Свет
ФБИ објави доверлив документ за нападите на 11 септември
На годишнината од терористичкиот напад, американското ФБИ објави доверлив документ кој носи нови информации за настанот што го шокираше целиот свет.
Во документот се наведува дека имало логистичка поддршка за двајца киднапери од Саудиска Арабија за време на терористичките напади врз САД во 2011 година. Исто така се наведува дека киднаперите имале контакти со граѓаните на Саудиска Арабија во САД, но не се дадени докази дека високи претставници на саудиската влада учествувале во заговорот, пренесе АП.
На денот на одбележувањето на 20 -годишнината од нападот, ова е првиот документ од истрагата на ФБИ, објавен откако претседателот на САД, Џо Бајден, нареди етикетата доверливо да се отстрани од материјалите кои со години беа недостапни за јавноста.
Документот на 16 страници содржи разговор помеѓу оперативци на ФБИ и човек кој често контактирал со Саудијците во САД, кои им помогнале на првите киднапери да дојдат во Америка, пред нападот.
Минатата недела, Бајден нареди Министерството за правда и другите агенции да ја декласифицираат ревизијата и да ги објават документите што можат да бидат објавени во следните шест месеци.
Тој се соочи со притисок од семејствата на жртвите, кои долго време бараа извештаи, додека тие водеа судска постапка во Њујорк во која тие тврдат дека лидерите на саудиската влада ги поддржале киднаперите.
Редактираниот документ беше објавен во синоќа, неколку часа откако Бајден присуствуваше на комеморативните собири во Њујорк, Пенсилванија и северна Вирџинија.
Роднините на жртвите претходно се спротивставија на присуството на Бајден на комеморацијата, се додека документите се доверливи.
Саудиската влада долго време негираше каква било вмешаност во нападите, а од амбасадата се децидни дека било какви обвинувања дека Саудиска Арабија е соучесник се „категорично невистинити“.
Од 19 киднапери, дури 15 биле државјани на Саудиска Арабија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Словачка прогласи вонредна состојба поради нафтата – Братислава го обвинува Киев за политички притисок
Словачкиот премиер, Роберт Фицo изјави дека транспортот на нафта преку Јадранскиот нафтовод (Јанаф) ќе биде пет пати поскап од транспортот преку нафтоводот „Дружба“, преку кој испораките не течеле повеќе од две недели.
По седница на владата, Словачка прогласи вонредна состојба во врска со снабдувањето со нафта и одлучи да ѝ даде на рафинеријата „Словнафт“ 250.000 тони нафта од државните резерви.
Фицо изјави дека транзитната такса преку Хрватска е повеќекратно повисока од онаа што се плаќа за „Дружба“ и предупреди дека ако украинскиот претседател, Володимир Зеленски, го запре протокот на нафта преку Украина, Словачка ќе плаќа повисоки цени „само затоа што Зеленски игра некои игри“.
Тој изрази сомнеж дека испораките се прекинати од политички причини и тврди дека, според словачки разузнавачки информации, оштетениот дел од нафтоводот е поправен и дека нафтата може да продолжи да тече без проблеми.
Фицо наведе дека ова го гледа и во контекст на изборите во Унгарија и оцени дека станува збор за огромен притисок врз премиерот Виктор Орбан.
Во меѓувреме, Унгарија одлучи да ги запре испораките на дизел гориво за Украина додека не се обнови транзитот преку „Дружба“. И Унгарија и Словачка се обратиле до Европската комисија за активирање механизам што би им овозможил увоз на руска сурова нафта по морски пат во случај на прекин на цевководните испораки.
Свет
Лавров до САД: Откажете се од плановите за поморска блокада на Куба
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва ги повикала САД да се воздржат од воведување целосна поморска блокада на Куба и се заложи за решавање на разликите преку дијалог.
На средба со кубанскиот министер Бруно Родригез Париља, Лавров ја нарече Куба „братска нација“ и порача дека Вашингтон треба да покаже „здрав разум и одговорност“. Тој додаде дека Русија ги отфрла, како што рече, „неоснованите обвинувања“ дека руско-кубанската соработка претставува закана за американските интереси.
Москва соопшти дека прави сè што може за да ѝ помогне на Куба да се справи со американските притисоци околу снабдувањето со нафта, без да наведе детали. Се очекува Родригез да се сретне и со претседателот Владимир Путин.
Во меѓувреме, порталот Аксиос објави дека американскиот државен секретар Марко Рубио одржал тајни разговори со Раул Гиљермо Родригез Кастро, внук на поранешниот кубански лидер Раул Кастро.
Според Аксиос, разговорите биле опишани како „дискусии за иднината“, а не формални преговори. Ројтерс јавува дека не можел веднаш да го потврди извештајот, а Стејт департментот не одговорил на барањето за коментар.
Свет
Залужни првпат јавно за судирот со Зеленски
Валериј Залужни, поранешен командант на украинската војска и актуелен амбасадор во Обединетото Кралство, во интервју за „Асоушиејтед прес“ првпат јавно проговори за длабокиот раздор со претседателот Володимир Зеленски.
Тој тврди дека тензиите почнале кусо по руската инвазија и кулминирале во септември 2022 година, кога агенти на Тајната служба на Украина (СБУ) се појавиле во неговиот кабинет со намера да извршат претрес. Залужни вели дека тоа го доживеал како заплашување и дека му се заканил на тогашниот шеф на кабинетот Андриј Јермак дека ќе повика засилување за да го заштити командниот центар.
Залужни исто така ја критикува пропаднатата украинска контраофанзива од 2023 година. Првичниот план, објасни тој, бил да се концентрираат силите во „една тупаница“ со цел да се ослободи делумно окупираниот регион Запорожје, вклучувајќи ја и клучната нуклеарна централа, и да се продолжи напредувањето кон Азовското Море. Ова би го пресечело копнениот коридор што го користи руската армија за снабдување на Крим, кој беше анектиран во 2014 година. За успех, вели Залужни, била потребна голема концентрација на сили и тактичко изненадување.
Наместо тоа, тврди тој, силите биле дисперзирани на широка област, што ја разводнило нивната ударна моќ.
По неговата смена во февруари 2024 година, Зеленски го именуваше за амбасадор во Лондон. Аналитичарите тоа го толкуваа како обид да се намали неговото политичко влијание.
Анкета на „Ипсос“ покажува дека во хипотетичка претседателска трка Залужни би добил 23 отсто поддршка, а Зеленски 20 отсто.
Зеленски неодамна спроведе реконструкција на својот тим во обид да ја врати довербата. Во меѓувреме, САД го зголемуваат притисокот врз Киев и Москва за прекин на војната. Иако договорот е сè уште далеку, Зеленски во принцип се согласи со планот предложен од американскиот претседател Доналд Трамп, кој предвидува одржување избори и воспоставување безбедносни гаранции по завршувањето на конфликтот.

