Европа
Украина официјално ја забрани руската вакцина „Спутник“

Украина забрани употреба на руската вакцина против коронавирусот „Спутник В“ на нејзината територија, со образложение дека во земјата не може да се дистрибуира ниту една вакцина произведена од држава агресор, пренесува „Гардијан“.
Овој потег доаѓа во време кога Европската унија ја разгледува можноста за одобрување на руската вакцина, а во студија во престижното медицинско списание „Лансет“ објавено е дека нејзината ефикасност е 91,6 проценти.
Британскиот весник потсетува дека Унгарија, која е членка на ЕУ, веќе одобри употреба на „Спутник В“.
Киев, кој е во конфликт со Москва поради анексијата на Крим во 2014 година и поддршката на Русија за сепаратистите во источна Украина, повеќепати најавуваше дека ќе ја блокира употребата на руски вакцини.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рече дека земјата ќе користи само вакцини од водечки производители.
Според некои извештаи, Русија им обезбедува вакцини на проруските приврзаници во источна Украина, додека Киев се бори да обезбеди вакцини од други добавувачи, пишува „Гардијан“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Францускиот премиер пред заминување: Нашата земја е во голема опасност

Преголемиот долг на Франција го доведува во прашање нејзиниот опстанок, предупреди денес премиерот Франсоа Бајру, пред гласањето за доверба на неговата влада, кое се очекува да го изгуби, што би можело да ја турне втората по големина економија во еврозоната во подлабока криза.
Бајру, четвртиот премиер за помалку од две години, побара гласање за доверба поради акутниот притисок со кој се соочува Франција, со минатогодишниот дефицит кој е речиси двојно поголем од европската граница од 3 проценти од БДП и јавниот долг од 113,9 проценти од БДП.
Тој го предупреди парламентот дека секоја следна влада ќе се соочи со истите проблеми. „Имате моќ да соборите влада, но немате моќ да ја избришете реалноста. Реалноста ќе остане неумолива: трошоците ќе продолжат да растат, а товарот на долгот, веќе неподнослив, ќе стане потежок и поскап“, им рече Бајру на пратениците.
Опозициските партии јасно ставија до знаење дека не се согласуваат со него за тоа како да се справи со долгот и ќе гласаат против малцинската влада на Бајру.
„Клучното прашање, прашање на живот и смрт, каде што е во прашање нашиот опстанок… е прашањето за контрола на нашите трошоци, прашањето за презадолженост“, го предупреди Бајру парламентот.
Падот на малцинската влада, што изгледа веројатно, би можел дополнително да ги продлабочи проблемите на Франција во критичен момент за Европа која бара единство, соочена со војната на Русија во Украина, сè подоминантната Кина и трговските тензии со Соединетите Американски Држави.
„Нашата земја има итна потреба од јасност, има најитна потреба од единство. Но, токму поделбата се заканува да преовлада, а го загрозува нејзиниот имиџ и углед.“
Исходот од гласањето за доверба, по говорите на Бајру и лидерите на сите политички групи, би можел да биде познат околу 19 часот по средноевропско време.
Европа
Сојузникот на Фицо ја спореди Украина со Хамас: „Ова е ист вид провоциран конфликт“

Тибор Гаспар, заменик-претседател на словачкиот парламент и пратеник од владејачката партија Смер, ја спореди Украина со милитантната група Хамас.
„Роберт Фицо постојано зборуваше за тоа како ги перцепира дејствијата на Русија. Тој верува дека почетокот на војната е кршење на меѓународното право, но… ова е провоцирана агресија“, рече Гаспар.
Пратеникот отиде подалеку, изедначувајќи ја Украина со Хамас и неговиот напад врз Израел на 7 октомври 2023 година. „Ова е ист вид провоциран конфликт како кога терористите од Палестина го нападнаа Израел. Војната се разви на потполно ист начин“, тврдеше тој.
„Киев Индепендент“ пишува дека оваа споредба „ја искривува реалноста со тоа што ја изедначува Украина, суверена држава која се брани од руска инвазија, со Хамас, милитантна група прогласена за терористичка од неколку земји, која масакрирала цивили и земала заложници“.
Откако се врати на власт во 2023 година, Фицо и неговата партија Смер ја прекинаа воената помош за Украина и ги оспорија европските санкции кон Русија. Дополнително, Фицо објави дека ќе го блокира пристапот на Украина во НАТО.
За време на состанокот со Фицо во Пекинг минатата недела, рускиот претседател Владимир Путин го пофали ставот на Братислава како „независна надворешна политика“ која дава „позитивни резултати“. Словачка, заедно со Унгарија под премиерот Виктор Орбан, се соочува со растечки критики од европските сојузници за продлабочување на врските со Москва.
фото: принтскрин
Европа
Сè е подготвено за воената вежба „Запад 2025“; Европа ја очекуваат неколку нервозни денови

Соседите на Русија се подготвуваат за неколку нервозни денови, бидејќи Русија и Белорусија ја одржуваат воената вежба „Запад 2025“, прва по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Вежбите, што ќе се одржат од 12 до 16 септември, ќе вклучуваат неколку маневри во близина на Полска и Литванија, бидејќи Кремљ вежба за можен судир со силите на НАТО.
„Мораме сериозно да ги сфатиме вежбите во близина на границите на НАТО и ЕУ. И соседните земји и самото НАТО се однесуваат кон нив со најголема сериозност. Литванија и нашите сојузници се подготвени, обединети и внимателно ќе го следат развојот на настаните, подготвени да одговорат доколку е потребно“, рече заменик-министерот за одбрана на Литванија, Томас Годљаускас.
Членките на НАТО организираат свои вежби
Како одговор на воената вежба „Запад 2025“, земјите од НАТО што се граничат со Русија одржуваат свои воени вежби. Во вежбата „Tarassis 25“ учествуваат 10 северноевропски земји од НАТО, додека Литванија ќе одржи своја национална одбранбена вежба „Thunder Strike“.
Полска оваа недела ја одржува својата вежба „Iron Defender-25“, во која учествуваат 30.000 војници. „Полска соодветно ќе одговори на вежбите „Запад 2025“, изјави заменик-министерот за одбрана Чезари Томчик за полската телевизија RMF.
Русија ги одржува вежбите „Запад“ на секои четири години од 1999 година, а загриженоста за нив стана традиција. Иако формално дефанзивна, вежбата од 2009 година симулираше нуклеарен напад врз Варшава, а вежбата од 2021 година доведе до масовно зголемување на силите во Белорусија кои беа искористени месеци подоцна за напад врз Украина, објавува Политико.
„Поради растечката загриженост дека Русија би можела да нападне членка на НАТО, веројатно во Балтикот, НАТО многу внимателно следи дали воената вежба му дава на Западот некаква индикација за идна руска офанзива“, забележа Томас Јанелиунас, професор на Институтот за меѓународни односи и политички науки на Универзитетот во Вилнус.
Белорусија покани набљудувачи од НАТО и ОБСЕ
Западните набљудувачи ќе ги користат вежбите за да ја проценат подготвеноста на руската војска три години откако таа ја нападна Украина. „НАТО многу внимателно ги следи руските воени активности. Не гледаме никаква непосредна воена закана против кој било сојузник на НАТО. Сепак, остануваме будни“, соопшти воениот сојуз.
Организаторите на „Запад“, тврдат дека нивните вежби нема да надминат 13.000 луѓе, а Белорусија соопшти дека поканила набљудувачи од земјите на НАТО, како и од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
„Русија, исто така, спроведува три одделни вежби со земјите од Организацијата на договорот за колективна безбедност, прикривајќи ја вистинската големина на вежбите. Се очекува сценаријата на овие вежби да укажуваат на видот на војување за кое Русија се подготвува против Западот“, објави Германскиот совет за надворешни односи.
Помалку војници отколку пред четири години
Вежбата „Запад“ ќе ги опфати руските воени области Москва и Ленинград, енклавата Калининград, арктичкиот регион, Балтичкото и Баренцовото Море и Белорусија.
Некои вежби, во близина на белоруското село Гожа и во Доброволск во Калининград, ќе се одржат само неколку десетици километри од Полска и Литванија. Војници ќе бидат распоредени и од двете страни на превојот Сували, коридор од 70 километри помеѓу Белорусија и Калининград, кој се смета за еден од најранливите одбранбени тесни грла во Европа.
Литванското воено разузнавање очекува до 30.000 војници да учествуваат во вежбата „Запад“, многу помалку отколку во 2021 година, кога учествуваа околу 200.000 војници. „Ова е далеку од она што би му било потребно на Русија за да нападне членка на НАТО, особено затоа што војната во Украина сè уште трае“, тврди Јанелиунас.
фото: принтскрин