Европа
Три земји од ЕУ бараат економска помош за Белорусија
Претседателите на Литванија, Полска и Романија ќе побараат од Европската Унија на самитот во текот на неделава да одобри пакет за поддршка на Белорусија, соопшти денеска литванскиот претседател.
Предложениот пакет би вклучувал поволен трговски режим со Европската Унија, безвизно патување и поддршка во преговорите за влез во Светската трговска организација (ВТО), рече литванскиот претседател.
Во посебна изјава на тројцата претседатели пакетот е наречен „предлог за помош на демократска Белорусија“.
Финансиската помош за реформите и помошта во диверзификацијата на енергетскиот сектор и преминот кон либерална економија, исто така, ќе биде дел од пакетот за поддршка.
Полска сака Европската Унија да ѝ понуди на Белорусија финансиска помош од најмалку милијарда евра, како дел од планот за обнова на земјата, рече во четвртокот полскиот премиер Матеуш Моравиецки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Снежната бура остави без струја околу 33.000 домаќинства во Франција
Околу 33.000 домаќинства останаа без струја вчера во Франција, главно во Нормандија и долж реката Лоара на запад, поради бурата Каетано што го зафати регионот, соопшти компанијата „Енедис“, која управува со електричната мрежа.
„Во 13 часот 33.000 домаќинства останаа без струја“, соопшти мрежата, додавајќи дека најпогодени домаќинства се во Нормандија (15.000 домаќинства) и околу реката Лоара (12.000 домаќинства).
Невремето предизвика прекини на многу сообраќајни правци, а влијаеше и на железничкиот сообраќај.
Мобилизирани се 2.200 техничари за да ги отстранат нарушувањата и да обезбедат електрична енергија, по налетот на бурата што предизвика врнежи од снег и брзина на ветер до 130 километри на час.
Европа
Германците објавија план во случај на војна со Русија
Германија почна поинтензивно да работи на подготовките за можни кризни ситуации, вклучително и воени сценарија кои директно би влијаеле на земјата. Според весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ), Бундесверот развил стратешки документ наречен „Операционен план Германија“, во кој се детализирани улогата на економијата и клучните инфраструктурни сектори во случај на вооружен конфликт.
Еден од клучните елементи на овој план е соработката со приватниот сектор за обезбедување снабдување и одржување на функционалноста на клучните сектори во случај на криза. Неодамна во Хамбург се одржа средба со претставници на логистички компании, на која воените власти презентираа насоки за подготовка во кризни ситуации. Беше истакнато дека логистиката ќе има клучна улога во овозможување мобилизација на силите и зачувување на стабилноста во земјата. Според ФАЗ, Бундесверот составил листа на приоритетни објекти и инфраструктура кои треба да бидат заштитени во случај на војна, вклучувајќи транспортни центри, магацини и енергетски системи.
Според сценариото кое предвидува одговор на НАТО на потенцијален конфликт со Русија, планирана е мобилизација на дури 800.000 војници и 200.000 возила преку германска територија. Јасно е дека за таква операција е потребно исклучително прецизно планирање и координација со цивилниот сектор, пишува ФАЗ.
Овие мерки доаѓаат во контекст на растечките геополитички тензии, особено по руската инвазија на Украина.
Освен Германија, други европски земји ги засилуваат подготовките за непредвидливи сценарија. Нордиските земји, како што се Шведска, Финска и Норвешка, исто така ги советуваат своите граѓани како да се подготват за потенцијални кризни ситуации, вклучително и обезбедување основни залихи со храна и вода.
Германското Министерство за одбрана редовно ги ажурира своите планови, приспособувајќи ги на промените во безбедносната средина.
Европа
Украинскиот парламент ја одложи седницата, на пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев
Украинскиот парламент ја одложи седницата што требаше да се одржи денеска поради безбедносни причини, јави јавната телевизија Суспилнe, повикувајќи се на извори.
„Беше планирано да се одржи седница на Врховната Рада на 22 ноември, на која пратениците требаше да поставуваат прашања до владата, но сè беше откажано поради безбедносни причини“, објави Суспилне. На пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев, а според некои од нив, следната седница на украинскиот парламент не е закажана до декември.
Одложувањето дојде откако рускиот претседател Владимир Путин во телевизиско обраќање објави дека Русија вчера истрела хиперсонична балистичка ракета со среден дострел врз украински воен објект, како одговор на употребата на американски и британски ракети од Киев за гаѓање цели на руска територија.
Путин посочи дека „во случај на ескалација на агресивни дејствија“ би можеле да следат уште такви потези. Предупредувањата за големи ракетни напади ги натераа американските и другите амбасади во Киев да ги затворат своите врати во средата.
Еден опозициски член на парламентот, Олексеј Хончаренко, изрази фрустрација поради откажувањето на седницата во објава на апликацијата за пораки Телеграм, велејќи дека тоа е изгубена можност да се поставуваат прашања на владата.