Свет
Трговија со бебиња во Мароко: меѓу уапсените има лекари, медицински сестри, посредници
Полицијата во Мароко уапси 30 лица осомничени за трговија со бебиња и уцена за профит во Фез, град на северот на земјата.
Меѓу осомничените кои беа уапсени се 18 агенти за обезбедување, лекар, две медицински сестри, здравствени работници, како и посредници, изјави извор од безбедносните сили за мароканската новинска агенција „МАП“.
Тој извор не го прецизираше бројот на бебиња кои биле жртви на трговија со луѓе, но наведува дека некои од уапсените се осомничени дека посредувале во продажба на новороденчиња и работеле во корист на семејствата кои сакаат да посвојат напуштени деца во замена за пари, пренесува „Фигаро“.
Според овие изјави, други уапсени лица наводно биле вмешани во уценување на пациенти и нивните семејства со цел да закажат консултации или прегледи со лекари во замена за пари, во посредување при нелегални абортуси и во издавање лекарски уверенија со лажни информации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Путин: Не постои средство за пресретнување на ракетата „Орешник“
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека ракетниот систем „Орешник“ не е средство за масовно уништување, туку високо прецизно оружје и дека нема средства во светот кои би можеле да го пресретнат.
Тој најави масовно производство на ова оружје, нагласувајќи дека овој нов систем стана уште еден гарант на суверенитетот и територијалниот интегритет на Русија.
„Во денешниот свет нема одговор за таков проектил, ниту средства за нејзино пресретнување. И уште еднаш ќе нагласам дека ќе продолжиме да го тестираме овој најнов систем“, рече Путин.
Тој на состанокот во Кремљ изјави дека ракетниот систем „Орешник“ ќе биде пуштен во употреба со стратешките ракетни сили на Русија и дека е донесена одлука за масовно производство на овој систем.
„Со оглед на посебната сила на ова оружје, неговата моќ, тоа ќе биде ставено во служба на стратешките ракетни сили“, рече Путин.
Тој истакна и дека е донесена одлука за масовно производство на системот „Орешник“, пренесува РИА Новости.
Рускиот лидер истакна дека ракетниот систем „Орешник“ кога масовно се користи „против непријателски цели“ има значење на стратешко оружје и е создаден во согласност со најновите технички достигнувања.
„Орешник“ не е средство за масовно уништување, туку високо прецизно оружје. Безбедноста на Русија е обезбедена“, нагласи тој.
Врховниот командант на руските стратешки ракетни сили Сергеј Каракаев исто така предупреди дека „Орешник“ има способност да погодува цели во Европа.
„Врз основа на поставените задачи и дострелот на ова оружје, тоа може да погоди цели низ Европа, што го разликува од другите видови прецизно оружје со долг дострел“, рече Каракајев.
Путин на состанокот во Кремљ им честитал на раководството на Министерството за одбрана и на конструкторите за успешното тестирање на ракетите „Орешник“.
Регион
(Видео) Излизгани возила, застој на автопатиштата, сообраќаен колапс поради снежна бура во Србија
Попладнево во Србија падна снег кој зад себе остави колапс во сообраќајот и предизвика дефекти во електричната мрежа.
Дождот и силните налети на ветерот се претворија во снег во Белград, каде снегот паѓаше со поголем интензитет, што дополнително ја усложни состојбата во сообраќајот и предизвика тотален колапс, пренесуваат тамошните медиуми.
Поради снежни наноси застој има на автопатот од Ниш кон Белград, на делот од патот од Алексинац кон Ражње.
Сообраќајот се одвива отежнато и на автопатот Ниш-Димитровград кај тунелот Банчарево, поради снежни наноси и сообраќајна несреќа во која учествувале патник и товарно возило, стои во написите.
Јавното претпријатие „Патишта на Србија“ ја информира јавноста дека при денешните обилни врнежи од снег на речиси целата територија на Србија, во повеќе случаи товарни возила се излизгале и на тој начин биле блокирани повеќе патни правци, поради што сообраќајот бил во прекин и на автопатот и и на патиштата со низок степен, поради некористење зимски гуми и опрема од страна на неодговорни возачи на тешки моторни возила – шлепери.
ЈП „Патишта на Србија“ апелира особено до возачите на тешки моторни возила и сите други учесници во сообраќајот да не излегуваат на пат без задолжителна зимска опрема, да користат синџири, особено во ридско-планинските предели, да ги почитуваат ограничувањата на брзината, сообраќајните сигнали и да ја приспособат својата брзина на условите на патот.
На целата територија на Република Србија, механизацијата е достапна на терен 24 часа, а екипите на патиштата се во готовност и подготвени да интервенираат за да се обезбеди безбедно одвивање на сообраќајот, пишуваат српските медиуми.
Свет
Писмо со сомнителен прав доставено до кабинетот на белгискиот премиер Де Кроа
Писмо во кое имало прашок од сомнителен состав утрово е доставено до кабинетот на белгискиот премиер Александар де Кроа, пренесоа белгиските медиуми.
Инцидентот го потврдија од Бриселската противпожарна бригада, кои соопштија дека едно лице кое дошло во контакт со писмото, превентивно било пренесено во болница.
На местото на настанот, покрај противпожарната бригада, се испратени и полиција и цивилна заштита, кои го однеле писмото на дополнителна анализа, пишува „Brasels tajms “.
Според извештаите, ова е трет пат оваа недела во Брисел да се најде писмо со сомнителен прав.
Во средата наутро сличен инцидент се случил во канцеларијата на Службата за државна безбедност, а уште еден сомнителен плик бил откриен во средата попладне во полицијата.
Во инцидентите немало последици од контаминација, а засега не се знае дали овие три случаи се поврзани, пренесува Танјуг.