Европа
Турската офанзива во Сирија започна со бомбардирања од воздух

Турција и нејзините сојузници меѓу сириските бунтовници започнаа воена операција во североисточна Сирија, објави претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Ердоган тврди дека целта на операцијата е обезбедување на мир односно да се елиминира заканата од курдските паравоени сили и борците на Исламска држава, како и враќање на сириските бегалци од Турција, по воспоставувањето на безбедна зона во таа област.
„Нашата мисија е да спречиме создавање коридор на терор долж нашата јужна граница и да воспоставиме мир во областа“, напиша турскиот лидер на својот профил на Твитер.
„Ние ќе го зачуваме територијалниот интегритет на Сирија и ќе ги ослободиме локалните заедници од терористите“, додаде Ердоган.
Поради воената операција стотици цивили ги напуштаат областите во близина на турската граница, јави Си-ен-ен.
Офанзивата започнала со воздушни напади, проследени со артилериско гаѓање, изјавил за „Ројтерс“ извор од теренот, откако експлозии биле регистрирани во градот Рас ал Аин во североисточна Сирија.
Сириските демократски сили (СДФ) предводени од Курдите објавија дека турски воени авиони го погодиле нивниот регион и цивилни области, предизвикувајќи огромна паника кај населението.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави твит непосредно пред почетокот на офанзивата.
„Влегувањето на Блискиот исток беше најлошата одлука што некогаш сме ја донеле… Во историјата на САД“, напиша Трамп.
The United States has spent EIGHT TRILLION DOLLARS fighting and policing in the Middle East. Thousands of our Great Soldiers have died or been badly wounded. Millions of people have died on the other side. GOING INTO THE MIDDLE EAST IS THE WORST DECISION EVER MADE…..
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) October 9, 2019
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Видео) Министерот за транспорт на Турција се сними себеси како вози со 225 км/ч додека слуша музика: набргу беше казнет

Турскиот министер за транспорт е казнет за пребрзо возење кога објави видео од себе како вози на автопат со народни песни што ечат од неговиот автомобил под хаштагот #TurkeyAccelerates.
Во неделата вечерта министерот Абдулкадир Уралоглу сподели видео на интернет на кое се гледа како вози на автопат во близина на главниот град Анкара слушајќи народни песни и извадоци од говорите на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Во неколку одделни видеа, на кои ненамерно се прикажува брзинометарот, може да се види како тој достигнува брзина помеѓу 190 и 225 км/ч. Ограничувањето на брзината на овој автопат во Турција е 135 км/ч.
Неколку часа подоцна Уралоглу го објави повторно видеото признавајќи дека бил казнет за пречекорување на дозволената брзина пишувајќи дека со споделувањето на видеото, тој го предизвикал тоа.
Türkülerle Ankara-Niğde Otoyolu hatırası… 📹🎶
Yorulduğumuzda Sn. Cumhurbaşkanımızdan ilham alıyor, “Yeterince çalışmadık” diyerek yolumuza devam ediyoruz…#TürkiyeHızlanıyor 🇹🇷 pic.twitter.com/iGToOlTpfD
— Abdulkadir URALOĞLU (@a_uraloglu) August 24, 2025
„Седнав зад воланот за да го проверам автопатот Анкара – Нигде и ненамерно го пречекорив ограничувањето на брзината за кратко време. Всушност, се осудив себеси со видеото“, напиша тој.
Казната, чија копија ја објави, покажуваше дека Уралоглу возел со 225 км/ч и бил казнет со 9.267 турски лири (190 евра).
„Отсега па натаму ќе бидам многу повнимателен. Почитувањето на ограничувањето на брзината е задолжително за сите“, изјави министерот.
Европа
Украина им дозволува на мажите до 22 години да ја напуштат земјата

Украинската влада им дозволи на младите мажи под 22 години да ја напуштат земјата и покрај војната со Русија.
„Мажите на возраст од 18 до 22 години можат слободно да ја преминат границата за време на воена состојба“, објави денес украинската премиерка Јулија Свириденко на Телеграм.
Одлуката се однесува на сите регрути во таа возрасна група.
Одлуката е важна и за Украинците кои веќе се во странство од различни причини да не ја изгубат врската со својата татковина, напиша премиерката.
Министерот за внатрешни работи Игор Клименко објасни дека мерката има за цел да им даде на младите мажи повеќе можности да студираат во странство, за да можат да придонесат за развојот на земјата кога ќе се вратат.
По почетокот на руската инвазија на Украина пред три и пол години, украинскиот претседател Володимир Зеленски прогласи вонредна состојба што вклучуваше забрана за патување за сите мажи на возраст од 18 до 60 години можат да служат војска.
Исклучоците бараат посебни дозволи. Илјадници ја напуштија земјата за да избегнат одење на фронтот.
Новата одлука нема да влијае на тековната мобилизација. Според сегашниот закон, само мажи на возраст од 25 години и постари можат да бидат повикани во војна, додека помладите мажи можат да се пријават како волонтери.
фото: принтскрин
Европа
Изгаснат е големиот пожар во пристаништето во Хамбург

Пожарникарите успеаја да го изгаснат огромниот пожар што вчера уништи магацин во северното германско пристаниште Хамбург, соопштија официјални лица.
Околу 120 пожарникари ги гасат преостанатите пламени, но најголемиот пожар на местото е изгаснат.
„Пожарот во големата сала сега е изгаснат“, изјави портпаролот на противпожарната бригада за ДПА, напладне.
Сè уште е премногу опасно да се приближи до центарот на пожарот, за кој се верува дека е предизвикан од запален автомобил во магацин.
„Имаше дополнителни експлозии предизвикани од резервоари за гас под притисок“, рече портпаролот, а областа засега останува блокирана.
Полициските истражители не беа во можност да започнат истрага на местото на настанот поради присуството на токсични гасови.
Шест лица беа првично повредени во пожарот што избувна вчера попладне во округот Ведел на југоистокот на Хамбург. Едно лице е во критична состојба, а друго е сериозно повредено.
Тројца пожарникари на местото на настанот беа последователно повредени од експлозии, а еден мотоциклист беше повреден од летечки остатоци на автопатот А1. Дваесет и пет лица беа спасени од областа, некои со брод.
Непосредната опасност од пожар беше дополнително зголемена од цилиндрите со гас под притисок складирани во магацин кои експлодираа по неколку часа, од кои некои беа фрлени неколку стотици метри во воздух и предизвикаа повеќе пожари во околината.
фото: принтскрин