Свет
Турција денеска го отвора најдолгиот висечки мост во светот – од Европа до Азија за 6 минути
Во Турција денеска свечено ќе биде отворен мостот „Чанаккале 1915“ над Дарданелското Море, кое ги поврзува Европа и Азија на 4,6 километри.
Тој е еден од најдолгите такви мостови во светот и најдолгиот меѓу Европа и Азија.
Мостот, познат и како ѓердан на теснината Чанаккале, свечено ќе го отвори турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 107-годишнината од поморската битка во Чанаккале, јавува „Анадолија“. Тој, како што е наведено, ќе биде најдолгиот висечки мост со среден распон во светот.
Мостот ќе го скрати времето на патување меѓу Азија и Европа на само шест минути, пишува „Дејли сабах“.
Тој наведува дека патувањето со фериботот меѓу европската и анадолската (азиска) страна на Дарданелите трае приближно 30 минути, а дека превозот со траект понекогаш се откажува поради невремето. Истовремено, за време на празничната сезона чекаат во ред со часови за да се качат.
The new Canakkale 1915 Bridge which is being officially opened today in #Turkey/#Turkiye. Will be longest suspension Bridge in the world. pic.twitter.com/qmc8cI5eTk
— Andrew Hopkins (@achopkins1) March 18, 2022
Мостот „Чанаккале 1915“ ќе биде најдолгиот висечки мост во светот, со вкупна должина од 4.608 метри, со распон меѓу носечките столбови од 2.023 метри, должина што ја симболизира 2023 година, одбележувајќи ја 100-годишнината од основањето на Републиката.
Изградбата почна во март 2018 година, а проектот чинеше вкупно 3,1 милијарди евра, 100 милиони евра повеќе од планираното, поради влијанието на пандемијата и зголемените цени на материјалите.
Се проценува дека завршувањето на овој проект ќе го намали сообраќајот на фериботите, особено за време на летните месеци и државните празници, и ќе стане алтернативна рута за транспорт од Истанбул и Тракија до регионите Мрамора и Егејското Море.
Покрај намалувањето на времето на патување, проектот ќе обезбеди интеграција на пристаништата во регионите на Мармара и Егејското Море во сите транспортни системи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.