Свет
(Фото) Пукање пред трговски центар во Берлин: напаѓачите во бегство, хеликоптери трагаат по нив

Синоќа имало пукање пред трговски центар во Берлин, кога неколку напаѓачи отвориле оган врз маж.
Полицијата во саботата вечерта извршила голема акција при што едно лице е тешко повредено.
Полицискиот хеликоптер и итната помош на терен во моментов трагаат по сторителите.
Маж е нападнат пред трговски центар, хеликоптери трагаат по сторителите
Според досегашните информации, полицијата и пожарникарите биле алармирани за пукање и едно лице со прострелни рани околу 19 часот и 30 минути. Едно лице со прострелни рани опасни по живот е пренесено во болница.
#Berlin #Hohenschönhausen – Mann durch Schüsse vor Einkaufszentrum schwer verletzt, SEK bei Absuche nach Tatverdächtigen im Einsatz pic.twitter.com/Al5BeKOBrE
— Fotograf T. Peise (@ThomasPeise) December 22, 2024
Петмина загинати во терористички напад
Ова пукање се случи само еден ден по терористичкиот напад на божиќниот пазар во Магдебург. Тогаш Талеб А, 50-годишен лекар од Саудиска Арабија, со својот автомобил влетал на пазарот.
Пет лица загинаа, а повеќе од 200 се ранети.
Официјални лица потврдија дека напаѓачот е државјанин на Саудиска Арабија, кој речиси две децении живее во Германија, каде што работи како лекар. Повеќе германски медиуми го идентификуваа осомничениот како Талеб А. Во извештаите се наведува дека тој е експерт за психијатрија и психотерапија. Се уште не е утврден мотивот поради кој Талеб А. налета на толпата. Наводно, насилникот со години на интернет искажувал исламофобични ставови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русија ја осудува острата ескалација на тензиите меѓу Израел и Иран

„Русија е загрижена и ја осудува острата ескалација на тензиите“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува руски „Интерфакс“.
Тој изјави дека рускиот претседател Владимир Путин добива онлајн-извештаи за настаните што се случуваат меѓу Израел и Иран.
„Претседателот Путин добива извештаи во реално време од руското Министерство за одбрана, Службата за надворешно разузнавање и од Министерството за надворешни работи за настаните во регионот“, рече Песков.
Според него, руското Министерство за надворешни работи, по наредба на претседателот на Русија, набргу ќе издаде детаљно соопштение за ситуацијата меѓу Израел и Иран, „кое потоа ќе биде дистрибуирано до Обединетите нации“.
Свет
Израел ги скри патничките авиони на тајна локација надвор од земјата

Израелските авиокомпании „Ел Ал“, „Аркија“ и „Исраир“ ги преместија своите авиони надвор од земјата на непозната локација, како подготовка за можен ирански напад врз аеродромот „Бен Гурион“, јавува дописникот на „Скај њуз“ од Блискиот Исток.
Авионите беа транспортирани без патници, како дел од однапред подготвени безбедносни протоколи во случај на понатамошна ескалација и напади врз клучна инфраструктура.
Ноќеска Израел изврши голем воздушен напад врз повеќе цели во Иран. Според израелски воени извори, погодени се објекти поврзани со нуклеарната програма на Иран и воени локации, вклучувајќи го и клучниот комплекс за збогатување ураниум во Натанц.
Свет
Германија ја зајакнува заштитата на еврејските и израелските институции по нападот врз Иран

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Израел има право да го брани своето постоење, а по израелските напади врз Иран, наредил зголемена заштита на еврејските и израелските објекти во Германија.
Утрово телефонски разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и свика состанок на кабинетот за безбедност во Берлин, објави германската влада.
Мерц нагласи дека целта останува да се спречи Иран да развива нуклеарно оружје и го обвини Техеран дека продолжува да ги крши своите обврски од Договорот за неширење на нуклеарно оружје и дека претставува сериозна закана за регионот, особено за Израел.
Тој ги повика двете страни да се воздржат од потези што би можеле дополнително да го ескалираат конфликтот и да го дестабилизираат Блискиот Исток.
Синоќа Израел изврши воздушен напад врз повеќе цели во Иран како дел од операцијата „Стоечки лав“. Според израелски воени извори, погодени се објекти поврзани со нуклеарната програма на Иран и воени локации, вклучувајќи го и клучниот комплекс за збогатување на ураниум во Натанц. МААЕ потврди дека Натанц е меѓу нападнатите локации и е во контакт со иранските власти за следење на нивото на зрачење.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека целта на операцијата е да се „неутрализира егзистенцијална закана“, истакнувајќи дека Иран со години развива нуклеарни капацитети и отворено се заканува дека ќе го уништи Израел. Иран го затвори својот воздушен простор, а израелската војска го подигна нивото на тревога за можен одговор, вклучително и лансирање беспилотни летала и ракети од Иран и територии контролирани од проирански групи.