Европа
Украина тврди дека руски војници биле убиени во напад во Курск

Киев тврди дека до 30 руски војници биле убиени во воздушен напад врз елемент од воената инфраструктура во руската област Курск.
„Како резултат на нападот целта беше целосно уништена“, се вели во соопштението на украинскиот Генералштаб додавајќи дека нападот „ја ослабнал способноста на непријателот да дејствува против украинските одбранбени сили во регионите Суми и Курск“.
Украина почна упад во областа Курск во август минатата година, но во последните недели нејзините сили се повлекуваат поради рускиот притисок.
Русија и САД тврдат дека значителен број украински сили се опколени во областа Курск, што Украина го негира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Украинските и американските претставници денеска се среќаваат во Ријад

Делегацијата од Киев денеска останува во Саудиска Арабија на понатамошни разговори со американски претставници.
Украинскиот јавен сервис „Суспилне“, повикувајќи се на украински извори, објави дека средбата ќе се одржи денеска – еден ден откако САД и Русија одржаа состанок во истата земја.
Минатата недела Москва го отфрли американскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот, а вчера Доналд Трамп ги наведе темите на дневниот ред на разговорите. „Во моментот зборуваме за територија“, рече Трамп. „Зборуваме за разграничување, за моќ и сопственост на електрани“.
Европа
Русија: Разговорот беше интензивен, но многу корисен, ќе вклучиме и други земји

Разговорите меѓу Русија и САД беа предизвикувачки, но корисни, а Обединетите нации и другите земји ќе бидат вклучени во дополнителни дискусии, изјави за новинската агенција ТАСС член на руската делегација на разговорите. „Се разговараше за сѐ – дијалогот беше интензивен и предизвикувачки, но многу корисен и за нас и за Американците“, изјави рускиот сенатор Григориј Карасин додавајќи дека се разговарало за многу проблеми.
Карасин, поранешен дипломат, рече дека разговорите ќе продолжат и ќе ги вклучат Обединетите нации и други неидентификувани земји. „Ние ќе продолжиме да го правиме тоа, вклучително и меѓународната заедница, првенствено Обединетите нации и одделни земји“, рече тој, без да прецизира за кои земји станува збор.
„Генерално, впечатокот беше за конструктивен дијалог, кој е итно потребен. За тоа се заинтересирани и Американците“, рече Карасин. Руски извор изјави за „Ројтерс“ дека нацрт-заедничката изјава е испратена до Москва и Вашингтон на одобрување, а страните имаат намера да ја објават во вторник.
Европа
Британските и француските воени команданти се сретнаа пред преговорите за Украина

Британските и француските воени команданти се состанаа во Лондон на почетокот на неделата на која ќе има дополнителни разговори за плановите за мировна мисија во Украина.
Адмирал Тони Радакин, командант на британските вооружени сили, рече дека двете европски нуклеарни сили „преземаат чекори за создавање посилно и подлабоко партнерство“ по средбата со неговиот француски колега, генерал Тиери Буркхард.
Заедно со командантите на армијата, морнарицата и воздухопловните сили на секоја земја, тие разговараа за напорите за „покренување“ европски одговор на ситуацијата во Украина – додека украинските, руските и американските претставници присуствуваа на разговорите во Саудиска Арабија со цел постигнување прекин на огнот.
Радакин рече дека во клучен момент за европската безбедност, третата средба на шефовите на Генералштабот на Велика Британија и Франција треба да се гледа како знак на реафирмација и посветеност.
„Двете водечки европски нуклеарни сили ја зголемуваат соработката за да создадат посилно и подлабоко партнерство кое е од витално значење за безбедноста на континентот“, рече тој. Тој додаде дека дискусијата ќе помогне во обликувањето на иднината на британско-француската воена соработка и заедничките напори за поддршка на Украина со воена помош „сега и по секој мировен договор“, јави Дпа.
Состанокот доаѓа додека оперативното планирање за европската мировна мисија во Украина продолжува во британското воено седиште во Нортвуд оваа недела.
Кабинетот на британскиот премиер минатата недела објави дека разговорите за создавање „коалиција на подготвените“ ќе продолжат да го забрзуваат темпото и опсегот на оперативното планирање и поблиску да ги разгледаат деталите и структурата на која било идна сила.