Свет
Украинскиот генерал Залужни: Америка го уништува светскиот поредок, НАТО можеби нема да постои
Амбасадорот на Украина во Обединетото Кралство, Валериј Залужни, изјави дека САД го уништуваат сегашниот светски поредок.
Оваа невообичаено отворена изјава доаѓа додека Украина се обидува да ги поправи врските со САД по состанокот во Белата куќа помеѓу Володимир Зеленски и Доналд Трамп.
Генералот Залужни беше сменет од функцијата шеф на украинската армија минатата година, а многумина веруваат дека тој би можел да се кандидира против Зеленски на претседателските избори.
„Не се работи само за „оската на злото“ и Русија се обидува да го ревидира светскиот поредок, туку САД го уништуваат овој поредок“, нагласи Залужни, говорејќи на панелот во британскиот тинк-тенк „Чатам хаус“. Тој тврди дека американската влада „го доведе во прашање“ единството на западниот свет.
„Сега Вашингтон се обидува да ги делегира безбедносните прашања во Европа“, предупреди тој.
Тој фрли сомнеж за иднината на воената алијанса.
„Можеме да кажеме дека во блиска иднина НАТО, исто така, би можел да престане да постои. Гледаме дека Белата куќа сега презема чекори кон Кремљ, обидувајќи се да ги прими, па следната цел на Русија би можела да биде Европа“, нагласи тој.
Патем, украинскиот претседател Володимир Зеленски се обидува да ги намали тензиите со администрацијата на Трамп. Тој призна дека минатонеделната средба со Трамп „не поминала како што требаше“ и нагласи дека Украина е подготвена да преговара за крај на конфликтот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.

