Свет
„Фејсбук“ го суспендира Трамп на две години

„Фејсбук“ одлучи да го суспендира профилот на поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, на две години, барем до јануари 2023 година.
Двегодишната суспензија е во сила од првичниот датум кога на Трамп му беше забранет пристапот до „Фејсбук“ на 7 јануари годинава и ќе се укине доколку се намали ризикот за јавната безбедност, објави „Фејсбук“ во блогот, пренесува АП.
Во мај надзорниот одбор на „Фејсбук“ поддржа суспендирање на профилот на Трамп, воведено по немирите во Капитол на 6 јануари од страв дека тогашниот претседател со своите коментари поттикнал насилство во американскиот Конгрес, но исто така заклучил дека одлуката за суспендирање на неодредено време е погрешно и ѝ даде на компанијата шест месеци да утврди нова соодветна мерка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израел објави снимка од ново оштетување на иранскиот нуклеарен објект во Исфахан

Израелската војска објави снимка на која се гледа оштетување на иранскиот нуклеарен објект во Исфахан по новите напади.
Споредувајќи ја таа снимка со сателитски снимки направени минатата недела од компанијата „Максар“, „Би-би-си Верифај“ откри дека новите удари оштетиле неколку згради во северниот дел на комплексот.
Во посебна изјава, израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека цел биле „производствени капацитети за центрифуги“ што се користат во процесот на збогатување ураниум.
Новата штета опфаќа површина од околу 0,3 квадратни километри, во чии рамки седум згради се чини дека се целосно срамнети со земја.
Снимката на „Максар“, направена на 14 јуни, покажува јасни оштетувања на најмалку две згради во различни делови на комплексот, како и траги од горење на периферијата. Во тој момент ниту една зграда не беше целосно уништена.
Вчера директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, во Советот за безбедност на ОН изјави дека „нападите врз нуклеарните постројки во Исламската Република Иран предизвикуваат сериозно влошување на нуклеарната безбедност во Иран“.
Свет
Ердоган: Нетанјаху е најголемата пречка за мирот во регионот

Владата на Израел под водство на Бенјамин Нетанјаху е најголемата пречка за мирот на Блискиот Исток, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Ердоган го обвини Израел дека се обидува да го саботира секој обид за нуклеарни преговори меѓу САД и Иран, посочувајќи дека израелските напади покажуваат дека Тел Авив не сака дипломатија.
Тој ги повика другите земји да не наседнуваат на „отровната реторика“ на Израел за конфликтот, туку наместо тоа да бараат дипломатско решение.
Голем број земји го повикуваат Иран да влезе во преговори со цел да се најде решение за сегашниот конфликт. Иранските власти, сепак, велат дека дипломатско решение не е можно додека продолжуваат израелските напади.
Свет
Иранскиот министер за надворешни работи: Вклучувањето на САД во конфликтот би било многу, многу опасно

Министерот за надворешни работи на Иран Абас Аракчи изјави дека неговата земја не може да преговара со Соединетите држави додека нејзиниот народ е бомбардиран. Тој, исто така, тврди дека „САД се вклучени во агресија од првиот ден“ иако за тоа не дал никакви докази, пишува Би-Би-Си.
Зборувајќи за новинарите во Истанбул, каде што ги продолжува дипломатските разговори, Аракчи предупреди дека вклучувањето на САД во конфликтот меѓу Израел и Иран би било „многу, многу опасно“.
Иранскиот министер за надворешни работи нагласи дека е „апсолутно подготвен за решение преку преговори“ во врска со нуклеарната програма. Во 2015 година, Иран потпиша долгорочен договор за својата нуклеарна програма со група светски сили, по години напнатост поради сомневањата дека се обидува да развие нуклеарно оружје.
Аракчи додаде: „Дипломатијата работеше во минатото и може повторно да работи. Но, за да се вратиме на дипломатијата, агресијата мора да престане“.