Свет
Уште 18 руски авиони со мировници пристигнаа во Ерменија
Нови 18 воени транспортни авиони „Ил-76“ на руските воздухопловни сили со мировници слетаа на аеродромите во Ереван, извести руското Министерство за одбрана, пренесува ТАСС.
„Уште 18 авиони ‘Ил-764 и два авиона ‘Ан-124 Руслан’ од воената транспортна авијација на Руските воздушни сили со опрема и персонал од 15-та Мировна бригада испратени во Ерменија да учествуваат во мировна операција во зоната на конфликтот Нагорно-Карабах слетаа на аеродромите во Ереван. Руските војници истоварија материјални добра, оружје и воена опрема“, се вели во соопштението.
Министерството соопшти дека во изминатите 24 часа авионите на Руските воздухопловни сили ѝ доставиле на Ерменија 58 единици опрема: оклопни транспортери, теренски товарни камиони, цистерни, багери и друга техничка опрема.
На 9 ноември рускиот претседател Владимир Путин, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан потпишаа заедничка изјава за целосен прекин на огнот во Нагорно-Карабах почнувајќи од 10 ноември.
Со договорот се запрени воените операции во регионот, Азербејџан и Ерменија ќе ги задржат позициите што сега ги контролираат, а во регионот ќе бидат распоредени руски мировници.
Руското Министерство за одбрана изјави дека на линијата на контакт во Нагорно-Карабах ќе бидат распоредени 1.960 руски војници во рамките на мировните сили, кои ќе располагаат со 90 оклопни возила. Руските мировни сили во регионот ќе останат пет години, а ако не дојде до жалба од една од страните најмалку шест месеци пред истекување на мисијата, нивниот престој ќе биде автоматски продолжен.
Командата на руските мировници е стационирана во Степанакерт за да спроведува команда и контрола на мировната операција во областа на конфликтот во Нагорно-Карабах.
Руската команда воспостави и постојана интеракција со Генералштабовите на азербејџанските и ерменските вооружени сили преку директни канали за комуникација за извршување на мировните задачи, спречување можни инциденти и обезбедување на безбедноста на мировниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп го предупреди Иран да не возвраќа на нападите извршени од САД и Израел
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го предупреди Иран да не возвраќа на нападите извршени од САД и Израел.
„Иран штотуку изјави дека денеска ќе удри многу силно, посилно отколку што некогаш удриле претходно“, напиша Трамп на Truth Social.
„Подобро да не го прават тоа“, нагласи тој.
Доколку тоа се случи, САД ќе возвратат „со сила што никогаш претходно не е видена!“, додаде американскиот претседател.
Вчерашните напади беа насочени кон клучни локации каде што се состанувало иранското раководство, при што беа убиени највисоки функционери, вклучувајќи го иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, министерот за одбрана и шефот на Корпусот на исламската револуционерна гарда, соопшти израелската војска.
Нападите, во кои загинаа повеќе од 200 луѓе според Црвената полумесечина, предизвика одмазднички удари врз Израел и американските воени сили стационирани на Блискиот Исток.
Свет
Гори Блискиот Исток, експлозии и денеска се слушаат во арапските држави во Заливот
Експлозии денеска повторно се слушнаа во арапските држави во Заливот, по убиството на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, во американско-израелските напади.
Очевидци во катарскиот главен греад Доха известија дека утрово слушнале неколку силни детонации. Катарскиот информативен канал „Ал-Џезира“ објави за најмалку 11 експлозии во Доха.
Експлозии беа пријавени и во Манама, главниот град на Бахреин. Очевидци известија дека слушнале најмалку четири силни детонации. Во овој контекст, на социјалните мрежи беа споделени слики од погоден и оштетен хотел во Манама. Тие првично не можеа да бидат независно проверени, нагласува ДПА.
Техеран ги нападна американските воени бази во регионот повеќепати по почетокот на вчерашните американско-израелски напади врз Иран.
Во арапските заливски држави има илјадници американски војници.
Свет
Техеран ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи и објави 40 дена жалост
Иранскиот државен радиодифузер ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи, неколку часа откако САД и Израел соопштија дека тој е убиен во вчерашните воздушни напади, објави „Иран интернешнл“.
Кратко по објавата за смртта на лидерот, иранскиот кабинет објави седумдневен државен празник и 40 дена национална жалост.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Фото: ЕПА

