Свет
Три лица загинаа по напад од случаен минувач на фестивал во Солинген

Три лица загинаа ноќеска откако маж нападна случајни минувачи на градскиот фестивал во германскиот град Солинген. Сторителот побегнал од местото на злосторството. Полицијата презеде голема акција за негово апсење.
Како што пренесува „Солинген тагеблат“, еден од организаторите на фестивалот изјавил дека спасувачката служба се бори за животи на девет души.
Солинген викендов го слави својот 650 роденден со „Фестивалот на различностите“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Фото/Видео) Украинците и Русите разменија затвореници

Украина и Русија извршија нова размена на затвореници, при што 185 украински војници и 20 цивили се вратија дома, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм.
„Враќаме дома 185 наши ветерани од руско заробеништво. Сто осумдесет и три се војници и подофицери, а двајца се офицери. Тоа се војници на вооружените сили, Националната гарда и Државната гранична служба. Заедно со нашите ветерани, дома се враќаат и цивили – 20 наши луѓе. Секој сигурно ќе ја добие целата потребна поддршка“, објави Зеленски.
Тој рече дека ослободените учествувале во борбите во Мариупол и Азовстал, како и во нуклеарната централа Чернобил, а повеќето биле држени во заробеништво од 2022 година.
„Им се заблагодаруваме на сите што ги овозможуваат овие размени. Од почетокот на општата инвазија, веќе вративме повеќе од 7.000 наши луѓе дома. Мора да ги вратиме сите и на тоа работиме секој ден“, рече Зеленски.
Претходната размена на затвореници меѓу Украина и Русија се случи на 24 август, кога беа ослободени припадници на вооружените сили, Националната гарда, граничната полиција и цивили – меѓу нив новинарот Дмитро Хилук и поранешниот градоначалник на Херсон, Володимир Миколаенко.
Според руското Министерство за одбрана, размената е извршена во согласност со договорите постигнати меѓу Москва и Киев во Истанбул на 23 јули.
Вкупно 185 руски војници и 20 цивили се вратени од територија контролирана од Украина. Оние што се вратени од украинско заробеништво моментално се во Белорусија, каде што ја добиваат потребната медицинска и психолошка нега.
„Сите вратени руски војници и цивили ќе бидат префрлени во Руската Федерација на лекување и рехабилитација во медицински установи“, соопшти министерството.
Европа
Москва се заканува со последици ако ЕУ го искористи рускиот имот за финансирање на кредит за Украина

Русија денес изјави дека идејата за користење на нејзините замрзнати средства за кредитирање на Украина, за која дискутираат лидерите на ЕУ, е неразумна и би предизвикала многу остра реакција од Москва, додека белгискиот премиер повика на споделена одговорност меѓу земјите-членки во случај на таков план.
Манипулирањето со руските средства би претставувало кршење на меѓународното право, а Москва има богат арсенал на економски и политички средства за соодветно да одговори, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.
Русија сака да ги потсети владите на ЕУ, а особено Белгија, каде што се наоѓаат повеќето од замрзнатите средства на Русија, да ги почитуваат своите меѓународни обврски, предупреди таа.
На вчерашниот самит во Копенхаген, лидерите на ЕУ изразија широка поддршка за идејата за користење на руски средства замрзнати на Запад за да се обезбеди заем од 140 милијарди евра на Украина без конфискација на средствата.
ЕУ сè уште треба да ги среди сложените правни и финансиски аспекти, а меѓу предлозите е враќање на средствата ако и кога Украина ќе добие репарации од Русија според мировен договор.
„Не сакам ни да дискутирам за овој концепт, толку е неразумен. Но, зборот репарации ми го привлече вниманието… За какви исплати на репарации зборува Урсула фон дер Лајен?“, се подбиваше Захарова.
Русија ја добива војната против Украина, а репарациите ги плаќаат губитниците, тврди таа.
Свет
Напад во синагога: има загинати и повредени во Мачестер

Напад со нож се случи во синагогата Крамсал во Манчестер, а полицијата потврди дека две лица се убиени и дека „уште три граѓани се во сериозна состојба“.
Градоначалникот на Манчестер, Енди Бернам, го нарече нападот „сериозен инцидент“ и ги повика луѓето да ја избегнуваат областа.
Би-Би-Си, исто така, објави дека „се чини дека непосредната закана поминала“. Полицијата реагираше брзо и е на местото на настанот, а истрагата е во тек.
Полицијата соопшти дека добила пријава во 9:31 часот по локално време од граѓанин кој видел автомобил како се движи со брзина кон луѓе пред синагогата на хебрејската конгрегација Хитон Парк на патот Мидлтон, Крамсал, и дека еден човек бил избоден со нож.
Во полициското соопштение се наведува дека се верува дека напаѓачот, кон кого пукале припадници на полицијата, исто така е убиен, но дека ова „не може да се потврди во моментов поради безбедносни проблеми“ во врска со сомнителните предмети на неговото тело, објави Би-Би-Си.
Според изјавите на очевидци и објавите на социјалните мрежи, полицијата се сомнева дека напаѓачот поседувал бомба. Оваа информација не е официјално потврдена од членовите на полицијата на Манчестер.
Градоначалникот на Манчестер, Енди Бернам, за Би-Би-Си Радио Манчестер изјави дека се верува дека напаѓачот е „мртов“, но нагласи дека тоа „сè уште не е потврдено“.
Фото: принтскрин