Свет
По преземањето на функцијата, Трамп испрати предупредување до Путин: „Ја уништувате Русија“
Доналд Трамп упати предупредување до рускиот претседател Владимир Путин само неколку часа по преземањето на функцијата по инаугурацијата.
Трамп рече дека Путин ја уништува Русија и го повика да склучи договор со Украина за да се стави крај на војната.
„Тој мора да постигне договор. Мислам дека ја уништува Русија со тоа што нема да постигне договор. Мислам дека Русија ќе биде во голема неволја. Тој работи напорно, но повеќето луѓе мислеа дека војната ќе трае една недела, а сега поминаа три години“.
Трамп предупреди дека инфлацијата е голема закана за Русија и дека руската економија тоне.
Путин рече дека сака исход што ќе ја фаворизира Русија, но индицира подготвеност да разговара со Трамп.
Набргу се очекува да има телефонски разговор меѓу двајцата лидери. Трамп најави и можност за средба со Путин, со кого вели дека имал одлични односи за време на првиот мандат.
Рускиот претседател изјави: „Отворени сме за дијалог со новата американска администрација за украинскиот конфликт. Најважно е да се елиминираат причините за кризата. Ќе се обидеме да го направиме тоа што е можно побргу. Знаете, војната меѓу Русија и Украина никогаш не требаше ни да почне“.
Додека беше во Овалната соба, Трамп рече дека и Зеленски е подготвен за договор.
Трамп се пошегува и за неговото предизборно ветување дека ќе го прекине конфликтот за 24 часа: „Тоа е само половина ден“. Ја имам втората половина од денот. Ќе видиме“.
Путин, по повод инаугурацијата на Трамп, рече: „Гледаме изјави на новоизбраниот американски претседател и членовите на неговиот тим за желбата да се обноват директните контакти со Русија, кои не на наша вина беа прекинати од претходната администрација. Ги слушаме и неговите изјави за потребата да се направи сè што е можно за да се спречи трета светска војна. Се разбира, ја поздравуваме оваа позиција и му честитаме на новоизбраниот американски претседател за преземањето на функцијата“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

