Свет
Ужас во Канада: Под училиште пронајдени остатоци од 215 деца
Остатоци од 215 деца, од кои имало дури и на возраст од само три години, биле пронајдени закопани на местото на поранешното училиште за домородни деца во Канада, откритие кое премиерот Џастин Трудо го нарече шокантно потсетување на срамното поглавје во историјата на земјата.
Станува збор за ученици на индиското станбено училиште „Камлупс“ во Британска Колумбија, кое беше затворено во 1978 година, а нивните остатоци се пронајдени со помош на специјален радар.
„ Можевме да го потврдиме она што нашата заедница веќе го знаеше“, рекла лидерката на домородната заедница, Росана Казимир.
„ Во моментов, имаме повеќе прашања отколку одговори. Шестгодишна истрага за канадскиот станбен училишен систем, кој насилно ги одделуваше домородните деца од нивните семејства, откри во 2015 година дека системот, во меѓувреме, укинат, претставува „културен геноцид“ додала таа.

Во извештајот се документирани ужасно физичко насилство, неухранетост и други злосторства на кои биле изложени многу од 150.000 деца, кои го посетувале училиштето, кое главно го воделе христијанските цркви во име на државната влада, од 1840-тите до 90-тите години на минатиот век.
Извештајот открива дека повеќе од 4.100 деца умреле за време на нивниот престој во станбеното училиште. Се верува дека 215 деца чии остатоци биле пронајдени закопани под некогашното најголемо такво училиште во Канада не се дел од таа статистика и дека нивната смрт останала не евидентирана сè до ова откритие.
Трудо на Твитер напиша дека веста „му го крши срцето – во болно потсетување на тоа мрачно и срамно поглавје во историјата на нашата земја“.
Во 2008 година, канадската влада официјално се извини за системот. Домородната заедница соопшти дека очекува прелиминарни резултати од истрагата до средината на јуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ушаков: Франција и Велика Британија сакаат да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје
Помошникот на претседателот на Русија, Јуриј Ушаков, денеска изјави дека Русија е запознаена со плановите на Франција и Велика Британија да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје или технологија за производство на такво оружје.
„Американците, секако, ќе бидат информирани за сè, но тие веќе знаат. Во моментов ова се коментира на сите канали. Ние ќе им го кажеме тоа конкретно“, изјави Ушаков за телевизискиот канал „Росија 1“ и додаде дека плановите на Франција и Велика Британија да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје или технологија за негово производство ќе влијаат врз ставот на Русија за решавањето на украинскиот конфликт, пренесуваат „Интерфакс“ и „Танјуг“.
Претходно денеска, заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, на својот профил на „Икс“ објави дека употребата на руско нуклеарно оружје против цели во Украина, како и нуклеарни удари врз Велика Британија и Франција, би биле легални и оправдани доколку Лондон и Париз му предадат нуклеарна технологија на Киев.
Свет
Ројтерс: Иран блиску до договор со Кина за ракети кои наводно се способни да потопат носач на авиони
Иран е блиску до склучување договор со Кина за набавка на противбродски крстосувачки ракети CM-302, во момент кога САД распоредуваат значителни поморски сили во близина на иранскиот брег, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на шест извори запознаени со преговорите.
Според извештајот, договорот е речиси финализиран, но датумот на испорака сè уште не е утврден. Станува збор за супeрсонични ракети со дострел од околу 290 километри, дизајнирани да избегнуваат бродска одбрана со лет на мала висина и голема брзина.
Експерти за вооружување оценуваат дека нивното воведување би ги засилило иранските напаѓачки способности и би претставувало сериозна закана за американските поморски сили во регионот. Поранешен израелски разузнавач изјавил дека таквата способност „целосно би ги променила правилата на игра“.
Преговорите со Кина започнале пред две години, но се забрзале по минатогодишниот конфликт меѓу Израел и Иран, наведуваат изворите. Во меѓувреме, САД распоредуваат носачи на авиони, вклучително и USS Abraham Lincoln и USS Gerald R. Ford, во близина на Иран.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопштило дека не е запознаено со преговорите за продажба на ракети, додека Белата куќа не дала директен коментар. Американскиот претседател, Доналд Трамп, му дал рок на Иран за договор околу нуклеарната програма, во спротивно се заканил со „драстични мерки“.
Свет
Обилни дождови во Бразил: Најмалку 14 загинати, 440 раселени
Најмалку 14 лица загинале, а 440 се раселени откако обилни дождови го погодиле југоисточниот бразилски град Жуис де Фора, соопштија локалните власти.
Дождовите предизвикале поплави и свлечишта, а наставата во општинските училишта е прекината. Властите мобилизирале специјализирани тимови за помош и потрага по исчезнати лица. Градот, кој се наоѓа во сојузната држава Минас Жераис, прогласил состојба на катастрофа.
Локалните власти наведуваат дека ова е најврнежливиот февруари во историјата на градот, со двојно повеќе врнежи од очекуваното. Националниот институт за метеорологија издал предупредувања за обилни дождови во делови од 14 сојузни држави, вклучително и Рио де Женеиро.

