Свет
Фон дер Лајен: Времето на илузии заврши, потребно е зголемување на инвестициите во европската одбрана
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска повика на зголемени инвестиции во европската одбрана и изградба на Европската одбранбена унија, која обезбедува мир преку единство и сила, велејќи дека времето на илузиите заврши.
„Европскиот безбедносен поредок е разнишан, а многу од нашите илузии се уништени“, рече Фон дер Лајен во Европскиот парламент во Стразбур за време на дебатата за состаноците на Европскиот совет и европската безбедност.
Во овој контекст таа изјави дека, по крајот на Студената војна, некои верувале оти Русија може да се интегрира во европската економска и безбедносна архитектура, а други се надеваат дека ЕУ може на неодредено време да се потпира на целосната американска заштита и дека ги намалила трошоците за одбрана.
„Времето на илузии сега заврши. Европа е повикана да преземе поголема одговорност за својата одбрана. Не во некоја далечна иднина, туку денес. Не со постепени чекори, туку со храброст што ја бара ситуацијата.
Ни треба нагло зголемување на европската одбрана. И ни треба сега“, рече таа. Во исто време оцени дека има итна потреба да се пополнат празнините во снабдувањето на украинската војска и да се обезбедат цврсти безбедносни гаранции на Украина.
„Но, овој момент на пресметка не се однесува само на Украина. Се работи за безбедноста на цела Европа и на целиот наш континент“, изјави Фон дер Лајен. Таа го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека постојано докажува дека е непријателски сосед тврдејќи дека нему не може да му се верува, само може да му се одвлече вниманието.
Фон дер Лајен зборуваше и за нејзиниот план за повторно вооружување на Европа, вреден до 800 милијарди евра, и заклучи дека сите сакаме да живееме во помирни времиња. „Време е да се изгради европска одбранбена унија, која обезбедува мир на нашиот континент преку единство и сила.
Ова е моментот на Европа. И Европа ќе се издигне до тоа“, рече Фон дер Лајен. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, оцени дека ЕУ живее во одлучувачки момент и дека се соочува со чувство на итност. „Геополитичките тензии се зголемија во последните недели. Мултилатерализмот е под огромен притисок, како и меѓународниот поредок заснован на правила“, рече Кошта.
Тој додаде дека безбедноста на Украина и Европа не може да се разделат и рече дека Европскиот совет ќе работи на нови иницијативи насочени кон одговор на итните потреби со кои се соочува Украина во однос на војската и одбраната.
„Истовремено, ние сме подготвени да ја поддржиме Украина кога ќе одлучи да почне преговори за да постигне траен, праведен мир.
Ги охрабруваме нашите партнери да ја поддржат Украина“, нагласи Кошта и додаде дека „Европа на одбраната и просперитетот“ ќе биде дел од неговиот мандат.
Полскиот министер за ЕУ -прашања, Адам Шлапка, изјави дека само сеопфатен, праведен и траен мир за Украина може да стави крај на војната.
„За мир преговараа Украина и нејзините легитимни власти предводени од претседателот Володимир Зеленски. Мир, кој вклучува Европејци, чија безбедност без сомнение ќе биде засегната. Мир заснован на силни безбедносни гаранции“, рече Шлапка, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Драма на железничка станица во Германија: маж вооружен со нож нападнал неколку лица
Авганистански државјанин (35) вооружен со нож нападнал неколку лица на железничката станица во Вирцбург, Германија. Тој бил совладан од граѓани кои случајно се нашле на местото на настанот и им притрчале на помош на жртвите.
Напаѓачот се приближил до штандот и избодел 68-годишен маж, а физички нападнал уште двајца, на возраст од 55 и 51 година, соопшти полицијата. Тие се полесно повредени.
Полицијата го уапсила осомничениот, кој сега е во притвор, објавува британскиот „Дејли меил“. Органите за спроведување на законот го третираат случајот како обид за убиство.
Во извештаите на баварската полиција се наведува дека осомничениот бил во влезната сала на главната станица во Вирцбург – град во централна Германија, источно од Франкфурт – околу 7:50 часот по локално време.
– Неколку минувачи, вклучувајќи и еден полицаец во цивил, веднаш интервенираа и успеаја да го совладаат 35-годишникот. Полициската патрола набрзо пристигна на местото на настанот и успеа да го уапси осомничениот – изјави портпаролот на полицијата.
Областа е оградена, а криминалистичката полиција започна истрага на местото на инцидентот. Полицијата ги прегледува снимките од надзорните камери, а во тек е и претрес на станот каде што престојувал осомничениот Авганистанец. Истражителите, исто така, ги испрашуваат сведоците.
Свет
(Видео) Туристи заробени во Мексико: Вакво нешто не паметиме, можеме само да се молиме
Туристи останаа заробени во Мексико и очајнички се обидуваат да се вратат дома откако низ земјата избувна насилство по убиството на еден од најозлогласените наркобосови.
По вчерашното убиство на водачот на картелот „Халиско Нова генерација“, Немесио Осегера Сервантес, познат како Ел Менчо, вооружени напаѓачи започнале бран насилство во неколку мексикански градови.
Жителите на Гвадалахара, град кој летово треба да биде домаќин на четири натпревари од Светското фудбалско првенство, се затвориле во своите домови, а на туристите им било советувано да побараат засолниште, да избегнуваат гужви и да го ограничат движењето, пишува Дејли мејл.
And now they are burning down the Costco in Puerto Vallarta. #Mexico pic.twitter.com/XrPuVy82WP
— Mr ashen (@TheOfficialMrA1) February 22, 2026
Американци заглавени во хаосот
Бранoт насилство се проширил по западниот брег, а напади се регистрирани и во Баја Калифорнија, во близина на американската граница. Пукање избило и на меѓународниот аеродром во Гвадалахара.
Американската туристка Кејти Холоман изјавила на Фејсбук дека ѝ било кажано да остане во хотел бидејќи обидот да стигне до аеродромот е премногу опасен.
„Патот го блокира картел. Нема летови за САД. Го префрливме летот за утре попладне и навистина се надеваме дека ќе успееме да заминеме. Можам само да се молам дека утре ќе стигнеме дома. Ова е незапаметено, персоналот на хотелот вели дека вакво нешто никогаш досега не се случило“, рекла таа.
Друг турист, Ден Смит од околината на Палм Спрингс, објавил видео на кое трча по скали додека во позадина се слушаат аларми.
„Нè евакуираат од зградата, експлодираа боци со пропан. Се надеваме дека зградата нема да се запали“, изјавил тој.
Неговиот брат Ричард објавил снимки од запален автобус и други возила кои ги блокираат патиштата во Пуерто Ваљарта.
„Ве молам, мислете на мојот брат Даниел. Пуерто Ваљарта е под опсада. Заглавен е во центарот, а сите влезови и излези од градот се затворени. Не може да се врати дома. За среќа, има пријател кај кого може да остане“, напишал тој.
Турист од Сан Диего, Џејмс Стивенс, објавил снимки од запалена продавница „Костко“, наведувајќи дека целиот град е блокиран.
„Заглавен сум во Пуерто Ваљарта, картелот се обидува да го преземе градот. Целиот град е блокиран. Не можам да излезам. Лудо, нели? На безбедно сме“, рекол тој.
Chaos erupts at Guadalajara International Airport in Jalisco, Mexico, as the CJNG Cartel launches attacks outside and potentially inside the airport, as retaliation for today’s successful elimination of CJNG leader El Mencho. pic.twitter.com/fspjMASWV1
— OSINTdefender (@sentdefender) February 22, 2026
Предупредувања од амбасадите
Локалните медиуми известуваат за опасни активности на картелите и во сојузните држави Баја Калифорнија, Гуанахуато, Мичоакан, Гереро, Најарит и Колима.
Амбасадата на САД во Мексико ги повикала Американците да побараат безбедно засолниште, а слични совети издаде и британското Министерство за надворешни работи.
Во предупредувањето се наведува дека властите во Пуерто Ваљарта издале јавен апел граѓаните да останат во затворен простор, дека пристапните патишта до аеродромите може да бидат блокирани и дека треба да се следат насоките на локалните власти и да се избегнуваат непотребни патувања.
Убиството на најбараниот наркобос
Наркобосот (59) бил убиен во заедничка операција на мексиканската војска и американски сили во Тапалпа, град со околу 20.000 жители во планините Сиера Мадре.
Тој бил опкружен со лојалисти вооружени со ракетни фрлачи со термичко наведување. Сервантес, еден од најбараните бегалци во САД, бил убиен за време на обид за апсење, откако неговите следбеници се судриле со мексиканските сили.
Мексиканското Министерство за одбрана соопшти дека во операцијата, поддржана од воздушни и специјални сили, биле убиени четворица членови на криминалната група и ранети тројца, меѓу кои и водачот, кој подоцна починал при транспорт со хеликоптер во Мексико Сити.
Во акцијата биле повредени тројца војници, а две лица се уапсени. На местото биле запленети и ракетни фрлачи.
Свет
Сијарто: Воените фанатици во Брисел немаат подобра идеја освен да усвојат уште еден пакет санкции
Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто, изјави дека на дневниот ред на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската Унија денес во Брисел ќе биде предложено воведување нов пакет санкции против Русија, што Унгарија нема да го поддржи.
Во објава на социјалните мрежи, непосредно пред да оди на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, Сијарто изјави дека Унгарија нема да одобри ништо додека не продолжи транспортот на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“ до Унгарија, кој претходно беше прекинат од Украина, објавува Magyar nemzet.
Тој рече дека Унгарија јасно ставила до знаење дека, сè додека Украина ги блокира испораките на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, чија јужна гранка ја преминува територијата на земјата, Унгарија ќе ја блокира секоја одлука на Европската Унија што е од интерес за Украинците.
Сијарто додаде дека ова се однесува и на воениот заем за Украина од 90 милијарди евра.
„Очигледно е дека Украина не може да пристапи до оваа количина сè додека се обидува да го загрози нашето снабдување со енергија“, нагласи Сијарто.
Според него, на дневен ред на состанокот на министрите за надворешни работи на министрите на ЕУ во Брисел ќе биде усвојувањето на уште еден пакет санкции против Русија, за кои изјави дека се штетни и дека Унгарија ќе ги блокира поради нејзиниот став кон Украина, како и затоа што, според него, овие санкции продолжуваат да ѝ штетат на европската економија.
„Се ближи 24 февруари, а за оваа тажна годишнина, воените фанатици во Брисел немаат подобра идеја освен да усвојат уште еден пакет санкции. Не им е гајле дури и ако тоа значи колапс на европската економија. Тоа е како некоја фигура од стап што се обидува да се покаже со своите бицепси, смешно е и тажно што стигнавме до тука“, рече Сијарто.
Тој истакна дека Унгарија нема да го поддржи пакетот санкции против Русија сè додека нафтоводот „Дружба“ не почне да транспортира нафта до Унгарија.

