Свет
(Фото) Очај во Либан, луѓето бегаат во огромни колони: „Ова е војна за истребување“
Патиштата во Либан се во хаос. На снимката се гледаат метеж и преполни автомобили. Луѓето се во бегство: од јужните делови на земјата бегаат кон главниот град Бејрут, а од исток бегаат кон планинските предели. Или едноставно – каде било. Либанските медиуми известуваат за илјадници луѓе што бегаат од нападите на израелската армија.
Портпаролот на израелската армија, Даниел Хагари, најави подготовки за голем и насочен напад во долината Бека.
„Ги советуваме цивилите во либанските села, кои се во близина на згради или во згради што ги користи Хезболах за воени цели или каде што се складира оружје: за ваша сопствена безбедност, веднаш да ја напуштите опасната зона.
Воздушните напади се интензивни: според податоците на либанското Министерство за здравство, во последните израелски напади загинале и се повредени стотици луѓе – меѓу нив жени, деца и медицински работници, пишува „Дојче веле“.

По две серии експлозии на комуникациска опрема во Либан минатата недела, конфликтот меѓу Хезболах и Израел значително се интензивира. Сега Израел ги гаѓаше југот и истокот на земјата – каде што наводно се наоѓаат упориштата на Хезболах.
И многу команданти на Хезболах беа убиени во тие напади, објавија арапските медиуми. Хезболах, од своја страна, лансира ракети кон Израел и сè уште верува во победа.
Сепак, поранешниот бригаден генерал на либанската армија, Ели,ас Хана, смета дека оваа милиција е ослабена. „Хезболах се обидува да ги надомести лидерите што ги загуби“, изјави тој за арапскиот канал „Ал џезира“.
„Но, Израел не им остава простор да ја вратат иницијативата“, додаде Хана.
Крајот на конфликтот не се гледа. На улиците на главниот град на Либан, Бејрут, луѓето се сè попесимисти. Тие се плашат од нова војна.

Еден случаен минувач вели: „Во секој случај, постои страв бидејќи сега се возвраќаат нападите. Ако Хезболах направи голем удар, Израел ќе одговори и ќе уништи уште повеќе. Не можеме повеќе да го издржиме ова“.
Либанската влада ја обвинува израелската армија дека води војна за истребување. Здравствениот систем во земјата е на работ и презаситен од големиот број повредени. Сега училиштата се користат за сместување бегалци. Ова претставува огромен предизвик, особено затоа што многу бегалци од соседна Сирија веќе живеат во долината Бека во исклучително тешки услови. Веројатно и за нив доаѓа ново бегство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп го предупреди Иран да не возвраќа на нападите извршени од САД и Израел
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го предупреди Иран да не возвраќа на нападите извршени од САД и Израел.
„Иран штотуку изјави дека денеска ќе удри многу силно, посилно отколку што некогаш удриле претходно“, напиша Трамп на Truth Social.
„Подобро да не го прават тоа“, нагласи тој.
Доколку тоа се случи, САД ќе возвратат „со сила што никогаш претходно не е видена!“, додаде американскиот претседател.
Вчерашните напади беа насочени кон клучни локации каде што се состанувало иранското раководство, при што беа убиени највисоки функционери, вклучувајќи го иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, министерот за одбрана и шефот на Корпусот на исламската револуционерна гарда, соопшти израелската војска.
Нападите, во кои загинаа повеќе од 200 луѓе според Црвената полумесечина, предизвика одмазднички удари врз Израел и американските воени сили стационирани на Блискиот Исток.
Свет
Гори Блискиот Исток, експлозии и денеска се слушаат во арапските држави во Заливот
Експлозии денеска повторно се слушнаа во арапските држави во Заливот, по убиството на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, во американско-израелските напади.
Очевидци во катарскиот главен греад Доха известија дека утрово слушнале неколку силни детонации. Катарскиот информативен канал „Ал-Џезира“ објави за најмалку 11 експлозии во Доха.
Експлозии беа пријавени и во Манама, главниот град на Бахреин. Очевидци известија дека слушнале најмалку четири силни детонации. Во овој контекст, на социјалните мрежи беа споделени слики од погоден и оштетен хотел во Манама. Тие првично не можеа да бидат независно проверени, нагласува ДПА.
Техеран ги нападна американските воени бази во регионот повеќепати по почетокот на вчерашните американско-израелски напади врз Иран.
Во арапските заливски држави има илјадници американски војници.
Свет
Техеран ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи и објави 40 дена жалост
Иранскиот државен радиодифузер ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи, неколку часа откако САД и Израел соопштија дека тој е убиен во вчерашните воздушни напади, објави „Иран интернешнл“.
Кратко по објавата за смртта на лидерот, иранскиот кабинет објави седумдневен државен празник и 40 дена национална жалост.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Фото: ЕПА

