Свет
Украина го повикува Бразил да го уапси Путин доколку дојде на самитот на Г20
Главниот украински обвинител Андриј Костин денеска изјави дека добил разузнавачки информации дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да присуствува на самитот на Г-20 во Бразил следниот месец и ги повика тамошните власти да издадат налог за негово апсење доколку тој се појави.
Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налог за апсење на Путин во март 2023 година, околу една година по рускиот напад врз Украина, обвинувајќи го за воено злосторство депортација на деца, објави Ројтерс.
Кремљ ја отфрли наредбата на МКС како ништовна.
На новинарско прашање дали е донесена одлука Путин да присуствува на состанокот на Г-20, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска на новинарите им рече дека тоа е негативно.
„Кога ќе биде донесена одлуката, ќе ве информираме“, додаде Песков, пренесува Танјуг.
Украинскиот обвинител Костин рече дека е важно меѓународната заедница да биде обединета и да бара одговорност од Путин.
Тој додаде дека обврска на бразилските власти врз основа на Римскиот статут, со кој е основан МКС, е да го уапсат Путин доколку се осмели да дојде на самитот.
Според него, ова ќе го докаже статусот на Бразил како демократска држава регулирана со закони, додека во спротивно тоа ќе биде преседан што значи дека лидерите обвинети за злосторства можат неказнето да патуваат.
Бразил испрати стандардна покана до Путин за учество на самитот на Г20 во Рио де Жанеиро на 18-19 ноември, но не доби потврда за неговото доаѓање, изјавија двајца бразилски владини претставници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Будимпешта против планот на ЕУ: Унгарија нема да учествува во распределбата на мигранти
Унгарија соопшти дека нема да го примени новиот механизам за солидарност во Европската унија и дека нема да прифати ниту еден мигрант, пренесуваат унгарските медиуми. На прес-конференција во Будимпешта, шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан, Гергељ Гуљаш, повтори дека владата останува против миграциската политика на ЕУ.
Министрите за внатрешни работи и правда на ЕУ во понеделник го договорија механизмот што предвидува распределба на мигранти меѓу земјите членки, при што државите кои не сакаат да прифатат бегалци можат да дадат финансиски или материјални придонеси. Пактот треба да стапи во сила во јуни 2026 година.
Гуљаш изјави дека „Унгарија нема да го спроведе миграцискиот пакт“, додавајќи дека Унијата „нема овластување да одлучува со кого треба да живеат Унгарците“. Тој потсети дека на референдумот во 2016 година мнозинството гласачи ја одбиле, како што наведе владата, присилната распределба на мигранти од страна на ЕУ, иако излезноста била недоволна за резултатите да бидат валидни.
Европскиот суд во 2024 година ја казни Унгарија со 200 милиони евра и дополнителна дневна казна од еден милион евра поради прекршување на законите на ЕУ за азил, вклучително и де факто суспендирање на приемот на барања за азил и незаконско притворање на мигранти. Комесарот за миграции на ЕУ, Магнус Бруннер, изрази жалење за ставот на Будимпешта и нагласи дека државите членки треба да ги почитуваат одлуките на Унијата.
Свет
Зеленски: Го финализираме мировниот документ што наскоро ќе им го претставиме на Американците
Претседателот на Украона, Володимир Зеленски вели дека земјата го финализира мировниот документ од 20 точки и ќе го претстави на Соединетите Држави наскоро.
Во соопштението, Зеленски наведува дека Украина и САД ќе одржат нови разговори за повоена обнова и економски развој.
„Ја финализираме работата на 20-те точки од фундаменталниот документ што би можел да ги дефинира параметрите за завршување на војната и очекуваме наскоро да им го предадеме на Соединетите Држави, по нашата заедничка работа со тимот на претседателот Трамп и партнерите во Европа“, рече Зеленски.
Тој најави дека по овие разговори ќе следи виртуелен состанок на таканаречената Коалиција на волјата.
„Работиме многу продуктивно за да ја гарантираме идната безбедност и да спречиме повторување на руската агресија“, додаде Зеленски.
Свет
Најострата реакција на ЕУ на нападот на Трамп досега: „Тој нè гледа како ривал“
Висок функционер за одбрана на Европската Унија денес издаде невообичаено остро предупредување, тврдејќи дека новата Национална безбедносна стратегија на САД покажува „јасен антагонизам кон Европската Унија“ и е геополитичка игра насочена кон спречување на Европа да стане обединета сила.
Во остро формулиран текст објавен само неколку дена откако Вашингтон ја претстави својата стратегија за 2025 година, комесарот за одбрана на ЕУ, Андриус Кубилиус, тврди дека загриженоста на Вашингтон за наводното „цивилизациско бришење“ на Европа не се заснова на искрена загриженост за вредностите, туку на ладна американска геополитичка пресметка, пишува „Политико“.
„Единството на ЕУ е против интересите на САД“, напиша Кубилиус, сумирајќи ја логиката за која вели дека е основа на документот на администрацијата на Трамп.
Тој посочи на пасуси во стратегијата кои го повикуваат Вашингтон да „поттикне отпор“ во рамките на европските земји и да соработува со националистичките партии кои се противат на подлабоката интеграција.
Кубилиус го толкува таквиот јазик како доказ дека Соединетите Американски Држави се подготвени да „се борат против Европската Унија, против нашата сила преку единство“.
Ставот на Трамп за Европа беше дополнително нагласен во интервју за „Политико“ објавено вчера, каде што ги осуди европските лидери како „слаби“.
Кубилиус напиша дека Соединетите Американски Држави сега ја гледаат покохезивната Европска Унија како потенцијален предизвикувач на американското влијание.
„Антагонистичкиот јазик на Стратегијата за национална безбедност на САД за Европската Унија не произлегува од американските сентиментални емоции за „добрата стара Европа“, туку од длабоки стратешки размислувања“, напиша тој.
Комесарот го поврза светогледот на стратегијата со идеите на Елбриџ Колби – сега висок функционер во Пентагон – чија книга „Стратегијата на негирање“ тврди дека САД мора да спречат кој било регион да формира доминантна сила способна да го ограничи американскиот пристап до пазарите.
фото/депозитфотос

