Свет
Унгарија е единствената земја во ЕУ која не поддржа украинските војници да се обучуваат во Европа
Унгарија е единствената земја од ЕУ која не ја поддржа иницијативата за обука на украински војници во Европа.
Таа нема да учествува во тоа, изјави шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.
„Денеска беше донесена одлука Европската Унија да почне мисија за обука, односно претставници на земјите од Европската Унија ќе обучуваат војници на украинската армија. Би сакал да кажам дека Унгарија не гласаше за таа иницијатива. Ние нема да учествуваме во таа мисија“, рече Сијарто.
Тој објасни дека Унгарија е единствената земја од ЕУ која зазеде таков став, бидејќи не поддржува чекори кои водат кон ескалација на конфликтот, туку, напротив, се залага што поскоро да дојде до почеток на мировните преговори.
Дипломатот на крајот од седницата на министрите за надворешни работи на Европската Унија во Луксембург изјави дека Унгарија продолжува да инсистира да одбие да испорача оружје на Украина, за да не биде вовлечена во конфликтот.
Претходно, шефовите на надворешните работи на ЕУ конечно го одобрија доделувањето на шестата транша од воената помош за Киев во износ од 500 милиони евра, како и распоредување мисија за обука на украинската армија надвор од територијата на Украина.
На почетокот на март унгарскиот парламент донесе декрет со кој се забранува испорака на оружје за Украина од унгарска територија. Украинскиот претседател Владимир Зеленски изрази незадоволство што Унгарија е против продолжување на антируските санкции за енергетскиот сектор и не поддржува воведување зона на забранети летови над Украина, не го снабдува Киев со оружје и не дозволува негов транзит преку Унгарија.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Будимпешта ги брани своите национални интереси и се држи само до својата страна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Драма во Кина: напад со нож во болница, има загинати и повредени
Во напад на болница во југозападна Кина, повеќе од десет лица се убиени или ранети, јавуваат државните медиуми, кои не ја прецизираат природата на нападот.
„Инцидентот се случил во локалната болница во 13:20 часот по локално време“, соопшти државната новинска агенција „Ксинхуа“.
Нападот се случил во округот Женгксионг во североисточниот дел на југозападната провинција Јунан и истрагата е во тек.
Масовните насилни злосторства се ретки во Кина, која строго им забранува на граѓаните да поседуваат огнено оружје.
Свет
Сафади: Со бомбардирањето на Рафах, Нетанјаху го загрозува примирјето
Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека го загрозил постигнувањето на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас со бомбардирањето на градот Рафах на југот на Појасот Газа. „Направени се огромни напори за да се постигне договор со кој ќе се ослободат заложниците и ќе се постигне прекин на огнот. Хамас го претстави предлогот.
„Ако Нетанјаху навистина сакаше договор, сериозно ќе преговараше за тоа. Наместо тоа, тој се заканува на договорот со бомбардирање на Рафах“, рече Сафади на социјалната мрежа Икс, а пренесе Ројтерс. Вчера Хамас објави дека го прифатил предлогот за прекин на огнот во Газа предложен од Египет и Катар.
Таа палестинска милитантна група во соопштение наведе дека нејзиниот шеф, Исмаил Ханије ги известил премиерот на Катар, Мухамед Бин Абдулрахман Бин Џасим Ал Тани и шефот на египетската разузнавачка служба Абас Камел дека го прифаќа нивниот предлог.
Набргу по објавувањето на Хамас, „Тајмс оф Израел“ објави изјави од неименувани израелски претставници, кои рекоа дека најавата на Хамас не се зема предвид, бидејќи предлогот со кој се согласи Хамас не ги вклучува условите со кои се согласи Израел.
Израелскиот воен кабинет синоќа едногласно одлучи да ја спроведе планираната операција во градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, со цел „да се изврши воен притисок врз Хамас“, соопштија од кабинетот на премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху и покрај тоа што Хамас претходно објави дека се согласува со египетско-катарскиот предлог за прекин на огнот, пренесува Танјуг.
Свет
Амбасадорите на ЕУ и САД во Москва нема да присуствуваат на инаугурацијата на Путин
Амбасадорите на Европската Унија и Соединетите Американски Држави во Москва нема да присуствуваат на церемонијата на инаугурација на рускиот претседател Владимир Путин.
Портпаролот на ЕУ Петер Стано рече дека оваа одлука е во согласност со ставот на мнозинството земји-членки на блокот.
„Нашиот амбасадор нема да присуствува, повеќето земји-членки нема да присуствуваат“, рече Стано, а пренесе Ројтерс.
Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер изјави дека американскиот амбасадор во Москва нема да присуствува на инаугурацијата на рускиот претседател.
Ројтерс вчера објави дека францускиот амбасадор во Русија ќе присуствува на инаугурацијата, за разлика од Германија која нема да испрати свој претставник.
Неименуван извор за агенцијата изјавил дека Париз претходно го осудил „контекстот на репресијата во кој се одржаа изборите, лишувајќи ги гласачите од вистински избор“, како и организирањето избори на украинските територии „окупирани“ од Русија, за кои Франција смета дека има прекршување на меѓународното право и повелбата на Обединетите нации.
Германија најави дека нема да испрати свој претставник на инаугурацијата на Путин.
Балтичките земји, кои веќе немаат дипломатски претставници во Москва, исто така категорично ја отфрлија можноста да присуствуваат на инаугурацијата на Путин.
Денеска ќе се одржи инаугурацијата на рускиот претседател Владимир Путин, со што и официјално ќе започне неговиот петти шестгодишен мандат.
Путин на претседателските избори во март освои 87,28 отсто од гласовите.