Свет
Турската влада: 13,5 милиони луѓе беа погодени од земјотресот

Според владините податоци, повеќе од 13 милиони луѓе во Турција се погодени од катастрофалниот земјотрес што го погоди пограничниот регион меѓу Турција и Сирија.
„Овој земјотрес директно погоди 13,5 милиони наши граѓани“, рече министерот за урбанизам, Мурат Курум.
Спасувачката работа продолжува, рече тој.
Некои патишта се непроодни и се работи на нивно подобрување. Во некои области нема вода, рече тој, а се прават напори што побргу да се санираат штетите и да се снабдат луѓето со вода.
„Страдањето е неописливо“, рече тој додавајќи дека секој час е скапоцен.
Тој се обидува да ги охрабри граѓаните нагласувајќи дека во претходните земјотреси луѓето се спасувале и по 100 часа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лавров: Можно е прекин на огнот во Украина доколку преговорите ја задоволат руската страна

Москва е подготвена да преговара за Украина, но ќе ги прекине воените операции само доколку исходот од потенцијалните преговори ја задоволи руската страна, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Подготвени сме да преговараме и со Украина и со Европа, со сите претставници кои со добра волја сакаат да помогнат да се постигне мир, но ќе ги прекинеме воените операции само кога овие преговори ќе дадат солиден и одржлив резултат што ќе ја задоволи Руската Федерација“, рече Лавров.
Тој посочи дека Москва забележала дека ставот на многу земји во однос на ситуацијата во Украина станал „пореален“ и дека сега има разбирање дека е неопходно да се елиминираат причините за конфликтот, пренесува РИА Новости.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров е во посета на Турција за да разговара за неговата неодамнешна средба со американската делегација за ставање крај на војната во Украина, како и за придонесот што Анкара може да го даде во тој процес, изјави неименуван функционер од турското Министерство за надворешни работи.
Свет
Каја Калас: Европа мора да ја поддржи Украина сега повеќе од кога било досега

Европа мора да ја поддржи Украина сега повеќе од кога било досега, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас. Претходно денеска, Калас објави дека министрите на ЕУ го одобриле 16-тиот пакет санкции против Русија, кој таа го опиша како „најсеопфатен“ досега, пренесува Ројтерс.
„Тие влијаат на сè, од бродови на флота во сенка до контролори на игри што се користат за контрола на беспилотни летала. Сега ги имаме најсеопфатните санкции досега, што ги ослабува руските воени напори“, рече Калас на социјалната мрежа X.
Калас, исто така, рече дека утре ќе отпатува во САД за да разговара со американскиот државен секретар Марко Рубио за руско-американските преговори за Украина.
„Можете да разговарате за што сакате со рускиот претседател Владимир Путин, но ако се работи за Европа или Украина, тогаш Украина и Европа треба да се согласат со овој договор“, рече Калас.
Регион
Членовите на техничкиот комитет и управителот на железницата Србија уапсени поради уривање на настрешницата

Во продолжение на акцијата на Специјалното одделение за сузбивање на корупцијата на Вишото јавно обвинителство во Белград, членовите на Специјалното одделение за сузбивање на корупцијата уапсија и неколку членови на техничката комисија за увид во работите на железничката станица во Нови Сад.
Како што дознава Танјуг, членовите на комисијата и управителот на „Српски железници“ Белград, кој беше уапсен рано денеска, се осомничени за недолично работење во врска со уривањето на настрешница во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 15 лица, а две беа тешко повредени.
Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека настрешницата паднала поради професионална грешка, а не поради корупција.
„Можеби имало корупција, но тоа нема врска со настрешницата. Настрешницата паднала поради професионална грешка, не затоа што еден подизведувач платил повеќе или помалку на друг подизведувач“, изјави Вучиќ.