Свет
Трамп повтори дека сака САД да ја поседуваат Газа: „Палестинците нема да имаат право да се вратат“
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Палестинците нема да имаат право да се вратат според неговиот план ако ги иселат од Газа.
Во интервју за Фокс њуз, чиј дел беше објавен денеска, на новинарско прашање дали Палестинците ќе имаат право да се вратат на териториите уништени од војната, Трамп одговори: „Не, нема, бидејќи ќе имаат многу подобро место за живеење“, рече тој.
„Со други зборови, зборувам за тоа да им изградам нивно постојано место, бидејќи ако треба да се вратат сега, ќе поминат години пред да можат да живеат таму, вие не можете да живеете таму“, додаде Трамп.
Кога Трамп минатата недела го прими израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Вашингтон, рече дека САД ќе ја преземат контролата врз Појасот Газа и дека ќе се ослободат од уништените згради со цел економски да ја развијат територијата. И според него, палестинското население треба да биде раселено. Неговите зборови беа осудени од многу земји во светот. Сега тој повтори дека Палестинците од Газа можат да одат да живеат во Јордан или Египет и покрај противењето на тие земји и многу други, како и на самите Палестинци, пренесуваат светските медиуми.
Во интервјуто, кое интегрално се очекува да биде објавено вечерва, американскиот претседател рече дека САД ќе градат „прекрасни заедници“ за околу два милиони жители на Газа.
„Ќе можат да имаат пет, шест или две. Но, ќе изградиме безбедни заедници, малку подалеку од местото каде што се, каде е целата оваа опасност“, додаде Трамп.
„Посветен сум на купување и поседување на Газа. Кога станува збор за тоа ние да го обновиме, би можеле да дозволиме и другите земји на Блискиот Исток да изградат делови од него. Други луѓе би можеле да го направат тоа под наше покровителство. Но, ние сме посветени да бидеме сопственици, да го преземеме и да се погрижиме Хамас да не се врати“, рече Трамп без да објасни од кого ќе ја купи Газа и како САД ќе бидат сопственик на таа територија, пишува Би-Би-Си.
Тој вети дека „ќе се грижи за Палестинците“.
„Тие не сакаат да се вратат во Газа, тие се враќаат само затоа што немаат алтернатива“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рејтингот на Трамп достигна ново најниско ниво
Поддршката за американскиот претседател Доналд Трамп падна на најниско ниво во неговиот втор мандат, покажува нова анкета.
Според анкета спроведена од The Washington Post, ABC News и Ipsos, 60 проценти од возрасните Американци не го одобруваат работењето на претседателот, додека 39 проценти го поддржуваат.
Истражувачите велат дека рејтингот на неодобрување од 60 проценти е највисок од нападот врз американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, на крајот од неговиот прв мандат. Како што истакнуваат, ова е најниското ниво на поддршка во тековниот дел од неговиот втор мандат.
Рејтингот на претседателот би можел да игра клучна улога на претстојните среднорочни избори, на кои ќе се изберат претставници и сенатори во клучните федерални држави. Исходот би можел да го промени балансот на моќта во Вашингтон, бидејќи Републиканската партија се стреми да одржи тесно мнозинство во двата дома на Конгресот. Иако Трамп нема да биде директно на гласачкото ливче, изборите се сметаат за еден вид референдум за неговите перформанси.
Анкетата беше спроведена од 12 до 17 февруари меѓу 2.589 возрасни лица, со маргина на грешка од ±2 процентни поени.
Статистичарот и политички аналитичар Нејт Силвер минатата недела објави на својот блог „Силвер билтен“ дека рејтингот на одобрување на Трамп паднал на нето минус 15 поени, со 40,5 проценти одобрување и 55,5 проценти неодобрување, што исто така го означува најниското ниво од неговиот втор мандат. До недела, тој резултат малку се подобри на минус 13,6 поени.
Во исто време, анкетата од 5 до 8 февруари спроведена од Асошиејтед Прес и NORC на Универзитетот во Чикаго покажа дека Трамп има 36 проценти одобрување и 62 проценти неодобрување, нето минус 26 поени, што е изедначување на неговиот најнизок резултат во ноември со истиот анкетар.
фото/Depositphotos
Свет
Поранешен шеф на ДЕА: За фаќањето на Ел Менчо заслужно е Мексико, а не Трамп и Америка
Соединетите Американски Држави се обидуваат да ја преземат заслугата за вчерашната операција предводена од мексиканските сили, изјави поранешниот шеф на Агенцијата за борба против дрога на САД.
Синоќа насилството се прошири низ Мексико откако еден од најбараните мексикански нарко-босови, Ел Менчо, беше убиен во акција.
Во разговор за канадската CBC News, поранешниот висок функционер на Администрацијата за борба против дрога (ДЕА), Мајк Вигил, рече дека операцијата е спроведена со поддршка на американското разузнавање, но дека тоа не е победа што Вашингтон би можел да ја прогласи.
„Администрацијата на Доналд Трамп се обидува да ја преземе заслугата за оваа операција, која е 100 проценти дело на Мексико… и тие ја заслужуваат целата заслуга“, рече Вигил.
Трамп претходно на својата социјална мрежа Truth Social објави дека Мексико мора „да ги зголеми напорите против картелите и дрогата“.
Вигил, исто така, оцени дека ликвидацијата на водачот на картелот Немесио Осегуеро Сервантес, познат како „Ел Менчо“, ќе предизвика психолошки превирања во неговата организација, бидејќи членовите го сметале за „непобедлив“.
фото/ЕПА
Свет
Повеќе од илјада луѓе заробени во зоолошка градина во Мексико, меѓу нив има и деца
Повеќе од 1.000 луѓе, вклучувајќи деца, беа заробени преку ноќ во зоолошка градина во Гвадалахара и беа принудени да ја поминат ноќта во автобуси поради насилството во областа.
За потсетување, насилството се прошири низ Мексико синоќа откако еден од најбараните нарко-босови во Мексико, Ел Менчо, беше убиен.
Повеќе од 50 луѓе беа убиени во последователните судири меѓу картелите и државните сили, а улиците на градовите на западот од земјата се празни.
Директорот на зоолошката градина, Луис Сото Рендон, рече дека некои семејства од држави како Закатекас и Мичоакан биле блокирани речиси 24 часа.
„Одлучивме да им дозволиме на луѓето да останат во зоолошката градина за нивна безбедност“, рече Сото. „Меѓу нив има мали деца и постари лица.“
Сепак, утрово, мајки со мали деца беа видени како излегуваат од автобуси, додека полициски возила ја обезбедуваа областа околу зоолошката градина.
фото/ЕПА

