Свет
Украинските житарки заглавени на границата со Полска, нема доволно работници, ниту вагони
Околу 1.100 вагони со жито чекаат во западна Украина за да ја поминат границата со Полска, но не можат да се движат поради долгите бирократски процедури и логистички проблеми, јавуваат трговците и претставници на украинската железничка компанија.
Кога на тоа ќе се додадат вагони натоварени со растително масло, руда, метали, хемикалии и јаглен, бројката се искачува на 24.190 вагони, покажуваат неодамна објавените податоци на украинската државна железничка компанија Укрзализница.
Приближно половина од овие вагони – 10.320, чекаат во близина на селото Изов, главниот железнички граничен премин со Полска, на пат кон полското пристаниште Гдањск.
Главниот проблем е што нема доволно работници или вагони кои би можеле да преработат и преземат толку голема количина стока, велат познавачите на индустријата и Владата.
Украина е еден од најголемите извозници на житарки во светот, а пред војната ги извезуваше речиси исклучиво преку Црното Море. Железницата беше во втор план, поради повисоките транспортни трошоци.
Сега Киев бара алтернатива, копнена рута за извоз, бидејќи руската инвазија ги блокираше нејзините главни пристаништа на југ, што го отежнува извозот на жито и други стоки, потсетуваат официјални лица и упатени во индустријата. Трговците посочуваат дека обидите ги попречуваат логистичките предизвици, но и бирократијата.
Украинската железничка мрежа користи руска пруга, широка околу 1,5 метар, што е околу 10 сантиметри поширока од пругата во поголемиот дел од Европа, па вагоните треба да се подигнуваат со кран, а шасијата да се менува рачно, објаснува шефот на украинската железничка компанија.
Алтернативно решение би било истовар на жито од украински во полски вагони, што може да потрае и до половина час по вагон.
Во моментов границата кај Изов ја минуваат и до 500 вагони дневно, посочува Ткачов, што со други зборови всушност значи наталожени тринеделни испораки. Има уште десетина премини, но многу немаат соодветна инфраструктура, објаснува тој.
Државната железница работи на зголемување на капацитетот, така што Полска, Романија, Унгарија и Словачка ќе можат да преминуваат 1.100 вагони жито дневно за три месеци, што би било речиси десеткратно зголемување од нивото во март, рече тој.
Во исто време, компанијата вработува нови работници, префрла актуелни работници од секторот за превоз на патници во секторот за товарен транспорт, купува опрема за прилагодување на вагоните и се обидува да ги ублажи другите проблеми, како што се царинските процедури, додаде Ткачев.
„Работиме на забрзување на постапката, на намалување на бројот и времетраењето на контролите на вагоните и на документацијата“, прецизира тој.
Владата во Киев не одговори на барањето на „Ројтерс“ да ги коментира информациите.
Украинскиот производител на храна „Астарта холдинг“ се очекува да испорача 25.000 метрички тони пченка на клиентите во Европа во април, но сè уште не го доби потребното одобрение од регулаторите на железницата, рече Јулија Берешченко, директор за односи со инвеститори и развој на бизнисот.
Од компанијата соопштија и дека имаат на залиха околу 150.000 тони неискористено жито, главно пченка. Во овој период од годината силосите треба да бидат речиси празни, нагласуваат тие.
Украина извести дека извозот на жито во март бил една десетина од нивото од истиот месец минатата година поради затворањето на пристаништата, додавајќи дека нарушувањето ги погодува луѓето во многу земји.
Агенциите за хуманитарна помош посочуваат дека земјите кои досега увезувале жито од Украина, вклучувајќи ги Кина, Египет, Турција и Индонезија, ќе мора да најдат алтернативни извори за снабдување бидејќи во спротивно ќе се соочат со недостиг на храна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Воспитувачки во градинка во БиХ психички малтретирале петгодишно дете, му ставале пелена преку алиштата за да му се смеат
Две воспитувачки од предучилишната установа „Бамбини“ во Хаџиќи, кои биле уапсени вчера под сомнение за злоупотреба на деца, ќе бидат ослободени. Окружното обвинителство во Сараево му предложи на Општинскиот суд да им изрече мерки на забрана наместо притвор. Апсењата се случија околу петнаесет дена откако медиумите објавија детали за случај во кој родителите тврдат дека наставничките го понижувале и малтретирале нивниот син.
Воспитувачките А. Х. (25) и А. Х. (27) се осомничени за кривични дела психолошко насилство, занемарување или злоупотреба на дете и предизвикување полесни телесни повреди како соизвршители. Според родителите, наставниците ставале пелена преку облеката на момчето и ги охрабрувале другите деца да му се потсмеваат. Тие се осомничени и дека го повредиле додека се обидувале насилно да го стават во столче за хранење кое било премало за него.
По сослушувањето од страна на полицијата и обвинителството, побарани се мерки за забрана за осомничените, кои вклучуваат забрана за вршење работа поврзана со одгледување и грижа за деца, забрана за посета на установата „Бамбини“ и забрана за контакт со вработените.
Како дел од истрагата, директорот на градинката е уапсен и под сомнение за сторени кривични дела непријавување кривично дело или сторител, давање лажно сведочење и занемарување или злоупотреба на дете. Сепак, по кривичната обработка и сослушувањето, тој е ослободен по наредба на обвинителот.
Свет
Романија: Украинците соборија дрон на 100 метри од наше село, ние ги кренавме авионите
Украина собори дрон во близина на границата со Романија за време на рускиот напад врз украинската пристанишна инфраструктура во текот на ноќта, соопшти романското Министерство за одбрана.
Министерството во соопштението наведува дека испратило борбени авиони да го следат нападот, по што дронот бил соборен на 100 метри од романското село Чилија Вече, кое е одвоено од Украина со реката Дунав.
Романија, членка на Европската Унија и НАТО, дели копнена граница од 650 километри со Украина. Дроновите постојано го нарушуваат нејзиниот воздушен простор, а делови од дронови паднале на нејзина територија откако Русија почна да ги напаѓа украинските пристаништа за време на војната.
Романија, исто така, ги крена борбените авиони во четвртокот кога дрон влезе во нејзиниот воздушен простор за време на рускиот напад врз украинската инфраструктура во близина на границата, соопшти Министерството за одбрана. Порано оваа недела, дрон, исто така, влезе во нејзиниот воздушен простор, додаде министерството.
Романија има законска рамка според која може да соборува дронови во мирно време ако се загрозени животи или имот, но сè уште не ја искористила.
Свет
Песков: Руските служби открија подготовки за напади врз гасоводи
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека руските разузнавачки служби имаат информации за можни планови на Киев за саботажа на гасоводите „Син поток“ и „Турски поток“.
„Нашите специјални служби ги имаат овие информации. Тие ги евидентираат обидите на режимот во Киев да се подготви за нови акти на саботажа“, им рече Песков на новинарите, одговарајќи на прашање за претходната изјава на рускиот претседател Владимир Путин, кој на состанокот на колегиумот на ФСБ изјави дека се добиени информации за можни планови за напад врз гореспоменатите гасоводи, објави Риа Новости.
Зборувајќи за политичкиот курс на Украина, Песков оцени дека „досега нема значајни промени во ставот на режимот во Киев“.
Коментирајќи ја безбедносната состојба во Јужна Азија, Песков рече дека директните воени конфликти меѓу Пакистан и Авганистан „не се добар знак“ и изрази надеж дека тие ќе завршат што е можно поскоро.
„Секако, директните воени конфликти што се случија не се добар знак. Затоа, се надеваме дека тие ќе престанат што е можно поскоро“, рече Песков.
Тој додаде дека Москва внимателно го следи развојот на настаните.
Песков, исто така, оцени дека, имајќи го предвид расположението во одредени европски земји, обидите за „легализирање на кражбата“ на руски имот на Запад ќе продолжат.
„Со оглед на преовладувачкото расположение меѓу европските земји, јасно е дека нивните обиди да ја протуркаат и легитимираат оваа кражба ќе продолжат“, рече Песков, реагирајќи на претходната изјава на германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, кој изјави дека прашањето за користење на замрзнатите руски средства за поддршка на Украина во моментов не е на агендата на Европската унија.
Зборувајќи за билатералните односи, портпаролот на Кремљ потврди дека се подготвува средба меѓу Путин и премиерот на Пакистан, Шехбаз Шариф, кој треба да ја посети Русија од 3 до 5 март, пренесува Танјуг.

