Свет
Французите ќе добијат прирачници за преживување од закана; Макрон: Сакам да бидеме подготвени
Француската влада наводно планира да испрати прирачник за преживување до секое домаќинство во земјата со упатства како да се подготват за непосредна закана, вклучувајќи вооружен конфликт, здравствена криза или природна катастрофа, пишува „Гардијан“. Доколку биде одобрена од премиерот Франсоа Бајру, брошурата од 20 страници ќе биде испратена до домаќинствата пред летото, објавија француските медиуми.
Брошурата ќе биде поделена на три дела: совети за тоа како да се заштитите себеси, но и вашите најблиски, што да направите ако заканата стане неизбежна – со список на броеви за итни случаи, радиоканали и потсетник да се затворат вратите и прозорците ако заканата е нуклеарна и детали за тоа како да се вклучите во одбраната на заедницата, вклучително и пријавување за резервни единици или противпожарни групи.
Тие исто така ќе предложат да се состави комплет за преживување, кој треба да содржи најмалку шест литри вода, десетина лименки храна, батерии и батериска ламба, како и основни медицински материјали, вклучувајќи „парацетамол“, облоги и солен раствор, јавува Радио Европа 1, кое ја објави оваа приказна.
„Целта на овој документ е да се обезбеди отпорност на населението на сите видови кризи, без разлика дали се природни, технолошки, сајбер или поврзани со безбедноста“, рече портпаролот на кабинетот на премиерот. Кабинетот на францускиот премиер не одговори на барањето на „Гардијан“ за потврда на оваа информација.
Извештајот доаѓа откако Емануел Макрон рече дека Франција ќе ги забрза и ќе ги зголеми нарачките за борбени авиони „рафал“ зајакнувајќи ги воздухопловните сили на земјата да се подготви ако сака да избегне војна.
Претходно овој месец, Макрон ги повика Франција и Европа да се подготват да се соочат со руската закана и можноста Америка да се повлече од континентот. „Сакам да верувам дека САД ќе останат со нас, но мора да бидеме подготвени ако не го сторат тоа“, рече тој во обраќањето до нацијата. „Русија стана, во овој момент и во годините што доаѓаат, закана за Франција и Европа“, додаде тој.
За време на вчерашната посета на воена база во источна Франција, Макрон рече дека одлуката за дополнителни инвестиции во воена опрема како одговор на ескалацијата на настаните во светот ќе биде објавена во наредните недели.
„Нашата земја и нашиот континент мора да продолжат да се бранат, опремуваат и подготвуваат ако сакаме да избегнеме војна. Никој не може да каже што ќе се случи во месеците или годините што доаѓаат. Она што јас сакам е да бидеме подготвени. Она што сакам е да бидеме заштитени“, рече францускиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

