Свет
Турската изборна комисија ќе ги провери обвинувањата за изборни нерегуларности во југоисточна Турција
Турскиот Врховен изборен одбор (YSK) објави дека ќе ги разгледа жалбите во врска со безбедноста во округот Суруч, во југоисточната провинција Шанлиурфа, по тврдењата за местење на гласовите, пренесува „Хуриет дејли њуз“.
„Ние ги презедовме неопходните мерки за да почнеме административни и судски процеси во врска со наводните безбедносни проблеми на одредени избирачки места во Суруч”, рече шефот на YSK, Сади Ѓувен.
Лидерот на главната турска опозициска Републиканска народна партија, Кемал Киличдароглу, посочи дека се забележани изборни нерегуларности во југоисточниот дел на земјата и упати апел до набљудувачите да не забораваат дека се државни службеници, а не се во служба на политичка партија. Претходно на социјалните мрежи беа објавени видеоснимки на кои се гледа групно гласање во градот Суруџ, во провинцијата Санлијурфа.
Во меѓувреме полицијата открила четири вреќи полни со официјални гласачки ливчиња во автомобил што го запрела со пукање во воздух. Три лица кои се обиделе да ги пренесат гласачките ливчиња на гласачките места биле уапсени.
Тензијата во Суруч беше на високо ниво уште пред изборите. Три лица загинаа, а девет беа повредени во вооружен судир за време на изборната кампања на делегација од владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) во Суруч на 14 јуни.
Во Турција се одржуваат претседателски и парламентарни избори. Во претседателската трка учествуваат шест кандидати: Реџеп Тајип Ердоган, Догу Перинчек, Мерал Aксенер, Мухарем Инџе, Селахатин Демирташ и Tемел Карамолаоглу. На парламентарните избори учествуваат осум партии обединети во две предизборни коалиции и уште три партии настапуваат самостојно.
Едната коалиција е Народна алијанса (или Републиканска алијанса) составена од владејачката Партија на правдата и развојот и Партијата на национално движење, а неофицијално е поддржана од Партијата на големо единство. Другата коалиција е Сојуз за нацијата, составена од главната опозициска Републиканска народна партија, Добра партија и Партија на среќата, а неофицијално ги поддржува Демократската партија.
На изборите покрај партиите од двете големи коалиции учествуваат и други три партии – турската прокурдска Народна демократска партија и Татковинската партија и Партијата Худа-пар. Во согласност со законските измени, турскиот Парламент ќе има 600 наместо 550 членови во иднина. Мандатот на претседателот и на пратениците е пет години
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Францускиот министер за надворешни ги повика САД да престанат со „уцената“ за Гренланд
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро ги повика САД да „престанат да ја уценуваат“ Данска за да добијат директна контрола врз територијата на Гренланд, која е автономна данска територија.
Баро рече дека „не верува“ во американската воена интервенција за окупирање на Гренланд, што беше најавено како можност од американскиот претседател Доналд Трамп, наведувајќи дека „ништо не може да го оправда тоа“, пренесува БФМ.
Трамп претходно изјави дека Соединетите Американски Држави сакаат да ја анектираат територијата, бидејќи Русија или Кина имаат намера да го „окупираат Гренланд“.
„Не сакаме да бидеме Американци, не сакаме да бидеме Данци, сакаме да бидеме Гренландци“, изјавија во заедничка изјава лидерите на петте гренландски партии претставени во локалниот парламент, додавајќи дека „иднината на Гренланд мора да ја одлучи народот на Гренланд“.
Свет
Иран ги предупреди американската војска и Израел дека ќе бидат „легитимни цели“ ако САД нападне поради протестите
Иранскиот парламент денеска се состана за да разговара за смртоносните антивладини протести кои беснеат повеќе од две недели. За време на парламентарната седница емитувана во живо на државната телевизија, претседателот на парламентот, Мохамед Багер Галибаф, предупреди дека американската војска и Израел ќе бидат „легитимни цели“ доколку САД ја нападне Исламската Република, како што се закани претседателот Доналд Трамп.
Галибаф, тврдокорен припадник кој во минатото се кандидираше за претседател, одржа говор во кој им аплаудираше на полицијата и на иранската паравоена Револуционерна гарда, за тоа што „стоеја цврсто“ за време на протестите.
„Народот на Иран треба да знае дека ќе се справиме со демонстрантите на најстрог начин и ќе ги казниме оние што се уапсени“, рече тој.
Тој продолжи директно да им се заканува на Израел, кој го нарече „окупирана територија“, и на американската војска, евентуално со превентивен напад.
„Во случај на напад врз Иран, и окупираната територија и сите американски воени центри, бази и бродови во регионот ќе бидат наши легитимни цели. Ние не сметаме дека сме ограничени само на реакција по акцијата и ќе дејствуваме врз основа на какви било објективни знаци на закана“, рече Галибаф.
Парламентарната седница, на која пратениците се упатија кон подиумот, извикувајќи: „Смрт за Америка“, се одржа откако американскиот новински веб-сајт „Аксиос“ објави дека американскиот државен секретар Марко Рубио разговарал со израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, за Газа, Сирија и протестите во Иран.
Иако американските и израелските претставници го потврдија телефонскиот повик, детали за темите не беа откриени.
Антирежимските протести продолжија во неколку ирански градови, а бројот на жртви во протестите се искачи на повеќе од 116.
Во меѓувреме, исклучувањето на интернетот во Иран останува на сила и трае повеќе од 60 часа.
Свет
Болниците во Иран преплавени со повредени од протестите, доктори опишуваат „ужасни сцени“
Протестите во Иран продолжуваат, а улиците на градовите, особено Техеран, се исполнети со илјадници демонстранти, и покрај блокадата на интернет и мобилните мрежи, јавуваат медиумите.
На новите протести, кои започнаа доцна синоќа во северниот дел на Техеран, демонстрантите извикувале: „Смрт за ајатолахот Али Хамнеи“ и „Да живее шахот“, а запалиле и една џамија.
Според американската организација „Активисти за човекови права“, утрово повеќе од 570 протести се одржале во сите 31 ирански провинции.
Здравствените работници во три болници во Иран велат дека нивните болници се преплавени со повредени и мртви од големите антивладини протести, објави Би-Би-Си. Според проценките на организациите за човекови права, најмалку 116 лица биле убиени во последните две недели.
Доктор во болница во Техеран опишал „ужасни сцени“, наведувајќи дека имало толку многу повредени што персоналот немал време да се справи со нив:
„Околу 38 луѓе починаа. Многумина дури и не стигнаа до болница. Бројот беше толку голем што немаше доволно место во мртовечницата. Телата беа едно врз друго. Откако мртовечницата се наполни, тие беа наредени едно врз друго во просторијата за молитва“, изјавил тој.
Според здравствениот работник, меѓу загинатите и повредените биле најмногу млади луѓе, на возраст од 20 до 25 години, а болниците морале да ги одложат сите неитни приеми и операции, за да можат да се грижат само за повредените од протестите.
Иранската полиција тврди дека никој не загинал во Техеран во петокот навечер, иако 26 згради биле запалени и предизвикале голема материјална штета.
Државната телевизија на Иран известува за жртви меѓу припадниците на безбедносните сили, додека демонстрантите сѐ почесто ги нарекува „терористи“.
САД повторија дека убиството на демонстранти може да предизвика воена интервенција, а Иран ги обвинува САД дека мирните протести ги претвориле во „насилни субверзивни акции и вандализам“.
Протестите започнаа на 28 декември поради падот на иранската валута и економските тешкотии.

