Свет
Тупаница в лице за Шји: лепенка на тајванското воено воздухопловство вирален хит
Тајванците трескавично ги купуваат лепенките што ги носат пилотите на своите воздухопловни сили на кои е прикажана црна мечка од Формоса (Тајван) како му удира тупаница на Вини Пу – цртаниот лик што го претставува кинескиот лидер Шји Џјинпинг – како пркосен симбол на отпорот на островот кон кинеските воени вежби, пренесува Си-ен-ен.
Загрозената формозанска црна мечка се смета за симбол на тајванскиот идентитет. Тајван претходно беше меѓународно попознат како Формоса.
„Каде може да најдеме таква лепенка! Сигурно ќе биде најпродавана!“, напиша во објава на „Твитер“ де факто Амбасадата на Тајван во САД.
Where can we get a patch like that! Guaranteed to be best sellers! https://t.co/SA35c7529z
— Taiwan in the US (@TECRO_USA) April 9, 2023
Кина почна тридневни воени вежби околу Тајван во саботата, еден ден откако претседателката на островот, Цаи Инг-вен, беше во куса посета на САД и се сретна со спикерот на американскиот Претставнички дом, Кевин Мекарти, и покрај предупредувањата од Пекинг.

Кинеските цензори долго време ги таргетираа мимовите на интернет, на кои цртаниот лик на мечката Вини Пу, дело на британскиот автор А. А. Милн, кои ја споредуваат измислената мечка со претседателот на Кина.
Алек Хсу, кој ја дизајнирал лепенката и од минатата година ја продава во својата продавница за воздухопловни сувенири, забележал драстичен скок во нарачките откога тајванската воена новинска агенција во саботата објави фотографија од лепенката на раката на еден тајвански пилот, кој прегледува борбен авион.
„Со лепенката сакав да им го подигнам моралот на нашите трупи“, вели Хсу, кој го зголемил производството на лепенки за да одговори на побарувачката како меѓу цивилите така и меѓу тајванските трупи.
На лепенката е прикажана бесна формозанска црна мечка која го држи знамето на Тајван и го удира Вини Пу со слоганот „Кревај се!“ како алузија за зачестеното кревање (борбено активирање) на тајванските воени авиони во изминатите три години поради влегувањето кинески ловци во тајванската обележана зона на воздушната одбрана – самопрогласена тампон-зона, што се протега надвор од воздушниот простор на островот.
Иако тајванските воено-воздухопловни сили не ги поттикнуваат своите припадници да ја носат лепенката, која не е дел од нивната униформа, имаат отворен став за сè што го подига моралот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

