Свет
Трамп се раздели со американскиот актерски синдикат: „Ништо не направивте за мене“
Поранешниот претседател Доналд Трамп се раздели со Здружението на филмски актери со бомбастично писмо во четвртокот.
Причината, како што пренесува порталот „Политико“, е поради тоа што тој бил соочен со дисциплински мерки од страна на синдикатот.
Одборот на синдикатот изгласа во јануари да го упати Трамп до дисциплинскиот одбор, наведувајќи ја неговата улога во упадот во Капитол на 6 јануари, во кој загинаа пет лица и несовесната кампања за дезинформации насочена кон дискредитација и на крај загрозување на безбедноста на новинарите, од кои многумина се членови на SAG-AFTRA, се наведува во соопштението за медиуми од 19 јануари.
Доколку дисциплинскиот одбор го прогласеше за виновен, казните можеа да бидат опомена, парична глоба и протерување.
Но, Трамп ја напушти унијата пред надлежните да размислат за која било од тие казни.
Неговото писмо во четвртокот, со голем потпис и извичници, ја исмејувало претседателката на синдикатот Габриел Картерис, за која Трамп вели: „Не стори ништо за мене, освен да собира членарина и да промовира опасни неамерикански политики и идеи“. Тој исто така се пофалил, тврдејќи дека многу му помогнал на бизнисот за кабелска телевизија и ги пофалил своите мали епизодни улоги што ги играл во разни филмови.
„Кому му е гајле!“, напишал Трамп до дисциплинскиот комитет. „Иако не сум запознаен со вашата работа, јас сум многу горд на мојата работа на филмовите како што се ‘Сам дома 2’, ‘Зулeндер’ и ‘Волстрит: парите никогаш не спијат’, како и телевизиските емисии меѓу кои ‘Принцот од Бел-Ер’, ‘Сатрдеј најт лајв’ и секако, една од најуспешните емисии во историјата на телевизијата, ‘Приправник’ – да именувам само неколку!“, напишал поранешниот американски претседател.
„Ова писмо ве известува за моето отчленување од SAG-AFTRA. Вие не направивте ништо за мене“, нагласил тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

