Свет
Украина: Вративме дел од територијата на југ

Армијата на Украина денеска соопшти дека зазела дополнителни 1,5 квадратни километри околу неодамна ослободеното село Роботин на југот на земјата.
„Русите се држат за секој метар украинска земја. Сепак, украинските воени сили се обидуваат да ѝ отежнат на руската армија колку што е можно повеќе, а во некои области тоа беше успешно“, рече Александар Ступун, воен портпарол на првите редови, денеска.
Украина повеќе од година и пол се брани од руската инвазија со воена помош од Западот. Украинската армија на 24 август го пријави ослободувањето на селото Роботин, кое се смета за дел од најзацврстениот руски одбранбен ѕид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп дополнително ги зголеми царините за Кина

Белата Куќа потврди дека вкупната царина за кинески стоки сега е 145 отсто и дека стапката стапува во сила веднаш.
Актуелниот американски претседател, Доналд Трамп, вчера објави дека царините против Пекинг ќе се зголемат на 125 отсто, како одговор на, како што тврди, нефер кинеските трговски практики.
Сепак, Белата куќа денеска појасни дека бројката не ја вклучува постојната царина од 20 отсто, што Трамп ја наметна во првите недели од неговиот втор мандат.
Вкупната стапка од 145 oтсто е над сите други тарифи што беа во сила пред враќањето на Трамп во Белата куќа, кои се разликуваат според типот на производот.
Вчера Трамп ги паузираше повеќето од своите глобални царини, воведувајќи стандардна стапка од 10 отсто на увозот од речиси сите земји. Главен исклучок, се разбира, останува Кина, која и возврати на Америка со тарифна противмерка од 84 проценти.
Свет
Трамп: Договорот со Кина за „Тик-ток“ е на маса

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека договорот за „Тик-Ток“ со Кина е на маса, и покрај ескалацијата на трговската војна меѓу Вашингтон и Пекинг.
„Кина не е многу ентузијаст за потпишувањето“, рече Трамп во Овалната соба.
„Имаме договор со некои многу добри луѓе, некои многу богати компании, кои би завршиле одлична работа со тоа, но ќе мора да почекаме и да видиме што ќе се случи со Кина. Има многу на маса. Мислам дека Кина всушност ќе сака да го направи тоа“, додаде тој.
Преговорите продолжуваат.
Трамп најави 90-дневна пауза на неговите нови „реципрочни“ царини за повеќето земји, но ги задржа претходно воведените царини од 104 отсто за Кина и воведе дополнителни 21 отсто како одмазда.
Минатата недела Трамп го продолжи рокот за присилна продажба на „Тик-ток“ за 75 дена, дозволувајќи и на популарната платформа за социјални медиуми да продолжи да работи во САД.
Сопственикот на компанијата, „Бајт денс“, вели дека преговорите со САД продолжуваат, но дека секој договор со Вашингтон ќе биде предмет на кинескиот закон.
Иднината на „Тик-ток“ остана неизвесна откако законот потпишан од поранешниот американски претседател Џо Бајден бара од „Бајт денс“ да ја продаде платформата или да се соочи со забрана. Неколку американски компании, вклучувајќи го и „Амазон“, наводно понудиле да ја преземат платформата за споделување видеа.
Свет
Германија ќе го преполови бројот на работни визи за Западен Балкан, меѓу кои и Македонија

Германија ќе го преполови бројот на имигранти од Западен Балкан, според коалицискиот договор на новата демохристијанско-социјалдемократска влада.
„Редовната миграција во Германија во рамки на таканареченото Правило за Западен Балкан ќе биде ограничена на 25.000 луѓе годишно“, се вели во коалицискиот договор што Унијата ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократската партија на Германија (СПД) го претставија денеска во Берлин.
Правилото со кое им се дозволува на работниците од Западен Балкан да имигрираат за работни цели беше воведено на почетокот на 2016 година, откако земјите од регионот беа прогласени за безбедни земји, со што практично беше исклучено стекнувањето на правата на азил во Германија за граѓаните на тие земји.
Ова правило имаше за цел да им овозможи на оние лица кои ќе најдат работа во Германија да имигрираат во Германија на редовна основа. За разлика од другите правила за трудови имигранти кои не доаѓаат од некоја од земјите на Европската унија, имиграцијата според Правилото за Западен Балкан не бара квалификации, туку само договор за вработување со работодавач во Германија.
Последната социјалдемократско-зелено-либерална влада ја удвои квотата според ова правило на 50.000 работни дозволи годишно пред помалку од една година. На крајот на минатата година, во Германија се регистрирани 79.500 лица врз основа на имиграција според правилата за Западен Балкан. Најголем број се од Косово, а потоа следат граѓаните на Босна и Херцеговина.
Граѓаните на шест земји од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија) исто така можат легално да имигрираат во Германија преку други програми за имиграција на квалификувана работна сила. Најголем проблем при издавањето на работните визи беше ограничениот капацитет на германските конзуларни претставништва, каде во почетната фаза се чекаше за термин повеќе од една година.