Свет
Фицо: Со запирање на протокот на гас низ Украина, Европа ќе загуби многу, а цените ќе пораснат
Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека земјата ќе го добие гасот што се обврза да го испорачува од Русија, но дека проблем за Братислава е прекинот на транзитот на рускиот гас преку Словачка до другите западноевропски земји и губењето на транзитните такси.
Фицо за телевизијата ТА3 изјави дека, по запирање на транзитот на гас преку Украина, за транзит на гас треба да се користат алтернативни патишта, како што е гасоводот низ Унгарија, објави словачки „Хнонлајн“.
„Во 2024 година беа преземени сите мерки затоа што моравме да сметаме на можноста за запирање на протокот на гас од исток, имаме полни резервоари, имаме договори за диверзификација, што се однесува до домашната потрошувачка, сè уште немаме проблеми“, рече Фицо, кој додаде дека руската страна потврдила оти ќе испорача од 3 до 3,5 милијарди кубни метри гас.
Словачкиот премиер повтори дека, според него, Словачка ќе загуби 500 милиони евра од таксата поради прекинот на транзитот на гас.
Тој рече дека со запирање на протокот на гас низ Украина, Европа ќе загуби приближно 13,5 милијарди кубни метри гас, што ќе изврши притисок врз цените, кои, според него, во моментот се петпати повисоки отколку во САД.
„Ова е главната причина зошто бев во Брисел, каде што ја предупредив Комисијата, тие многу добро го знаат тоа. Доколку не продолжиме да работиме на увоз на одредена количина гас од исток преку Украина, тогаш ќе бидеме сведоци на недостиг на гас во Европа и ќе бидеме сведоци на огромно зголемување на цените на гасот во Европа“, нагласи Фицо.
Фицо потсети дека, доколку ситуацијата не се промени во рок од неколку недели, ќе иницира реципрочни мерки против Украина, кои веќе ги најави за четврток.
Како пример за реципрочни мерки Фицо ги наведе прекинот на снабдувањето со електрична енергија за Украина, стопирањето на хуманитарната помош или дури и ставањето вето на понатамошната помош за Украина од ЕУ.
Министерката за економија, Дениса Сакова, во четвртокот разговараше за транзит на гас преку Украина со европскиот комесар за енергетика, Дан Јоргенсен, по што беше најавено дека од следната недела ќе се формира посебна група на ниво на ЕУ, со учество на словачкиот министер.
Украина најави дека нема да учествува во работата на оваа група.
Од 1 јануари оваа година рускиот гас повеќе не тече низ Украина до земјите од Европската Унија бидејќи петгодишниот договор за снабдување истече и не беше обновен.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изнесе тврдење дека Украина му понудила помош на словачкиот народ за време на периодот на приспособување на недостигот на транзит на гас од Русија, но дека Братислава ја одбила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Погоден е аеродромот во Кувајт, гори хотел во Дубаи
САД и Израел го нападнаа Иран утрово. Најмалку три експлозии се слушнаа во Техеран, главниот град на Иран, а беа погодени и голем број други ирански градови.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, тврди дека нападот ќе ја прекине безбедносната закана за САД и ќе им понуди на Иранците можност да ги соборат своите владетели. Израелската влада прогласи вонредна состојба поради очекуваната иранска одмазда со беспилотни летала и балистички ракети.
Иран одговори со испукување ракети кон Израел, соопшти израелската војска. Иран, исто така, изврши напади врз американски воени објекти во Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Катар…
Се очекува говор на ајатолахот Али Хамнеи, објави Би-Би-Си, наведувајќи дека неговиот говор наскоро ќе биде емитуван. Не е јасно дали тоа ќе биде снимена порака или иранскиот врховен лидер ќе зборува во живо. Неговото моментално место на живеење е непознато. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, тврди дека, доколку тој знае, ајатолахот е жив, а Ројтерс претходно објави дека е префрлен од Техеран на „безбедна локација“.
Израелската војска во саботата попладне објави дека изведува нови напади врз ирански ракетни лансери, како дел од заедничкиот напад со САД врз Иран, додека Техеран, исто така, објави дека изведува нов бран напади врз американски цели во регионот.
Израелските воздухопловни сили „започнаа со прелети и моментално напаѓаат ракетни лансери во Иран за да спречат закана за Државата Израел“, се вели во краткото воено соопштение.
Пожар избувна пред луксузниот хотел „Фермонт Палм“ во Дубаи. Пожарот наводно бил предизвикан од остатоци што паднале од небото за време на ирански ракетен напад, а автентичноста на снимката ја потврди „Скај њуз“.
Fairmont Dubai Palm on fire. Heard loud explosion, stay safe pic.twitter.com/HLo8oS6dSc
— Alex | The Modern Freelancer (@alex_tfmg) February 28, 2026
Свет
Нов бран напади против иранските ракетни фрлачи почнаа израелските воздухопловни сили
Израелските воздухопловни сили спроведуваат нов бран воздушни напади против иранските балистички ракетни фрлачи, соопшти ИДФ.
– Воздухопловните сили почнаа операција и во моментов ги напаѓаат ракетните фрлачи во Иран за да ги отстранат заканите за државата Израел – се вели во соопштението на војската што го пренесе Тајмс оф Израел.
Свет
ОН свикаа итна седница на Советот за безбедност по нападите врз Иран
Советот за безбедност на ОН свика итна седница по американските и израелските напади врз Иран и одмаздничките напади од страна на Техеран.
Седницата, која треба да почне во 16 часот (21:00 по Гринич), ќе биде посветена на „ситуацијата на Блискиот Исток“, соопштија Обединетите нации.
Средбата беше побарана од Франција и Бахреин, според израелската делегација во светската организација.

