Свет
Унгарија е на страната на мирот, даваме поддршка за секоја мировна иницијатива за Украина, вели Орбан
Унгарскиот премиер Виктор Орбан порача дека Унгарија е на страната на мирот и ќе го поддржи секој мировен план за Украина.
„Не се знае кој мировен план има шанси за успех, па Унгарија ги поддржува сите иницијативи и е подготвена да помогне во тој процес било како посредник или да биде место за преговори за прекин на огнот“, изјави Орбан по средбата на лидерите на Центристичката демократска интернационала во Словенија, на Блед.
Според Орбан, ако не се направи првиот чекор, никогаш нема да се постигне мир.
Орбан истакна дека некои гледаат можност за решавање на руско-украинскиот конфликт со воени средства, но дека други не ја гледаат оваа можност и повикуваат на прекин на огнот и мировни преговори.
„Вистинската природа на конфликтот сè уште не е откриена, некои го сметаат за прокси војна, а други зборуваат за вистинска војна меѓу двете страни“, изјави унгарскиот премиер.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто Унгарија го блокирала испраќањето на пакетот помош за Украина од Европскиот фонд за мир, Орбан изјави дека овие средства се наменети за европската безбедност, а не за војната во Украина.
„Повеќето од средствата се користат за поддршка на Украина. Унгарија сака да разјасни дали фондот служи на својата првична цел или е насочен кон поддршка на Украина“, изјави Орбан.
Тој посочи дека позицијата на официјална Будимпешта е поинаква во однос на другите земји во регионот имајќи предвид дека во Украина живее унгарско малцинство, чии животи се жртвувани, што е „лична национална загуба“ и за Украина и за Унгарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

