Свет
Трамп тврди дека уште во јули побарал од Нетанјаху брз прекин на војната во Појасот Газа
Кандидатот на Републиканската партија на претстојните претседателски избори во САД, Доналд Трамп изјави дека на последната средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во јули, му рекол на израелскиот премиер брзо да ја прекине војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.
„Тој знае што прави и јас го охрабрив брзо да заврши. Мора брзо да заврши. Убиството мора да престане“, рече Трамп, пренесе Ројтерс.
Трамп ги нарече пропалестинските демонстранти во САД „насилници про-Хамас“ и „симпатизери на џихадот“ и додаде дека доколку биде избран, ќе ги уапси и депортира.
„Ќе му ја дадам на Израел потребната поддршка за да победи, но сакам брзо да победи“, рече Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Поплава во Словенија: евакуирани деца од градинка, сообраќајот во колапс
Силна промена на времето ја зафати и Словенија. Најмногу проблеми во таа земја направија врнежите во словенечка Истра, но ја зафатија целата земја.
Словенечката агенција за животна средина (Арсо) издаде портокалово предупредување за целата земја, кое важи до петок наутро. Со оглед на тоа што може да се влошат и хидролошките услови, Цивилната заштита е во состојба на готовност.
Претпладне и попладне невреме со обилни врнежи се појави главно во западна и јужна Словенија. Над словенечкиот дел на Истра беше воспоставен дождовен појас кој беше обновен.
Севкупно, најмногу врнежи наврнаа на југозападот на земјата.
На западот на Словенија улиците се целосно поплавени, пренесуваат локалните медиуми.
Во населбата Шалара во Копер се зголемува нивото на дождовница и се заканува да ги поплави повеќето куќи. Бидејќи водата веќе ги преминува праговите, почнаа првите евакуации, но недостасува вреќата за заштита од поплави, јавуват медиумите. На подрачјето на Копер евидентирани се повеќе од сто интервенции на пожари, а ситуацијата е многу сериозна, јавува „Slovenske novice“.
Поради обилните врнежи, водата на места веќе ги поплави патиштата, а сообраќајот во Копер и неговата околина е сериозно отежнат. Возачите се предупредуваат да бидат дополнително внимателни поради отворените шахти на поплавените коловози.
Поради надојдените поројници градинката во Шалара ги повика родителите да ги земат децата, јави ТВ Словенија. Рано утрото критична била ситуацијата и во градинката во Берток до која родителите не можеле да дојдат. Влезот бил поплавен, па ги повикале пожарникарите, кои со помош на комуналната служба ги исчистиле шахтите за да може водата да истече, изјавил еден од воспитувачите.
Свет
Повеќе од 400 деца злоставувани во дом: уапсени верски учители и старатели во Малезија
Малезиската полиција спаси 402 деца и тинејџери осомничени дека биле физички и сексуално малтретирани во 20 домови за деца во таа земја.
Жртвите, на возраст меѓу една и 17 години, се вели дека биле изложени на различни форми на злоупотреба, а некои наводно биле принудувани да вршат сексуални дејствија врз други деца, изјави на прес-конференција главниот полициски инспектор Разарудин Хусаин.
Полицијата уапси 171 осомничен, меѓу кои и верски учители и старатели.
Детските домови, наводно, се поврзани со истакнат исламски конгломерат кој издаде соопштение во кое негира какви било злосторства врз деца, пренесуваат медиумите во светот.
На прес-конференција инспекторот рече дека дел од осомничените се на возраст од 17 до 64 години. Се сомневаат дека непримерно ги допирале децата тврдејќи дека тоа било дел од верска церемонија. Некои деца, исто така, наводно биле научени да вршат слични сексуални дејствија врз други деца во домот.
„Децата наводно биле казнети со загреани метални предмети, а на болните не им било дозволено да бараат лекарска помош додека нивната состојба не стане критична“, додаде тој.
Тој додаде дека децата привремено ќе бидат сместени во полицискиот центар во главниот град Куала Лумпур и ќе бидат подложени на медицински прегледи.
Првите истражувања покажаа дека многу деца во овие домови биле сместени од нивните родители за да можат да посетуваат веронаука.
Свет
Антонов: Америка го отвора патот за трета светска војна
Рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов изјави дека Америка го отвора патот за почеток на Третата светска војна. Разговорот за можноста Вашингтон да му дозволи на Киев да користи американски ракети за напад на руска територија, ја турка Украина да ги зголеми нападите врз цивилите, а Америка со вакви акции го отвора патот за почеток на третата светска војна.
„Американската администрација упорно ги игнорира интересите на Русија. Денес се повеќе се зборува за можноста за гранатирање на руска територија со оружје со долг дострел. Само неколку политичари ја спомнуваат можноста за трета светска војна, со што локалните власти го трасираат патот кон тоа“, се вели во пораката на Антонов од руската дипломатска мисија во Соединетите Американски Држави. Тој нагласи дека Америка сè повеќе учествува во конфликтот во Украина, „прогресивно влечејќи се подлабоко и подлабоко во мочуриштето“ на овие непријателства.
Антонов оцени дека САД изразуваат „подготвеност да ја жртвуваат благосостојбата на американските граѓани“ со пренесување во Киев количества оружје и муниција во вредност од неколку милијарди долари „Киев е фокусиран на интензивирање на нападите врз обичните Руси, на нашите градови и села, дека разузнавачките информации течеле и продолжуваат да течат како река од Соединетите Американски Држави до Киев“, рече дипломатот, пренесува „Известија“.
Дополнително, продолжи Антонов, едноставно се премолчуваат предупредувањата на бројни американски воени и политиколози дека е невозможно украинскиот претседател Володимир Зеленски да ги постигне своите цели со помош на балистички ракети ATACMS или друго оружје со долг дострел.