Свет
Турција може да добие руска алтернатива за „Ф-35“ ако САД не ѝ дадат авиони
Турција може да добие алтернатива од Русија за борбените авиони од американската петта генерација „Ф-35“ ако Вашингтон одбие да ја снабди Анкара, изјави турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, за телевизијата „Хабер“.
„Ако САД не ни го дадат „Ф-35“, Русија може да понуди своја алтернатива“, рече Чавушоглу.
Во вторникот американскиот Конгрес го одобри буџетот за одбрана за 2020 година, при што демократите и републиканците се изјаснија дека купувањето руски ракетни одбранбени системи „С-400“ од страна на Анкара може да повлече санкции во согласност со Законот за борба против руското влијание во Европа и Евроазија.
Американските законодавци му дадоа на секретарот за одбрана дискреционо право да потроши до 30 милиони американски долари за складирање на авионите од петтата генерација сè додека не се официјализира планот за нивна употреба.
Кон крајот на октомври турскиот весник „Дејли сабах“ објави дека Анкара и Москва биле блиску до постигнување договор за испорака на 36 ловци „сухој су-35“. Според весникот, двете страни би можеле да се согласат Турција да почне со производство на некои компоненти за руски авиони.
Шефот на Федералната служба на Русија за воена и техничка соработка, Дмитриј Шугајев, рече дека се водат консултации за евентуална испорака на авионите „су-35“ и „су-57“, но сè уште не се разговарало за договор.
Шпекулациите за евентуалното купување руски борбени авиони во Турција беа поттикнати од посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Москва на 27 август. При посетата турскиот претседател покажа интерес за воените авиони „сухој“. Ердоган подоцна рече дека не ја исклучува можноста да ги набави авионите „су-35“ и „су-57“ наместо американските борбени авиони „Ф-35“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Брутално претепан познатиот албански водител Елтон Тозај, може да остане слеп
Познатиот албански водител Елтон Тозај бил нападнат и брутално претепан синоќа околу 19:30 часот на автопатот Тирана-Драч, под околности кои сè уште остануваат вознемирувачки и нејасни, објавија медиумите.
Според информациите објавени од неговото семејство, на неговиот профил на социјалните мрежи, новинарот бил брутално нападнат од неколку лица. Во насилството врз Тозај му биле нанесени сериозни физички повреди.
„Семејството објави дека Елтон Тозај моментално е во сериозна здравствена состојба и е на интензивна медицинска нега. Според нив, ситуацијата е деликатна, бидејќи новинарот се бори да не го изгуби видот, што го прави овој настан уште поалармантен“, наведуваат медиумите.
Од полицијата засега нема информација околу настанот.
Свет
Бурата Јоханес ја погоди Шведска, повеќе од 40.000 домаќинства без струја
Бурата Јоханес ја погоди Шведска носејќи силни ветрови и снежни врнежи, додека повеќе од 40.000 домаќинства останаа без електрична енергија.
Според метеоролозите, бурата се шири брзо и се очекува ветровите да се зајакнат во текот на денот.
Бурата започна ноќеска од северот на земјата, со многу силни ветрови, додека жолти и портокалови временски предупредувања беа издадени за поголемиот дел од Шведска, пренесе локалниот портал Expressen.
Свет
По рускиот напад над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без греење во Киев
Околу 600.000 потрошувачи во Киев и околниот регион останаа без електрична енергија.
Енергетските екипи се на терен и вложуваат максимални напори за што поскоро враќање на снабдувањето, објави премиерката на Украина Јулија Свириденко на социјалните мрежи.
„Работиме на решавање на последиците од ноќниот напад врз Киев и регионот. Предупредувањето за воздушна опасност во Киев беше на сила 10 часа. Една жена почина во регионот на Киев. Во главниот град досега се повредени 32 лица“, рече Свириденко.
Службите за итни случаи се на терен, кои, заедно со медицинските екипи, ги расчистуваат урнатините и им пружаат помош на жртвите. Премиерката додаде дека во нападот се оштетени цивилни и енергетски објекти.
Во моментов, над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без централно греење“

