Свет
УНХЦР бара до 2024 година да се стави крај на неизвесноста за лицата без државјанство
Ковид-19 ги влоши страдањата на милиони лица без државјанство во светот, предупреди денес високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди. На одбележувањето на шестгодишнината од кампањата на УНХЦР – „Јас припаѓам“ (#IBelong), чија цел е ставање крај на луѓето без државјанство до 2024 година, Гранди ги повика светските лидери да ги вклучат и заштитат популациите без државјанство и да направат храбри и брзи чекори за да го искоренат тоа.
„Пандемијата на Ковид-19 повеќе од кога било ја покажа потребата од инклузија и итноста на решавање на бездржавјанството. Пандемиите не разликуваат државјани од недржавјани. Не е во интерес на ниту една држава, општество или заедница да остави луѓе без државјанство и тие да живеат на маргините“, рече Гранди. „Мораме двојно да ги засилиме напорите да ја решиме оваа повреда на човештвото во 21 век“.
Не поседувајќи важни законски права и често немајќи пристап до основни услуги, многу од лицата без државјанство се политички и економски маргинилизирани, дискриминирани и ранливи на експлоатација и злоупотреба. Во многу земји лицата без државјанство, вклучувајќи ги и бегалците без државјанство, живеат во супстандардни и несоодветни санитарни услови и може да го зголемат ризикот од болеста. Иако е тешко да се добијат глобални податоци бидејќи популациите без државјанство не секогаш се регистрираат или вклучуваат во пописите на државите, УНХЦР
известува за речиси 4,2 милиони лица без државјанство во 76 земји. Сепак, се смета дека реалниот број е значително поголем. И покрај тоа што е постигнат значителен напредок во намалувањето на бездржавјанството во светот по почнувањето со кампањата во ноември 2014 година, пандемијата на коронавирусот влоши многу од тешкотиите и неправдите со кои се соочуваат лицата без државјанство.
„Без државјанство, многу од овие лица немаат пристап или не се вклучени во основното јавно здравство и социјалното осигурување. Оставени се да бидат екстремно ранливи наспроти пандемијата“, рече Гранди.
Некои земји сепак покажуваат водство со вклучување на лицата без државјанство во одговорот на Ковид-19 обезбедувајќи им пристап до тестови и лекови, храна, облека и маски. Некои влади ги вброија во основни потреби впишувањето во Матичната книга на родените и издавањето други матични документи, со што тие продолжија да функционираат и покрај пандемијата и со тоа помогнаа да се спречи создавање нови случаи без државјанство.
„Луѓето без државјанство и самата појава е проблем што е лесно да се реши и спречи – прашање на политичка волја е да се смени статусот и животот на една личност – а сепак последиците од непреземањето ништо, особено за време на пандемија, може да
бидат опасни за животот“, рече Гранди. „Со цел да заштитиме и спасиме животи, бараме од владите да го решат
стасусот на луѓето без државјанство и да се осигурат дека ниту еден човек не е изоставен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бајден зборуваше за дебатата со Трамп, но и за детали од неговиот личен живот
Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска изјави дека ќе учествува на дебата со Доналд Трамп, неговиот републикански противкандидат на ноемвриските избори.
„Не знам кога“, изјави Бајден во интервјуто со Хауард Стерн и додаде дека со нетрпение го очекува тоа, пренесе Ројтерс.
Бајден раскажуваше семејни приказни и рече дека пелтечењето било подготовка за тешките удари во животот. Тој рече дека пелтечењето како дете било најдоброто нешто што му се случило. Додаде дека на крајот го надминал пелтечењето, но дека повремено му се враќа кога зборува во јавност.
Интервјуто со Хауард Стерн се случи додека Бајден присуствуваше на политички настан во Њујорк.
За време на интервјуто, тој презентираше многу биографски детали, обидувајќи се да се претстави пред гласачите. Бајден, исто така, рече дека неговиот татко, Џозеф Робинет Бајден постариот, ретко покажувал љубов и раскажал приказна што напраавил кога бил нокаутиран додека играл рагби кога бил во четврто одделение.
„Татко ми излезе со нас и рече Џои стани. Само стани. Мора да станеш“, раскажал Бајден.
Свет
(Видео) Снимка од Ердоган хит на социјалните мрежи: Телохранител му подаде чешел на турскиот претседател, а потоа цела делегација мораше да застане
Видео од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган како се чешла стана хит на социјалните мрежи.
Ердоган, кој во четвртокот дојде на прославата на Уставниот суд во Анкара, цело време беше придружуван од телохранител кој ненадејно му подава чешел пред да влезе во салата. Турскиот лидер застана и почна да се чешла додека целата делегација, вклучително и претседателот на Уставниот суд, чекаше.
— Pluton (@Pluton45873221) April 26, 2024
Откако заврши со средувањето на косата, Ердоган му го даде чешелот на еден од своите советници, а потоа продолжи да се шета со претседателот на Уставниот суд, Кадир Озкај, насмеан.
Ердоган присуствуваше и на прославата на 62-годишнината од формирањето на Уставниот суд.
Свет
Се слушнало тропање и силни вибрации: Боинг изгубил дел за време на лет, извршил принудно слетување
Авионот на „Делта ерлајнс“ кој утрово полета од аеродромот „Џон Кенеди“ во Њујорк мораше да се сврти и да се врати на аеродромот поради дефект на опремата за итни случаи, пренесува „Индекс“.
Летот 520 на „Делта ерлајнс“ безбедно се врати на аеродромот околу 8:35 часот откако екипажот пријавил вибрации, соопшти Федералната управа за авијација (ФАА). Пилотите веднаш по полетувањето пријавиле во контролата на летање дека почувствувале чудни вибрации и слушнале звук на тропање.
Авионот летал 33 минути пред да се врати на ЏФК, пишува „ABC7 New York“.
„Откако леталото безбедно слета, беше забележано дека во одреден момент отпадот за итни случаи паднал“, рече портпаролот на „Делта“. За време на инцидентот во „Боингот 767“ имало 176 патници, двајца пилоти и пет стјуардеси. Нема извештаи за повредени.
Патниците биле префрлени во друг авион, кој полетал во 10:59 часот, околу три часа подоцна. Авионот чиј дел за итни случаи паднал е стар 33 години и нема да биде во служба додека „Делта“ не ја процени неговата соодветност. Од ФАА велат дека ќе го истражат целиот инцидент.