Свет
ФДА за вакцината на „Фајзер“: Поволностите може да се видат по 10 дена, но некои прашања остануваат
Администрацијата за храна и лекови на САД (ФДА), која треба да ја одобри употребата на вакцината на „Фајзер“, објави извештај за голема клиничка студија спроведена над 44.000 лица од САД, Бразил и од Аргентина, во која се вели дека првата корист од вакцината се забележува веќе 10 дена по приемот на првата доза.
Во извештајот на 100 страници се вели дека вакцината е ефикасна без оглед на возраста, расата и телесната тежина, а единственото нешто што не е јасно е колку трае заштитата, што дополнително ја нагласува потребата од втора доза, пишува „Њујорк тајмс“ за извештајот на ФДА.
Претходните студии покажаа дека втората доза од вакцината на „Фајзер“ и „Бајонтек“ му дава на имунолошкиот систем големо долгорочно зајакнување, ефект познат кај многу други вакцини.
Студијата не откри сериозни несакани ефекти, но многу испитаници се пожалија на треска, главоболка, чувство на студ, замор, болка во мускулите и зглобовите, а голем број испитаници исто така имаа реакција на местото каде што ја примиле вакцината.
Анализата на вакцината на „Фајзер“ открива дека многу испитаници не се чувствувале добро првите неколку часа по примањето на втората доза на вакцината, што значи дека некои луѓе би можеле да побараат слободен ден, односно да побараат одмор од неколку часа по приемот на втората доза на вакцината.
Вакцината се покажа еднакво ефикасна кога ја примаат и мажи и жени и кога ја примаат бели, црни или латинолуѓе, како и дебели луѓе, за кои се верува дека имаат висок ризик од развој на корона.
Студијата не откри дали вакцината обезбедува заштита од пренесување на вирусот на други или како таа влијае на одредени ризични групи, како што се децата на возраст под 16 години, бремените жени и имунокомпромитираните лица.
Бидејќи во истражувањето не учествувале доволно луѓе од споменатите групи, се претпоставува дека ФДА, најверојатно, нема да даде итно одобрување за давање вакцина на овие групи луѓе.
Доколку ФДА ја одобри вакцината, истражувањето ќе продолжи, а компанијата ќе ги охрабри луѓето да останат во него што е можно подолго, се вели во извештајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Осомничен се скрил во корпа за отпадоци додека бега од полицијата во САД
Општински работник во Охајо останал шокиран кога пронашол човек како се крие во корпа за отпадоци додека си ја вршел работата. Набрзо се покажало дека станува збор за осомничен кој бегал од полицијата откако не застанал на нивниот сигнал за време на сообраќајна контрола, објавува „Еуроњуз“.
Видео снимено од полициска камера на автомобилот го покажува човекот како скока од корпата и бега.
Полицајците веднаш тргнале за потера, а бегалецот ги изгубил чевлите додека бегал.
„Благодарение на импресивните атлетски способности и брзата реакција на нашиот полицаец Перез, осомничениот е безбедно уапсен“, се вели во соопштението на полицијата, пренесуваат локалните медиуми.
Свет
Австралискиот премиер по заканата од бомби: Не смееме да ја земаме безбедноста здраво за готово
Австралискиот премиер Ентони Албанезе денес изјави дека не ја зема својата безбедност „здраво за готово“ откако беше евакуиран од својот дом неколку часа во вторникот поради наводна закана со бомба.
Албанезе беше евакуиран од својот дом во Канбера доцна во вторникот по локално време по безбедносна закана и се врати неколку часа подоцна откако не беше пронајдено ништо сомнително, објави Ројтерс, повикувајќи се на полицијата дека нема постојана закана.
„Мислам дека е само потсетник, искористете ја секоја можност да ги предупредите луѓето и да ги намалите тензиите. Не можеме да ги земаме овие работи здраво за готово“, рече Албанезе на настан во Мелбурн денес.
Заканата со бомба беше испратена до претставник на Шен Јун, класична кинеска танцова трупа забранета во Кина, која требаше да настапи во Австралија овој месец.
Е-пошта напишана на кинески јазик и испратена до локалните организатори на групата вели дека експлозиви биле поставени околу домот на Албанезе и дека ќе бидат детонирани ако танцовата група настапи во земјата.
„Сите закани се пријавени до австралиските безбедносни служби и органите за спроведување на законот. Ги цениме преземените чекори за обезбедување на јавната безбедност и заштита на избраните функционери, вклучително и премиерот“, соопшти кинеската танцова трупа, пренесува Танјуг.
Свет
Иран за говорот на Трамп: Професионалните лажговци се добри во создавањето „илузија на вистината“
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, денес изјави дека тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп, што ги изнесе за Иран во своето обраќање за состојбата на нацијата, се неточни и додаде дека „професионалните лажговци“ се добри во создавањето илузија на вистината.
Вака реагираше тој на изјавите на Трамп дека САД ја уништиле иранската програма за нуклеарно оружје за време на нападот во јуни минатата година, но дека Техеран „повторно“ се обидува да изгради нуклеарно оружје и дека тој нема да дозволи тоа да се случи, дека Иран веќе развил ракети што можат да ја загрозат Европа и САД и дека 32.000 луѓе биле убиени за време на неодамнешните протести.
„Повторувај лага доволно често додека не стане вистина“ е пропагандна максима измислена од нацистот Јозеф Гебелс, а сега систематски ја користат американската администрација и нејзините воени профитери, особено геноцидниот ционистички ентитет, за да ја унапредат својата подмолна кампања за дезинформација против Иран. „Сè што тврдат за нуклеарната програма на Иран, неговите балистички ракети и бројот на жртви за време на немирите во јануари не е ништо повеќе од повторување на „големи лаги“. Никој не треба да биде измамен од овие очигледни лаги“, напиша Багеи, пренесува Танјуг.

