Свет
Трамп се закани со затворање социјални мрежи и доби брз одговор од основачот на „Твитер“
Американскиот претседател, Доналд Трамп, вчера се закани дека ќе донесе регулативи поврзани со социјалните мрежи и веќе денес планира да потпише извршна наредба во врска со овие платформи.
Гневот на американскиот претседател е насочен, пред сè, кон неговата омилена платформа „Твитер“, која неделава првпат покрај твит на Трамп објави предупредување дека е неопходно да се проверат фактите во неговите наведени изјави, кои, според многумина, не биле вистинити.
„Републиканците сметаат дека социјалните мрежи целосно ги задушуваат конзервативните гласови. Ние ќе донесеме силни регулативи или попрво ќе ги затвориме отколку да допуштиме такво нешто да се случува“, напиша Трамп на „Твитер“.
Доцна синоќа, секретарката за медиуми на Белата куќа, Кејли мек Енејни, објави дека Трамп ќе потпише извршна наредба во врска со социјалните медиуми, без да прецизира детаљно за што станува збор.
Синоќа, основачот на „Твитер“, Џек Дорси, индиректно му одговори на претседателот велејќи дека компанијата ќе продолжи да укажува на неточни или контроверзни информации за изборите воопшто.
„Ова нас нè прави арбитри на вистината“, напиша Дорси на „Твитер“.
„Клучно е да се даде поголема транспарентност од наша страна“, истакна тој.
„Твитер“ им порача на луѓето дека може да ги обезбеди линковите до нови вести, кои честопати се во спротивност со оние што ги нуди Трамп. Тој неодамна изнесе теорија на заговор дека ТВ-презентер, кој претходно бил пратеник, ја убил својата помошничка за време на неговиот мандат во парламентот.
Семејството на жената, која починала од природна смрт, побарала од „Твитер“ да ги отстрани објавите, но компанијата одбила.
Со години во републиканските кругови се создава јаз кон некои големи социјални мрежи, кои ги обвинуваат дека промовираат либерални идеи и политики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пет големи европски земји: „Сакаме поевропско НАТО“
Франција, Германија, Италија, Полска и Обединетото Кралство најавија дека сакаат да преземат поголема одговорност за безбедноста на Европа преку создавање „поевропски НАТО“. Изјавата беше усвоена по состанокот во Краков, каде министрите за одбрана нагласија дека НАТО останува темел на колективната одбрана, но дека европските земји треба повеќе да придонесуваат.
Петте држави (формат Е5) се обврзаа на дополнително зајакнување на одвраќањето и одбраната со цел спречување евентуална руска агресија и справување со безбедносните закани. Тие повикаа и на „праведна распределба на товарот“ меѓу сојузниците.
Во фокус е и зголемувањето на издвојувањата за одбрана. Полска веќе издвојува 4,48% од БДП, додека Франција, Италија и Шпанија се околу 2%. Прашањето за трошоците ќе биде клучно и на самитот на НАТО во 2025 година во Хаг.
Лидерите нагласија дека секој мировен договор меѓу Украина и Русија мора да биде придружен со „цврсти“ безбедносни гаранции за Киев. Според нив, силна украинска армија е првата гаранција за траен мир, а евентуален прекин на огнот не смее да стане вовед во нова агресија.
Регион
Трамп ги спомена Србија и Косово: Ако не се согласувате, јавете ми се
Набројувајќи ги конфликтите што ги реши во претходниот период, претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера на состанокот на Одборот за мир ги спомена Србија и Косово, велејќи им на лидерите сами да продолжат да ги решаваат проблемите, а ако не можат – да го повикаат.
„Еден пример се Косово и Србија“, рече Трамп, повикувајќи ги лидерите да станат, иако Србија не се приклучи нa Oдборот, додека претседателката на Косово, Вјоса Османи, стана од своето место кога Трамп ја повика.
„Косово, Србија. Јас го направив тоа. Можете ли да станете, ако некој од вас е тука? Само станете на секунда. Косово, Србија, станете! Ви благодарам многу! Го цениме тоа! Одлично, а вие се согласувате. И кога не се согласувате, ме викате и ќе го решиме тоа, нели? Ќе го решиме“, рече Трамп на првиот состанок на Мировниот комитет, јавија српскките медиуми.
Вчера, во Вашингтон се одржа првата седница на Одборот за мир, основан на иницијатива на Трамп, а тоа е тело кое треба да работи на решавање на глобални безбедносни кризи и војни.
Првата задача, како што беше најавено, ќе се однесува на конфликтот во Појасот Газа.
Во јуни 2025 година, американскиот претседател одржа прес-конференција во Хаг на која се пофали со своите достигнувања, за кои верува дека ги постигнал како претседател на Америка.
Еден од примерите што ги наведе Трамп е дека, како што рече, тој спречил потенцијален конфликт меѓу Србија и Косово.
„Србија токму беше на прагот да го стори тоа, но ние го спречивме“, рече Трамп тогаш.
Свет
Мерц: Меѓународниот поредок базиран на права повеќе не постои
Германија мора да се наметне и да преземе поголема одговорност во преобликуваниот светски поредок, изјави денес германскиот канцелар Фридрих Мерц.
За време на својот говор на конференцијата на неговата партија, Христијанско-демократската унија (CDU), тој оцени дека меѓународниот поредок базиран на права повеќе не постои, пренесува Ројтерс.
„Ова ќе доведе до создавање нова голема стратегија за Германија во обединета Европа. Покажуваме храброст да ја обликуваме иднината и храброст да се наметнеме“, рече Мерц.
Конгресот на ЦДУ се одржува денес и утре, 21 февруари, и тоа е првиот голем состанок на партијата откако Мерц ја презеде функцијата канцелар во мај минатата година, пренесува Танјуг.

