, изјави Аде Диан Пермана, раководител на службата за пребарување и спасување во Бандунг.
Лизгањето на земјиштето често се случува во Индонезија за време на дождовната сезона, особено во густо населените и планински области на Јава, најнаселениот остров во земјата, пренесе ДПА.
Свет
Зеленски побара од сојузниците повеќе муниција за одбрана на Укаина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска побара од сојузниците повеќе муниција за противвоздушната одбрана на Украина со цел подобро да се спротивстави на руските напади, што оставија стотици илјади жители на Киев без електрична енергија и греење сред зима.
„Само оваа недела, Русите лансираа повеќе од 1.700 борбени беспилотни летала, повеќе од 1.380 наведувани бомби и 69 ракети од различни видови. Затоа ракетите за системите за противвоздушна одбрана се потребни секој ден, и ние продолжуваме да соработуваме со САД и Европа за да обезбедиме подобра заштита на нашиот воздушен простор“, рече Зеленски по пристигнувањето во Вилнус, објавија француските медиуми.
Зеленски во Вилнус се сретна со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа. На средбата станало збор за поддршката на украинскиот енергетски систем и воената соработка меѓу двете земји.
Свет
Поради снежно невреме повеќе од 700.000 домови во САД останаа без струја
Снежно невреме го погоди поголемиот дел од САД, оставајќи стотици илјади луѓе без струја, додека влошување на временските услови се очекува и во областите на Њујорк, Филаделфија и Вашингтон.
Најтешко погодени се државите Мисисипи, Луизијана и Тексас, каде што околу 730.000 домаќинства останаа без струја, а се проценува дека дури 190 милиони луѓе се изложени на ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија и греење.
Невремето зафати површина од околу 3.000 километри, од Ново Мексико до Мејн, а во неколку држави е прогласена вонредна состојба. Снежните врнежи и мразот предизвикаа големи проблеми во сообраќајот, затворање на патиштата и откажување на илјадници летови.
Властите ги повикуваат граѓаните да останат дома, додека центри за затоплување на населението се отворени во Њујорк и Вашингтон.

