Свет
Трамп: Ќе ја обединиме нашата земја
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп им порача во четвртокот на Американците дека ќе ја обедини нацијата, и најави промени какви што Америка не видела со децении.
„Ќе ја обединиме нашата земја. Ќе направиме работи кои за нашата земја не се сторени многу многу децении,тоа ви го ветувам“, изјави Доналд Трамп обраќајќи им се на илјадниците приврзаници на концертот во пресрет на неговата инаугурација одржан пред Лонколновиот меморијален центар во Вашингтон.
Трамп во својот говор уште еднаш вети дека ќе ги врати американските работни места, ќе ја подигне војската и ќе ги зајакне државните граници.
„Сите се заморивме гледајќи што се случува. Сакавме промени, но вистински промени. Јас гледам нанапред. Ќе видиме нешто што ќе биде неверојатно“, додаде новиот американски претседател.
Трамп говореше само шест минути, со повторување на реториката од предизборната кампања. Ја пофали својата кампања како „движење“ кое никогаш претходно не е видено во САД. Додаде како ја почнал во јуни 2015 година, и им порача на своите приврзаници дека тој е само нивниот гласник.
Им се заблагодари на изведувачите на прославата под мотото „Make America Great Again“, додавајќи дека неговиот тим предложил концертот да се одржи пред Линколновиот центар, споменикот подигнат во чест на 16-от претседател на САД.
„Требаше да биде мал концерт. Меѓутоа, дојдовме на идејата зошто тоа да не го сториме пред Линколновиот меморијал. Мислам дека никој претходно тоа не го сторил“, рече Трамп.
Меѓутоа, американските медиуми веднаш излегоа со податоците дека концерти на истото место пред инаугурацијата имале и Џорџ В. Буш, како и Барак Обама, На прославата на Обама во 2009 година настапија Бијонсе, Брус Спрингтинс и U2, а имало повеќе од 400.000 луѓе, според медиумите.
На концертот на Трамп настапија кантри пејачите Тоби Кеит и Ли Гренвуд, рок бендот 3 Doors Down, потоа The Piano Guys, DJ RaviDrum и Frontmen of Country.
Пред доаѓањето на концертот, Доналд Трамп заедно со идниот потпретседател Мајк Пенс ги посети гробиштата Арлингтон, положувајќи венец на гробот на незнајниот јунак.
Претседателската, 58-ма по ред, инаугурација ќе започне во петокот, на вообичаениот датум 20-ти јануари во 9 часот по локално време. Доналд Трамп ќе биде 45-от претседател на САД, а заклетвата ќе ја положи на истото место како и неговите претходници, на церемонијата пред Капитол Хил во Вашингтон./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

