Свет
Фараж: Путин е „екстремно опасен човек“
Лидерот на Британската реформска партија, Најџел Фараж, денес изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е „екстремно опасен човек“ откако јавната истрага откри дека тој наводно е „морално одговорен“ за смртта на британската државјанка Дон Стерџис, која почина откако случајно дојде во контакт со нервниот агент Новичок, употребен во обидот за атентат врз поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал.
Во врска со претходните тврдења од 2018 година, кога тврдеше, додека Сергеј и неговата ќерка Јулија Скрипал сè уште беа во болница, дека британската влада пребрзо ја обвини Русија, Фараж рече дека „не знаел што се случило“.
„Не знаев што се случило. Беше труење. Дали мислам дека Путин е чудовиште? Мислам дека тој го докажува тоа секоја недела што поминува“, рече лидерот на британските реформисти.
Фараж додаде дека неговиот „пријател“, американскиот претседател Доналд Трамп, верувал дека може да постигне „разумен компромис“ меѓу Русија и Украина, со цел да се спречи војна што потсетува на обемот на страдањето од Првата светска војна, објавува „GB News“.
Сепак, Фараж истакнува дека Путин секој ден докажува дека е „ирационален“ и дека не сака праведно решение. Фараж го критикуваше британскиот премиер Кир Стармер, кој го обвини реформистичкиот лидер дека е „руски агент“ затоа што имал средба со Путин.
„Па, една година потоа, кралицата се сретна со Путин. Дали таа беше руски агент? Не сум баш сигурен“, додаде Фараж саркастично.
Британска јавна истрага предводена од поранешниот судија лорд Ентони Хјуз откри дека Путин го одобрил атентатот врз поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во Солсбери во 2018 година. Дон Стерџис (44), која случајно стапила во контакт со Новичок, починала во операцијата, додека Скрипал и неговата ќерка Јулија го преживеале нападот, објави „GB News“.
Фото: ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лекот за третман на рак веќе почна да се користи во болниците во Русија
Рускиот лек „Ракурс 223Ра“ за третман на рак веќе се појави во болниците, објави денес Руската федерална медицинска и биолошка агенција.
Како што е наведено, лекот веќе е регистриран и одобрен за употреба во клиничката онкологија, а првата серија е доставена до медицинските установи, пренесува РИА Новости.
Лекот е развиен во Димитровград и е базиран на радионуклидот радиум-223, кој првенствено се користи за контрола на коскените метастази.
Се вели дека неговото зрачење влијае на метастазите со намалување на болката кај пациентите, пренесува Танјуг.
Свет
(Видео) Најмалку 28 загинати откако кран се урна врз воз во Тајланд
Најмалку 28 лица загинаа, а 64 се повредени откако градежен кран се урна врз воз во движење во североисточен Тајланд. Во возот имало околу 195 патници во моментот на несреќата, која се случила околу 9 часот наутро по локално време во среда, јавува Би-би-си.
Кранот го исфрлил возот од шините и здробил неколку вагони, од кои еден се запалил. Спасувачите успеале да ги евакуираат патниците, а повредените биле однесени во регионалните болници. Меѓу 64-те повредени има едногодишно дете и 85-годишен маж, а осум се во сериозна состојба.
Владата нареди истрага за инцидентот, најновиот во низата смртоносни несреќи што се припишуваат на безбедносни пропусти. Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул повика „некој да биде казнет и да биде повикан на одговорност“ за несреќата.
„Несреќи како оваа можат да се случат само поради небрежност, прескокнати чекори, отстапувања во дизајнот или употреба на неисправни материјали“, рече Анутин.
Свет
Поранешен израелски командант: Режимот во Иран ќе падне, наскоро ќе видиме голем американски напад
Пензионираниот бригаден генерал на израелската армија и претседател на Израелскиот форум за одбрана и безбедност (ISDF), Амир Авиви, процени дека режимот во Иран ќе падне и дека САД наскоро ќе интервенираат, пишува денес израелскиот весник „Џерусалем пост“.
„Денес можам да кажам нешто што не можевме да го кажеме пред еден месец: овој режим паѓа. Нема да има ирански режим и ова целосно ќе ја промени иднината на Израел“, рече Авиви на конференцијата доцна синоќа.
Авиви додаде дека очекува голем американски напад врз Иран.
„И навистина, мислам дека во многу блиска иднина ќе видиме масовен американски напад, со помош на Израел и демонстрантите. Мислам дека овој режим нема шанси и ќе падне“, рече претседателот на ISDF, невладина организација која собира десетици илјади резервни офицери и оперативци од сите гранки на израелските безбедносни сили.

