Свет
Ученичка во основно училиште во Чешка со нож нападнала и повредила двајца ученици
13-годишна ученичка во градот Домажлице на југот на Чешка денеска со нож нападнала и ранила двајца ученици, а полицијата бргу интервенирала и ја привела осомничената.
Според информациите, нападнатите момче и девојче се надвор од животна опасност, пренесува порталот Novinki.cz.
„Таа избоде девојка и момче со нож. За среќа, повредите не се премногу сериозни“, изјавил анонимен упатен извор за чешкиот портал.
Изворите наведуваат дека нападот се случил утринава пред почетокот на наставата кога осомничената тинејџерка неочекувано влетлала во одделението со нож, момчето било прободено во стомакот, а девојката во грбот.
Станува збор за деца со кои осомниченото девојче претходно одело во седмо одделение во основно училиште.
Осомничената, поради слабите резултати, била принудена да го повторува седмото одделение, додава еден од основците во Домажлице. Засега не е јасно кој бил мотивот за овој напад.
„Причината може да биде ментална болест, влијанието на семејството и социјалните мрежи, можам да замислам и дека е шизофренија“, изјавила заменик-директорката на Психијатриската болница во Добржани, Каролина Мала, пренесува порталот Idnes.cz.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Тик-ток“: Утре се гаснеме во Америка
„Тик-ток“ синоќа предупреди дека ќе биде принуден да престане со работа во САД утре, освен ако не добие јасна изјава од Белата куќа за својата иднина.
Ова се случува откако Врховниот суд го потврди законот со кој се забранува Тик-ток во Соединетите држави поради национална безбедност, освен ако кинеската матична компанија „Најт денс“ не го продаде на одобрен американски купувач, што компанијата го одбива.
Со оваа одлука, популарната апликација за кратки видеа е во опасност утре да исчезне.
Судската одлука ги фрла платформата и нејзините 170 милиони американски корисници во неизвесност, а нејзината судбина во рацете на Доналд Трамп, кој вети дека ќе го спаси ТикТок откако ќе се врати на претседателската функција во понеделник.
Свет
Израел ќе ослободи 737 палестинци во замена за заложниците
Израел ќе ослободи 737 палестински затвореници во замена за првите израелски заложници, што е првата фаза од договорот за прекин на огнот во Појасот Газа одобрен од израелската влада, објави Министерството за правда.
Како дел од првата фаза од договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа, Владата одобрува ослободување на 737 затвореници и притвореници, се вели во соопштението на Министерството.
Меѓу затворениците што се очекува да бидат ослободени е и Закарија Зубеиди, одговорен за неколку напади врз израелски цивили и поранешниот водач на бригадите Ал Акса, вооруженото крило на партијата Фатах, кој избега од израелски затвор во 2021 година.
Свет
Мелони ќе присуствува на инаугурацијата на Трамп, Орбан не доаѓа
Италијанската премиерка Џорџа Мелони во понеделник ќе присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, соопштија синоќа претставници од нејзиниот кабинет, а нејзините поддржувачи се надеваат дека таа ќе стане мост меѓу Вашингтон и Европа во следните четири години.
Мелони го посети Трамп на неговиот имот Мар-а-Лаго на Флорида на почетокот на овој месец, заработувајќи пофалби од новиот претседател, кој ја нарече „фантастична жена“.
Трамп го прекрши преседанот и покани странски лидери на церемонијата на инаугурација.
Покрај Мелони, аргентинскиот претседател Хавиер Миел, уште еден силен поддржувач на Трамп, рече дека ќе присуствува. Сепак, друг поддржувач на Трамп, унгарскиот премиер Виктор Орбан, нема да го стори тоа, рече неговиот портпарол оваа недела.
Кинескиот претседател Си Џинпинг, исто така, нема да присуствува, и покрај поканата, но испраќа пратеник. Поддржувачите на Мелони се надеваат дека конзервативната италијанска лидерка ќе има привилегиран пристап до Трамп во следните четири години и ќе стане мост меѓу Вашингтон и Европа.