Свет
(Фото) Беран А. е терористот по потекло од Македонија, кој го планирал нападот во Виена
Австриската полиција го објави идентитетот на 19-годишникот кој го планирал нападот на концертот на Тејлор Свифт во Виена. Се работи за Беран А.
Уапсениот 19-годишник, чии родители по потекло се од Македонија, дал отказ на работа на 25 јули со зборовите: „Имам големи планови за иднината“. Тој веќе бил радикализиран, рекоа на прес-конференција во Виена и открија дека терористите имале конкретен план за нападот и дека тој требало да се случи или вечерва или утре.
„Деветнаесетгодишникот сакаше да предизвика крвопролевање пред стадионот со ножеви, мачети и автомобил и на крајот да се разнесе. Бил во контакт со двајца осомничени помагачи, од кои едниот работел како обезбедување на концертот“ се вели во соопштението за медиумите.

Во куќата на 19-годишникот пронајдено е разновидно оружје – мачети, ножеви, потоа детонатори, кабли за палење, 21 илјада фалсификувани евра.
Полициски кучиња го пребарувале стадионот, но засега не нашле ништо.
„Кукавичкиот план на терористите бил да убијат што повеќе луѓе надвор од стадионот додека го слушале концертот“, рече Хајави-Пирчнер.
Трите концерти на Тејлор Свифт закажани за денеска, утре и задутре во Виена беа откажани поради планираниот терористички напад на стадионот „Ернст Хапел“. Се очекуваше околу 195.000 луѓе да присуствуваат на трите концерти на распродадениот стадион и уште околу 20.000 фана да ги слушаат концертите надвор од стадионот. Парите за влезниците ќе им бидат вратени.
Хаијави-Пирчнер на прес-конференцијата рече дека не побарале откажување на концертот и дека новинарите може да контактираат со организаторите што ја донеле оваа одлука.
Истрагата за планираните напади сѐ уште е во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се откажуваат летови до Израел и други земји од Блискиот Исток
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ ги суспендира летовите до и од Тел Авив, Бејрут и Оман до 7 март, откако САД и Израел извршија напади врз Иран, изјави денеска портпаролот на авиокомпанијата.
Тој додаде дека компанијата ги суспендира и летовите до и од Дубаи денеска и утре.
„Ер Франс“ исто така ги откажа летовите до и од Тел Авив и Бејрут што беа закажани за денеска.
Според холандска новинска агенција, „КЛМ“ откажа лет од Амстердам до Тел Авив по нападите во Иран.
„Виз Ер“ исто така ги суспендираше сите летови до и од Израел, Дубаи, Абу Даби и Аман до 7 март, соопшти компанијата.
Во соопштението се вели дека авиокомпанијата внимателно ја следи ситуацијата и е во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност на воздушниот сообраќај, безбедносните власти и надлежните владини институции.
Додадено е дека оперативните одлуки ќе продолжат да се разгледуваат и дека распоредите на летовите би можеле да се прилагодуваат како што се развива ситуацијата.
Ер Арабија, исто така, ги откажа летовите до Иран, Ирак и други делови од регионот.
Шпанската авиокомпанија Иберија Експрес, исто така, го откажа летот до Тел Авив, кој беше закажан за денеска во 17 часот по локално време.
Ирак, Катар и Кувајт, како и Обединетите Арапски Емирати денеска го затворија својот воздушен простор.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац претходно денеска изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран за да ги отстрани заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
Извор потврди за Си-Ен-Ен дека израелскиот напад врз Иран утрово бил координиран со САД.
Американските претставници изјавија дека очекуваат нападот врз Иран да биде „далеку пообемен“ од американските напади минатиот јуни врз иранските нуклеарни постројки.
Американските напади врз Иран се извршуваат од воздух и од море, изјави американски претставник.
Свет
Операцијата во Иран наречена „Епски гнев“
Пентагон денеска објави дека американските напади врз Иран се нарекуваат операција „Епски гнев“.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД го напаѓаат Иран и ги наведе причините за таквата одлука.
Израел, исто така, објави дека го напаѓа Иран, а израелскиот министер за одбрана Израел Кац и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, ги наведоа причините за нивниот потег.
Регион
Спречен шверц на 350 килограми марихуана на албанско-грчката граница
На граничниот премин „Какавија” на албанско-грчката граница, кај Ѓирокастро, спречен е шверц на 350 килограми марихуана, која требала да заврши на грчкиот нарко пазар.
„Денеска околу 6:30 часот, при скенерска проверка на празно возило на излез од царинската испостава Какавија, забележана е двојна шасија, каде што била сместена сомнителна количина на наркотична супстанца „канабис сатива“, соопшти албанската полиција.
Се додава дека царинските службеници го пуштиле возилото на физички преглед, заедно со полициските сили, при што биле откриени 166 пакети од по 2,1 килограма марихуана или вкупно 350 килограми.
Ова е прв случај откриен годинава со толкава количина марихуана на овој премин во јужниот дел на Албанија.

