Свет
„Фолксваген“ укинува работни места поради слабата побарувачка за електрични возила
Автомобилскиот гигант „Фолксваген“ (VW) објави дека ќе укине работни места во фабриката за електрични автомобили во Цвикау во родната Германија поради слабата побарувачка.
VW денеска извести дека 269 работници ќе останат без работа по истекот на 12-месечниот договор. Деталите ќе се утврдат во наредните денови во договор со работничкиот совет.
Компанијата наведува дека укинува работни места поради моментната состојба на пазарот. Се смета дека побарувачката за електрични автомобили е слаба поради високата инфлација и отстранувањето на владините стимулации. Електричните автомобили се поскапи од верзиите со внатрешно согорување.
Фабриката во Цвикау ексклузивно склопува електрични автомобили за VW и нејзините подружници Audi и Cupra. Вработува вкупно 10.700 работници, вклучувајќи 2.200 привремени работници, кои исто така може да останат без работа.
„’Фолксваген’ сè уште е 100 отсто убеден дека треба да продолжи по патот кон електричната мобилност“, нагласи портпаролот додавајќи дека не ги промениле своите планови. Иднината на фабриката во Цвикау е сигурна, додаде тој, најавувајќи нови инвестиции.
Фабриката беше првата во VW што почна со производство на електрични возила, моделите ID.3, ID.4 и ID.5 на „VW“, Q4 e-tron на Audi и Q4 Sportback и Cuprin Born. Производството на автомобили со мотори со внатрешно согорување беше прекинато во 2020 година. И покрај слободниот капацитет во фабриката во Цвикау, компанијата планира да ги произведува Q4 e-tron и VW ID.3 и во други погони.
„Од крајот на 2023 година ќе го произведуваме Q4 e-tron и во Брисел и во Цвикау“, изјави портпаролката на Audi.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.
Свет
(Видео) Мелони од хеликоптер го обиколи Нишеми, градот на Сицилија што го голта свлечиште
Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, денес го посети сицилијанскиот град Нишеми, каде што по големо свлечиште десетици куќи се наоѓаат на работ од провалија, јави Анадолу.
Поради постепеното уривање на ридот, повеќе од 1.500 луѓе се евакуирани. Свлечиштето започнало во неделата навечер и продолжило да се шири и во понеделникот.
Шефот на цивилната заштита, Фабио Чичилијано, изјави дека куќите на работ од свлечиштето се ненаселиви и дека жителите ќе бидат преселени.
Мелони го прелетала погоденото подрачје со хеликоптер, по што се сретнала со локалните власти за проценка на состојбата.
Италијанската влада прогласи вонредна состојба за Сицилија, Сардинија и Калабрија, региони тешко погодени од силни бури. За итни потреби се издвоени околу 100 милиони евра, додека локалните власти ја проценуваат штетата на повеќе од две милијарди евра.

