Европа
Фаворитот за германски канцелар вети продолжување на поддршката за Украина: „Тие мора да победат“

Фридрих Мерц, лидерот на германската опозиција и парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ (Унија), како и кандидат за иден германски канцелар, најави дека завршувањето на руската војна против Украина ќе биде клучен стратешки приоритет доколку тој стане канцелар, пишува Шпигел.
Според извештајот, Мерц ветил континуирана поддршка за Украина, нагласувајќи дека ставањето крај на руската агресија ќе биде приоритет за неговата влада. Тој нагласи дека Украина мора да ја добие војната.
„Победата значи враќање на територијалниот интегритет со демократски легитимирана влада која има целосен суверенитет“.
Мерц, исто така, истакна дека Украина мора да има слобода да избира свои политички и воени сојузи.
Кандидатот за канцелар избегна директно да ја коментира актуелната дебата за предложениот пакет помош од 3 милијарди евра за дополнителни испораки на оружје. Како и сегашниот канцелар Олаф Шолц, Мерц остана на својот став дека Германија не смее да стане активна страна во војната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши в сабота, 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува да присуствуваат многубројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на „Телеграм“ градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона Шхидни. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база не само за стоки туку и за опрема и персонал, со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата почна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.