Свет
Трамп се исмева со Французите поради нивната војска: Учеле германски пред да дојдеме ние
Американскиот претседател, Доналд Трамп, благо речено, не е воодушевен од идејата на Емануел Макрон и Ангела Меркел за создавање европска армија. Гневот по однос на ова прашање тој го истури на социјалната мрежа „Твитер“, каде што на Французите им се потсмеваше поради нивниот слаб отпор во Втората светска војна.
Трамп уште минатата недела предлогот на Макрон го нарече многу навредлив бидејќи францускиот претседател во едно интервју истакна дека Европа треба да има своја армија за да не зависи од САД. Во истото интервју Макрон порача дека Франција мора да се заштити од хакирање од страна на Русија, Кина, па дури и во САД, што Трамп намерно или ненамерно го протолкува како заштита поради која е потребна европската армија.
Сепак, се чинеше дека францускиот и американскиот претседател се издигнаа над спротивставените ставови кога се сретнаа на одбележувањето на годишнината од крајот на Првата светска војна во Париз.
Но, новиот испад што Трамп го направи на „Тивтер“ сугерира дека тој е далеку од помирување со својот француски колега. Имено, во серија твитови Трамп отворено се исмеa на сметка на Французите.
„Емануел Макрон предлага воспоставување војска со цел Европа да се заштити од САД, Кина и од Русија. Сепак, Германија беше непријателска земја во Првата и Втората светска војна – како тоа се одрази на Франција? Почнаа да учат германски во Париз пред да дојдат силите на САД. Или платете за НАТО или не“, гласи твитот на Трамп со кој тој го почна својот виртуелен напад врз Франција.
Emmanuel Macron suggests building its own army to protect Europe against the U.S., China and Russia. But it was Germany in World Wars One & Two – How did that work out for France? They were starting to learn German in Paris before the U.S. came along. Pay for NATO or not!
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) November 13, 2018
Трамп потоа се префрли на својата втора најголема забелешка кон европските сојузници – трговијата.
„Што се однесува до трговијата, Франција произведува одлично вино, но тоа го прави и САД. Проблемот е што Франција силно ја отежнува продажбата на американски вина на своја територија и наплаќа високи царини, а САД го олеснува увозот на француски вина и наплаќа многу ниски царини. Тоа не е фер и мора да се промени“, смета американскиот претседател.
On Trade, France makes excellent wine, but so does the U.S. The problem is that France makes it very hard for the U.S. to sell its wines into France, and charges big Tariffs, whereas the U.S. makes it easy for French wines, and charges very small Tariffs. Not fair, must change!
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) November 13, 2018
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Нашите преговарачи утре ќе имаат средба со американскиот тим
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави дека украинските преговарачи утре ќе се сретнат со американската делегација, пренесува Sky News.
Според него, тимот предводен од главниот преговарач Рустем Умеров ќе се сретне со специјалниот претставник на Доналд Трамп, Стив Виткоф, неговиот зет Џаред Кушнер и други американски претставници.
Темите на дискусија ќе бидат „пакетот за просперитет“ и економската соработка.
Зеленски додаде и дека се во тек подготовки за нов трилатерален состанок со Русија, за кој Киев се надева дека ќе се одржи на почетокот на март.
фото/ Depositphotos
Свет
Бил Гејтс им се извини на вработените во фондацијата поради своите врски со Епстин
Бил Гејтс им се извини на вработените во Фондацијата Гејтс за неговите врски со Џефри Епстин. Тој призна грешки што ја оцрнија добротворната организација, но инсистираше дека немал никаква улога во злосторствата на Епстин, објави The Wall Street Journal.
На состанокот вчера, коосновачот на „Мајкрософт“ призна дека имал две афери со руски жени за кои Епстин подоцна дознал, но нагласи дека во нив не биле вклучени жртвите на Епстин. „Не направив ништо нелегално. Не видов ништо нелегално“, рече Гејтс, според снимка што ја преслушал The Wall Street Journal.
Гејтс, исто така, коментираше за фотографиите од неодамна објавените документи на Епстин на кои е прикажан со жени чии лица беа заматени. Тој тврди дека Епстин го замолил да се фотографира со неговите асистентки по состаноците. „Да бидеме јасни, никогаш не поминував време со жртвите, жените во неговиот круг“, рече тој.
„Беше огромна грешка да поминувам време со Епстин“ и да го доведам раководството на Фондацијата Гејтс на состаноци со сексуален престапник, рече тој. „Им се извинувам на сите што беа вклучени во ова за грешката што ја направив“.
Милијардерот откри дека неговите состаноци со Епстин започнале во 2011 година, години откако Епстин се изјасни за виновен во 2008 година за подведување малолетничка. Гејтс рече дека бил свесен за „некаква 18-месечна наредба“ со која се ограничува патувањето на Епстин, но дека не направил доволно проверки на неговото биографија.
Тој продолжи да ги одржува состаноците дури и откако неговата тогашна сопруга, Мелинда Френч Гејтс, изрази загриженост во 2013 година.
„Според она што го знам сега, сè е, знаете, сто пати полошо, не само поради неговите претходни злосторства, туку сега е јасно дека ова беше континуиран модел на лошо однесување“, им рече Гејтс на персоналот.
Тој додаде за својата поранешна сопруга: „Морам да ѝ оддам признание, таа секогаш беше доста сомничава во врска со целата работа со Епстин“. Гејтс вчера им кажа на вработените дека продолжил да се среќава со Епстин до 2014 година, летајќи со него во приватен авион и поминувајќи време во Германија, Франција, Њујорк и Вашингтон. „Никогаш не спиев кај него“, рече тој, ниту го посетил островот на Епстин.
Тој рече дека Епстин „зборувал за своите блиски односи со многу милијардери, особено милијардери од Волстрит“ и го уверил дека може да помогне во собирањето пари за каузи како што е глобалното здравство. Гејтс додаде дека присуството на други истакнати луѓе на тие состаноци помогнало „да се чувствува нормално“.
Тој призна дека разбира оти неговата поврзаност со Епстин му помогнала на осудениот сексуален престапник да го подобри својот углед. Исто така Гејтс призна дека неговата поврзаност со Епстин и неодамна објавените е-пораки од документите на Министерството за правда фрлиле сенка врз Фондацијата Гејтс и нејзиниот углед.
„Тоа е целосно неконзистентно со вредностите и целите на Фондацијата“, рече тој. „А нашата работа е многу чувствителна на угледот. Луѓето можат да изберат дали да работат со нас или не“. Портпарол на Фондацијата Гејтс рече дека Гејтс одржува вакви состаноци со вработените двапати годишно и дека „зборувал отворено, одговарал на неколку прашања детално и ја преземал одговорноста за своите постапки“.
Свет
(Видео) Осомничен се скрил во корпа за отпадоци додека бега од полицијата во САД
Општински работник во Охајо останал шокиран кога пронашол човек како се крие во корпа за отпадоци додека си ја вршел работата. Набрзо се покажало дека станува збор за осомничен кој бегал од полицијата откако не застанал на нивниот сигнал за време на сообраќајна контрола, објавува „Еуроњуз“.
Видео снимено од полициска камера на автомобилот го покажува човекот како скока од корпата и бега.
Полицајците веднаш тргнале за потера, а бегалецот ги изгубил чевлите додека бегал.
„Благодарение на импресивните атлетски способности и брзата реакција на нашиот полицаец Перез, осомничениот е безбедно уапсен“, се вели во соопштението на полицијата, пренесуваат локалните медиуми.

