Свет
Трамп ja донира плататa за борба против зависност од опиоиди
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе ја донира платата од третиот квартал од оваа година како помош на надлежните органи во борбата против епидемијата на зависност од опиоиди во земјата.
Според АП, повикувајќи се на неименуван службеник во Белата куќа, Трамп ќе ѝ донира 100.000 американски долари на Канцеларијата на помошникот на министерот за здравство, која е одговорна за контрола на федералните здравствени служби и програми, во која спаѓа и Канцеларијата за општа хирургија.
Белата куќа соопшти дека средствата биле наменети за понатамошна борба против кризата од опиоиди.
Трамп ја стави борбата против злоупотребата на опиоидите меѓу главните приоритети на неговата администрација.
Повеќе од 70.000 Американци починаа во 2017 година од предозирање со лекови, меѓу кои во голема мера беа застапени лекови против силни болки (опиоиди), кои создаваат зависност.
Трамп вети дека додека е на функцијата претседател, ќе ја донира својата заработка за корисни цели. Така, својата плата за второто тримесечје ја донира на Кабинетот за општа хирургија, додава АП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Секој Евреин што ќе гласа за Мамдани е глупав човек
Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика Евреите во Њујорк да не гласаат за кандидатот на левото крило на Демократската партија, Зохран Мамдани, нарекувајќи го „докажан мразител на Евреите“.
„Секој Евреин што ќе гласа за Зохран Мамдани е глупaв човек!“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social, обвинувајќи го 34-годишниот кандидат дека „ги мрази Евреите“. Мамдани, муслимански демократски социјалист роден во Уганда, е познат поддржувач на палестинската кауза и застапник на кампањата за бојкот и санкции против Израел.
Во обид да ги смири реакциите, Мамдани во последните месеци јавно се изјаснува против антисемитизмот. Тој води во анкетите со 41 отсто поддршка, пред поранешниот гувернер Ендру Куомо, кој има 34 отсто и ја има поддршката на Трамп.
Трамп претходно се закани дека ќе му ги ускрати федералните средства на Њујорк ако Мамдани победи на изборите за градоначалник.
Свет
Глобалното затоплување ќе ја надмине границата од 1,5 степени, предупредува ОН
Светот нема да го исполни климатскиот цел од ограничување на затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови, соопшти Програмата на Обединетите нации за животна средина (UNEP). Според годишниот извештај, поради недоволните мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови, глобалната температура во следната деценија ќе ја надмине целта утврдена со Парискиот договор од 2015 година.
UNEP предупредува дека сегашните политики водат кон раст на температурите од 2,3 до 2,5 степени, што ќе биде „тешко да се преобрати“. Иако е постигнат напредок во однос на пред десет години – кога прогнозите укажуваа на пораст до четири степени – емисиите и понатаму растат, бидејќи земјите се потпираат на јаглен, нафта и гас за производство на енергија.
Овие податоци, според агенцијата, дополнително ќе го засилат притисокот пред климатскиот самит COP30, на кој државите ќе разговараат за побрзо финансирање на мерките за ублажување на глобалното затоплување.
Свет
Германија им нуди пари на Авганистанците ако се откажат од доаѓање во земјата
Германската влада им понудила финансиска надомест на Авганистанците кои имаат одобрение за прием во Германија, доколку доброволно се откажат од тоа одобрение за влез во земјата.
Според документот на Германското друштво за меѓународна соработка, понудата се однесува на околу 660 лица кои сега се во Пакистан. Поединци што ќе прифатат, ќе добијат еднократна исплата — 1500 евра во Пакистан и дополнителни 5000 евра како „помош за нов почеток“, но со тоа ќе се откажат од сите идни побарувања кон германската влада.
Министерството за внатрешни работи објаснило дека не може да гарантира навремен завршеток на програмата за прием поради административни пречки и рокови што ги поставила пакистанската влада.
Хуманитарни организации ја осудија понудата, нарекувајќи ја „лоша“ и „недоволна“. Според нив, износот не го покрива ниту дел од трошоците што бегалците веќе ги направиле, а враќањето во Авганистан би значело ризик за нивниот живот под талибанскиот режим.
Во меѓувреме, неколку авганистански семејства што поднеле тужби против германската држава успеале да добијат дозвола за влез и пристигнале во Хановер.

